113/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јануари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 ставови 2, 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Републикка Македонија“ бр.36/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 15 од Законот биле „неодржливи“ во нашиот правен поредок од уставноправен аспект, затоа што било предвидено на лицето во служба во Армијата да му се предаде наредбата „записнички“ и по потпишувањето, во рок од 8 дена имал право на жалба против така предадената наредба, наместо на лицето да му се предаде целата наредба како управен акт со право на употреба на правни средства. Од овие причини оспорените одредби од членот 15 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 50 став 2, член 51 и Амандманот XXI од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот со наслов „Права и обврски на воениот и цивилниот персонал“, со поднаслов „Надлежност за донесување наредби“ се предвидени одредбите од членовите 13, 14, 15 и 16, со кои е уредено кои ги донесуваат наредбите за поставување, унапредување, разрешување, преместување, упатување, застапување и други односи во службата, потоа е уредено правото на жалба против наредбите и други прашања во врска со наредбите.

Во членот 13 од Законот е предвидено:

(1) Наредба за поставување, унапредување, разрешување, преместување, упатување, застапување и други односи во службата донесуваат:

– министерот за одбрана или од него овластено лице за офицерите со чин полковник и за воените старешини поставени на должност во Министерството за одбрана, воените претставништва и другите мисии и тела,
– началникот на Генералштабот во Армијата за офицерите со чин мајор и потполковник и за сите воени старешини заклучно со чин потполковник, професионалните војници и цивилниот персонал поставени на должност во Генералштабот на Армијата,
– командантот на потчинетата кокманда на Генералштабот на Армијата за воените старешини до чин капетан, професионалните војници и цивилниот персонал поставени на должност во потчинетата команда и
– командантот на потчинетата единица на Генералштабот на Армијата за професионалните војници и цивилниот персонал поставени на должност во потчинетата единица.

(2) Наредба за преместување на активниот воен персонал до чин потполковник од една во друга потчинета команда донесува началникот на Генералштабот на Армијата.

Во членот 14 од овој закон е предвидено:

(1) Против наредбите од членот 13 на овој закон, во рок од осум дена, може да се изјави жалба, и тоа:

– против наредбите донесени од министерот за одбрана или од него овластено лице до второстепената комисија на Владата на Република Македонија,
– против наредбите донесени од началникот на Генералштабот на Армијата до министерот за одбрана и
– против наредбите донесени од командантот на потчинета команда до началникот на Генералштабот на Армијата.

(2) Жалбата изјавена против наредбите за поставување, преместување, упатување, застапување и разрешување не ја задржува наредбата од извршување.

Во членот 15 од овој закон е предвидено:

(1) Наредбата од членот 13 на овој закон за воениот и цивилниот персонал се изготвува во писмена форма и претставува составен дел на персоналното досие.
(2) Наредбата од членот 13 на овој закон на воениот и цивилниот персонал му ја соопштува првопретпоставениот старешина.
(3) За соопштувањето на наредбата се составува записник кој го потпишуваат лицето на кого му се соопштува наредбата и првопретпоставениот старешина.
(4) Примерок од записникот од ставот (3) на овој член му се доставува на лицето на кого му е соопштена наредбата.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Законот за државните службеници, го уредува опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници и надлежностите на Агенцијата за државните службеници. Во членот 3-а од овој закон, се наведени државните органи и институции, меѓу кои и во Армијата на Република Македонија, во кои одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања.

Законот за служба во Армијата на Република Македонија, определил дека со овој закон се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (воени должности, должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установи, служби, воени претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обуки и хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно со ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила), ова согласно членовите 1 и 2 од Законот. Службата во Армијата ја врши воен и цивилен персонал, кој согласно со Законот, заснова договорен работен однос.

Согласно членот 8 од Законот, воениот и цивилниот персонал е должен да извршува наредба на претпоставен старешина која се однесува на вршење на службата, односно да извршува и наредба на постар старешина кога не е присутен претпоставениот старешина и кога е неопходно да се преземаат мерки за извршување на неодложни и значајни задачи. Наредбите се издаваат усно или писмено. Според ставот 5 од овој член од Законот, наредбата не се извршува ако нејзиното извршување претставува кривично дело.

Според ставот 7 од овој член од Законот, начинот на издавање и извршување на наредбите ги пропишува претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата.

Имајќи ги предвид погоре цитираните одредби од членовите 13, 14 и 15 од овој Закон, а поаѓајќи од тоа дека „наредбата“ согласно овој Закон, има посебен правен режим на правен акт кој се донесува и во кој се утврдуваат одредени права и обврски, на начин пропишан со акт на врховниот командант на Армијата, произлегува дека „наредбата“ не може автоматски да се поистоветува со управните акти и примената на правилата на Законот за општата управна постапка кој согласно членот 3 има само супсидијарна примена, туку станува збор за законска надлежност за донесување на „наредби“, во рамки на вршење на служба во Армијата, кои треба да се извршуваат заради непречено функционирање на работите и задачите на службата во Армијата.

Впрочем, наредбата може да е сложена, со повеќе обврски, формациски и други податоци, имања на лица во врска со работата, па оттука само делот, кој се однесува за конкретното лице записнички може да му се пренесе на тоа лице и во тој дел, од денот на потпишување на записникот, законодавецот со одредбите од членот 15 од Законот, дозволил и право на жалба против издадената наредба примена во конкретниот дел од конкретното лице и во врска со тие права и обврски. Имајќи го предвид изнесеното и од анализата на оспорените одредби од Законот, не е јасна намерата на подносителот на иницијативата, предметното законско решение уставно да го проблематизира, кое е во суштина поволно за лицето кому наредбата му е дадена на извршување, при што лицето ја прима и се запознава со наредбата и има право на жалба, согласно одредбите од членот 13 од овој Закон.

Поради тоа, а и поради отсуството на аргументи во иницијативата, освен изнесеното мислење дека законодавецот поинаку требал да ги нормира предметните прашања во врска со формата на актот и примањето на актот – наредбата од страна на лицето во служба во Армијата, сметаме дека пред Судот не може основано да се постави прашањето на согласноста на оспорените одредби од членот 15 од Законот, со Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.113/2010
12 јануари 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски