111/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 став 4 алинаја 2 и член 19 алинеја 3 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2008).

2. Стамен Филипов, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, во конкретниот случај станувало збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за прекршок која настапувала по сила на закон. Казнено-правниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот, а натамошните последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело, која се состоела во ограничување на правата на граѓаните, не било допуштено, освен ако тоа не било изречно допуштено со Уставот на Република Македонија. Поради наведеното, подносителот на иницијативата, предложи, поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот, поради нивна несогласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 14 став 4 алинеја 2 од Законот, е определено дека Владата, може да го разреши претседателот или член на Управниот одбор пред истекот на мандатот и во случај кога му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата.

Судот, исто така, утврди и дека со оспорениот член 19 став 1 алинеја 3 од Законот, е определно дека директорот на Агенцијата, може да биде разрешен пред истекот на мандатот и во случај кога му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 12 од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 98/2008), органи на управување на Агенцијата за управување со одземен имот се Управниот одбор и директорот.

Согласно членот 14 став 1 од Законот, членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за период од пет години, без право на повторен избор.

Со оспорениот член 14 став 4 алинеја 2 од Законот, е определено дека Владата, може да го разреши претседателот или членот на Управниот одбор пред истекот на мандатот и во случај кога му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата.

Според член 16 од Законот, со Агенцијата раководи директор кој го избира и разрешува Владата на Република Македонија, за време од пет години, а според член 18 од истиот закон, директорот има мандат кој трае пет години.

Со оспорениот член 19 став 1 алинеја 3 од Законот, е определно дека директорот на Агенцијата, може да биде разрешен пред истекот на мандатот и во случај кога му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност на раководно лице во институцијата.

Наводите во иницијативата дека овие законски решенија предвидувале натамошни последици од извршување на прекршок, односно од осудата за тоа дело, со што ги ограничувале правата на граѓаните, се неосновани.

Согласно член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008 и 114/2009), забраната на вршење професија, дејност или должност е една од казните кои може да им се изречат за извршени кривични дела на кривично одговорните сторители. При тоа, во ставот 6 на овој член е утврдено дека казната забрана на вршење професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор. Согласно член 38-б од овој законик, Судот може на сторителот на кој му изрекол казна затвор или условна осуда со која е утврдена казна затвор да му забрани вршење определена професија или дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на кривично дело и ако врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело. Судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење.

Согласно член 13 точка 5 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006), забраната на вршење професија, дејност или должност претставува санкција која може да се изрече за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители. Според член 22 од овој закон, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок. Траењето на забраната го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.

Со оглед на тоа што во Кривичниот законик и во Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана, според Судот, разрешувањето на претседателот или членот на Управниот одбор, односно директорот на Агенцијата, поради изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека законските решенија од оспорените одредби од Законот, не ги доведуваат истите под сомнение за нивна согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 111/2009
24 март 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски