11/2011-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 4 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на членот 46 став 2 алинеја 2 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Дељо Кадиев, адвокат од Скопје, со Решение У.бр. 11/2011 од 9 февруари 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите на Уставот.

3. Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, во предвидениот рок, не достави одговор на наводите од Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 46 став 2 алинеја 2 од Законот за судија на Вишиот управен суд може да биде избрано лице кое има работно искуство од најмалку три години непрекинат судиски стаж како судија во Управниот суд до моментот на пријавувањето за избор и кое во последната година од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценето со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со закон или лице кое има шест години стаж на правни работи во државен орган со потврдени резултати во работата или кое во последната година е оценето со највисока позитивна оцена, согласно со закон.

5. Судот со Решение У.бр. 11/2011 од 9 февруари 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, означен во точката 1 од решението, бидејќи Судот изрази сомневање за согласноста на оспорената одредба од членот 46 став 2 алинеја 2 од Законот со одредбите од член 9 став 2, член 23 и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што, со самото конкретизирање на судoт во оспорената законска одредба од каде може да се врши избор на судии, призлегува дека другите судии кои ја извршуваат судската функција во другите видови судови, според ова законско решение, не можат да бидат избрани за виш управен судија. Во конкретниот случај, законодавецот со оспореното законско решение, не ги опфатил и другите лица кои вршат судска функција во останатите судови. Оттука, произлегува дека законодавецот при креирањето на оспорената законска одредба, точно конкретизирал кои лица, од кои државни органи и со каква професија, можат да бидат избрани како виш управен судија. Ова дотолку повеќе што лицата судии, не можат да се подведат под категоријата лица кои работат на “правни работи” во државен орган, која категорија, тргнувајќи од целината на оспорената законска одредба, јасно упатува дека станува збор за лица од државните органи кои не вршат судска функција, туку “правни работи”. Поаѓајќи од изнесеното, Судот изрази сомнение дека со оспорената законска одредба, се ставени во привилегирана положба лицата кои вршат судска функција во Управниот суд во однос на лицата кои вршат судска функција во останатите судови, по однос достапноста за избор на конкретната судска функција за кое подеднакво ги исполнуваат сите претходни услови, спротивно на уставните начела за еднаквост и достапност на секое работно место, односно функција.

6. На одржаната седница на 4 мај 2011 година, Судот не го изгласа предлогот за поништување на оспорената одредба од Законот, а при повторното гласање, Судот не го изгласа ниту предлогот за нејзино укинување, поради што Судот одлучи да ја запре постапката по овој предмет.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и др Зоран Сулејманов.

У. Бр. 11/2011
4 мај 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски