111/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 мај 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кирил Спасов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него се изедначувале наставниците – учителите со завршен Педагошки факултет и Педагошка академија со дипломираните педагози, односно било предвидено и педагозите како несоодветен кадар да бидат избрани за наставници во одделенска настава, иако според ставот 1 на член 66 тие биле третирани како стручни работници, а факултетот го завршиле по сосема различни наставни планови и програми, што не биле соодветни за изведување на одделенска настава. Поради тоа оспорените одредби не биле во согласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 66 од Законот се утврдени условите за остварување на воспитно-образовната дејност во основното образование, при што во став 1 на овој член е предвидено дека оваа дејност ја остваруваат наставници, стручни работници (педагог, психолог, дефектолог, социјален работник, библиотекар) и воспитувачи. Од оваа одредба е видно дека педагозите се сврстени во стручни работници. Меѓутоа, во оспорениот став 2 на член 66 од Законот е предвидено дека наставник односно учител во одделенска настава може да биде лице со завршен Педагошки факултет, филозофски факултет – Институт за педагогија и Педагошка академија – одделенска настава. Според став 9 на овој член стручен работник во основното училиште може да биде лице со соодветно више односно високо образование.

4. Според член 44 од Уставот на Република Македонија секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденот за време на привремена невработеност, според ставот 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со член 2 од Законот за работните односи, работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија може да донесува закони, меѓу другото, и за уредување на односи поврзани со остварувањето на правото на човекот и граѓанинот на основно образование. Заради посебниот карактер на воспитно-образовната дејност постои уставна можност со закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, во смисла на утврдувањето на стручната подготовка на наставниците.

Во таа смисла, со Законот за основното образование, покрај другото, се уредува дека таа дејност во основното образование можат да ја вршат учителите, наставниците, стручните работници и воспитувачите. Понатаму, се утврдуваат условите и начинот на изборот на тие лица.

Притоа, според мислењето на Судот, работа е на целесообразност кој степен и кој вид на образование ќе биде одреден за вршење воспитно-образовна дејност во одделенска настава, односно дали за вршење на оваа дејност ќе биде определен само еден, два или и повеќе степени и видови на образование. Според тоа, дали одреден вид на образование е соодветен за изведување на воспитно образовната дејност во основното образование е прашање што го оценува законодавецот.

Од тие причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

Понатаму, тргнувајќи од правото на законодавецот да ги утврди условите за вршење на воспитно-образовната дејност, Судот смета дека со Законот под еднакви услови е дадена можност на сите граѓани што ги исполнуваат предвидените услови да вршат воспитно образовна дејност, со што не се повредува уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот.

Во однос на наводот од иницијативата дека постои меѓусебна неусогласеност на одредбите од член 66 на Законот, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за ова прашање.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.111/96)