У.бр.113/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за спроведување на Законот за данок на додадена вредност, донесен од министерот за финансии („Службен весник на Република Македонија“ бр.65/1999, 17/2000, 28/2000, 66/2000, 29/2003, 90/2005 и 106/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбите од Законот за данок на додадена вредност наведени во воведот на оспорениот правилник (1) не го овластуваат министерот за финансии да донесе правилник за спроведување на целиот Закон за данок на додадена вредност, туку го овластуваат да ги разработи само одделните одредби од тој закон, па бидејќи оспорениот правилник определува спроведување на целиот Закон, тој Правилник (2) излегол надвор од законските рамки, (3) навлегол во законодавната власт односно (4) вовел плаќање на данок што може да се определи само со закон, поради што Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4,член 33,член 51,член 68 став 1 алинеи 2 и 3,член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, потоа со членот 49 став 1, член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 1 од Законот за данокот на додадена вредност.

3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Правилникот го разработува членот 14 од Законот за данок на додадена вредност според кој министерот за финансии е овластен да го утврди местото на вршењето на одделни услуги; членовите 2-4 од Правилникот го определуваат начинот на докажување на даночното ослободување, за што министерот за финансии има овластување во член 26 став 4 од Законот; членовите 5 – 8 од Правилникот се однесуваат на начинот на одбивка на претходно платени даноци и исправка на одбивката, со што се разработуваат овластувањата на министерот за финансии утврдени во член 34 став 3, член 36 став 2 и член 37 став 6 од Законот; член 9 од Правилникот го операционализира членот 38 став 5 од Законот во кој е содржано овластувањето на министерот за финансии да ги определи евиденциските обврски на тур-операторите како даночни обврзници; член 10 од Правилникот ја разработува постапката за продолжување на рокот за плаќање на данок на додадена вредност при увоз кај даночните обврзници кои имаат право на одбивка на претходно платен ваков данок, за што министерот за финансии има овластување во член 43 став 9 од Законот; членовите 11 – 14 од Правилникот ја уредуваат постапката за враќање на претходно платениот данок на определени даночни обврзници (без седиште во Република Македонија, на хуманитарни организации, на странски дипломатски и конзуларни претставништва и нивните членови во Република Македонија, на меѓународните организации и нивните членови), за што постојат законски овластувања на министерот за финансии во членовите 46, 47 став 2, 48 став 4 и 49 став 2 од Законот; членовите 15 – 17-а од Правилникот ги разработуваат евиденциските обврски на даночните обврзници, што е согласно на овластувањето на министерот за финансии определено во член 52 став 6 од Законот, а членовите 18 – 23 од Правилникот го уредуваат начинот на издавање фактури во одредени ситуации (олеснувања, при различни даночни стапки, во посебни случаи, при нерегистрирани даночни обврзници, пред регистрација на даночен обврзник, за определени организации и лица), за што постои законско овластување на министерот за финансии во член 53 став 11 од Законот; членовите 24 – 26 од Правилникот се однесуваат на прашања за регистар – каси и сметки, за кои прашања министерот за финансии има овластување во член 54 став 4 од Законот; членот 27 од Правилникот го уредува начинот на докажувањето на условите за користење на правото на одбивка на данокот за производи на залиха, за што министерот за финансии има овластување во член 63 став 3 од Законот за данок на додадена вредност.

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека одредбите од Правилникот разработуваат одделни одредби од Законот за данок на додадена вредност за кои министерот за финансии има законски овластувања, а не целиот Закон и без да се има овластување за тоа.

4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник не го содржи она што се оспорува (спроведувањето на целиот Закон за данок на додадена вредност), Судот оцени дека има процесни пречки за оценување на оспорениот правилник од наведениот аспект, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.113/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е

лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи