11/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 130 став 1 точка 3 од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 50/2001, 25/2003 и 40/2003).

2. Станка Митева од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба граѓаните биле доведени во нерамноправна положба спротивно на членот 9 од Уставот на Република Македонија, поради тоа што со неа се предвидувало работниците кои оствариле ист работен стаж да не добиваат еднаква испратнина од последниот работодавец каде им престанал работниот однос поради технолошки вишок, бидејќи работодавецот не бил должен во пресметувањето на висината на испратнината да го вклучи и работниот стаж на работникот остварен кај други работодавци.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 130 став 1 од Законот за работни односи, ако на работникот му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот е должен да му обезбеди едно од наведените права, меѓу кои во точката 3 е предвиден еднократен надомест во вид на испратнина во висина на едномесечна плата на работникот до три, односно за секои три години работен стаж наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, а најмногу осум месечни плати остварени во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.

4. Според членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Во членот 58 став 1 од Уставот е определено дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Поаѓајќи од основите на економските односи со кои се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, кои се утврдени со Уставот и имајќи го предвид уставното начело дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, произлегува и определбата во Законот за работни односи дека работниот однос е доброволен, договорен однос помеѓу работникот и работодавецот.

Според тоа за работодавецот од една страна и работникот од друга страна настануваат права и обврски од моментот на склучувањето на тој договор.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот за работни односи со која се предвидува дека работникот на кој поради економски, технолошки, структурални или слични промени ќе му престане работниот однос има право на испратнина во зависност од работниот стаж поминат кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, не се нарушува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено во членот 9 од Уставот на Република Македонија. Имено, врз основа на оспорената законска одредба работодавецот е должен да им исплати испратнина во одредена висина, за она време и на оние работници кои учествувале во создавањето на капиталот без оглед на стажот поминат кај друг работодавец, што е во согласност со основите на општествено-економскиот систем и уставниот поредок утврден со Уставот на Република Македонија. Воедно правото на испратнина кое е предвидено со Законот важи и се однесува еднакво за сите граѓани кои ги исполниле условите пропишани со Законот.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.11/2004
9 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова