111/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 263 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Благоја Пандовски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 263 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со начелото на владеење на правото како и со Амандманот XXI точка 1 став 1 со кој се заменува членот 15 од Уставот. Со Амандман XXI точка 1 став 1 се гарантира правото на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд, а од содржината на Амандман XXI точка 1 став 2 можело јасно да се забележи дека загарантираното право од став 1 се уредува со закон, но тоа во никој случај не значело дека уредувањето со посебни закони би значело анулирање на гарантираното право на жалба.

Понатаму, подносителот наведува дека имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, јасно било дека не било дозволено посебна жалба, но согласно Уставот и законот дозволено е решенијата што ги носи претседателот на советот во текот на подготвување на главната расправа да се обжалат со жалба против пресудата или решението со кое се решава мериторно во постапката. Оттука, на прв поглед оспорената одредба била уставна, меѓутоа доколку подлабоко се анализира нејзината содржина, а особено ако се земе предвид нејзината примена во судовите јасно можело да се забележи дека со неа грубо се кршело загарантираното право на жалба.
Правото на жалба во суштина требало да претставува ефективно истакнување на истата и отклонување на спорните повреди направени со обжалената одлука. Истакнувањето на жалба откако спорот бил мериторно решен нема ист ефект во отстранување на негативните последици од претходно донесено решение, како што тоа би го имала жалбата на самото решение.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 263 став 1 од Законот кој е поместен во Глава XIX „Подготвување на главна расправа“ е предвидено дека во текот на подготвувањето на главната расправа до рочиштето на главната расправа претседателот на советот е овластен да одлучува за стапувањето на претходникот во парница, за учество на замешувачот, за обезбедувањето на докази, за преиначувањето на тужбата, за трошоците на постапката во случај на повлекување на тужбата, за прекинувањето на постапката, за привремени мерки за обезбедување, за спојување на постапки, за раздвојувањето на постапката, за определувањето на судските рокови или нивно продолжување, за закажување на рочишта или за нивното одлагање, за враќање во поранешна состојба поради пропуштање на рок или рочиште, за ослободување на странката од плаќање на трошоците на постапката, за обезбедување на парнични трошоци, за полагањето на аванс на име трошоци за преземање на одделни дејствија во постапката, за назначувањето на привремен застапник, за доставувањето на судските писмена, за мерките за исправање на поднесоците, за уреденоста на полномоштијата како и за сите прашања што се однесуваат на управувањето со постапката.

Во оспорениот став 2 на член 263 од Законот е предвидено дека: “Против одлуките што ги донесува претседателот на советот во текот на подготвувањето на главната расправа, а кои се однесуваат на управувањето, не е дозволена посебна жалба.”

4. Sporeд член 8 став 1 alineите 1 i 3 od Ustavot,основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното pravo i utvrdeni so Ustavot, kako i vladeeweto na pravoto, se utvrdeni kako edni od temelnite vrednosti na ustavniot poredok na Republika Makedonija.

Според член 15 став 1 од Уставот (членот 15 e zamenet so Amandmanot XXI), се гарантира правото на жалba protiv odluki doneseni vo postapka vo prv stepen pred sud.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со Законот за парнична постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓаните во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и други граѓански права, односно на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено за нив судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.

Согласно член 121 од Законот, Судот донесува одлуки во форма на пресуда или решение.

За тужбеното барање судот одлучува со пресуда, а во постапка поради смеќавање на владение со решение, а во постапка за издавање на платен налог решението со кое се усвојува тужбеното барање се донесува во форма на платен налог. Одлуката за трошоците во пресудата се смета за решение.

Во Законот за парничната постапка во поголем број на одредби се предвидени случаите кога судот во текот на постапката донесува решенија како и тоа дали против тие решенија е дозволена посебна жалба, не е дозволена посебна жалба и решенија против кои не е дозволена жалба.

Во оспорениот член 263 став 2 од Законот е утврдено дека против одлуките што ги донесува претседателот на советот во текот на подготвувањето на главната расправа, а кои се однесуваат на управувањето со постапката не е дозволена посебна жалба.

Во одредбите од 368 до 371 од Законот поместени во делот „Жалба против решение“ е определено дека против решение на првостепен суд е дозволена жалба, ако со овој закон не е определено дека жалба не е дозволена.

Ако овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечна одлука.

Имајќи предвид дека постапката пред судот се уредува со закон и судот е должен да постапува согласно законот кога е во прашање управувањето на постапката, Судот оцени дека законско решение во случаите кога се исклучува правото на посебна жалба , а кои се однесуваат на управувањето со постапката не е во несогласност со Уставот. Ова од причина што законодавецот, почитувајќи го уставно гарантираното право на жалба , а со цел да се испита законитоста на овој вид на решенија кои можат да бидат од влијание на одлуката за главната работа, а при тоа, да се спречат евентуалните злоупотреби пропишал дека против решенијата кои се однесуваат на управувањето со постапката, жалба може да се изјави по конечната одлука.

Или , поточно речено , со оспореното законско решение не се исклучува правото на жалба против решението, туку остварувањето на правото на жалба е одложено до моментот на донесување на конечната одлука на судот за главната работа.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби и анализата на целината на Законот за парничната постапка наспрема наводите во иницијативата дека со оспорениот член 263 став 2 од Законот се повредувало начелото на владеење на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд, Судот оцени дека истите се неосновани, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот член со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во врска со наводите во иницијативата дека во примената на оспорениот член грубо се кршело загарантираното право на жалба, Судот оцени дека прашањето на практичната примена на законските норми, а вклучитело и примената на оспорениот член е прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува .

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.111/2011
6 јули 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски