У.бр.110/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на

2. Саша Богдановиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со поднесената иницијатива се оспоруваат 40 одредби од Законот за јавните претпријатија, кои во поголем дел се поместени во поглавјето од Законот со наслов: „Положба на вработените во јавното претпријатие„ и истите се доведуваат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3, 7 и 9, член 9, член 23, член 32, член 51, член 55, член 58 и член 115 од Уставот. Истовремено подносителот на иницијативата упатува на нивна противречност со одделни одредби од Законот за работните односи, Законот за трговските друштва, Законот за локалната самоуправа, како и со Законот за комуналните дејности.

Во образложението на иницијативата подносителот ги наведува одредбите од Уставот и од наведените закони, при тоа цитирајќи ги дефинициите за дејностите од јавен интерес, дефинициите на поимот претпријатие утврден во Законот за трговските друштва, како и во Законот за работните односи, укажувајќи на неконзистентноста на уредените поими во двата закони.

Понатаму, во иницијативата се наведува основната дефиниција на работен однос и работодавач утврдена во Законот за работните односи, која, според подносителот на иницијативата при спроведувањето на Законот за јавните претпријатија би значело дека на страната на работодавачот немало слободна волја, туку однапред пропишани детерминирачки услови.

Во иницијативата, подносителот на иницијативата прави паралела со Законот за комунални дејности, Законот за локалната самоуправа и Законот за работните односи, односно преку компаративните согледувања на подносителот на иницијативата се сака да се доведат под сомнение оспорените законски одредби со Уставот и наведените закони. Поточно, во иницијативата се наведува дека побиваните делови од Законот за јавните претпријатија содржеле дискриминаторски одредби, бидејќи во смисла на член 23 од Уставот секој имал право да учествува во вршењето на јавните функции.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови од Законот предвидуваат:

Член 11 став 1 точка 6

„Основачот на јавното претпријатие дава согласност на:

6….. Актот за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените во јавното претпријатие“.

Член 17 став 3 алинеи 5 и 6

„За претседател и член на управниот одбор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:




– поседува еден меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и тоа за претседателот: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFEL IBT) – најмалку 45 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 35 бода, ПЕТ (Combrige English Preliminari) – положен или БУЛАТС (BULATS) – најмалку 40 бода, а за членовите: ТЕОФЕЛ ИБТ (TOEFEL IBT) – најмалку 30 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 3 бода, КЕТ (КЕТ) (CANIBRIDGE ENGLICSH) – положен, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 20 бода, и – има положено психолошки тест и тест за интегритет“.

Член 23 став 4 алинеи 5 и 6

„За директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:




– поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и тоа: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFEL IBT) – најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC Cambridge Englicsh Firgt) – положен или БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода, и има положено психолошки тест и тест за интегритет“.

Член 26 став 3 алинеи 5 и 6

„За член на надзорниот одбор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
__
__
__

– поседува еден меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и тоа за претседателот: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFEL IBT) – најмалку 3,5 бода, ПЕТ (Canbridge Englicsh Preliminary) – положен, БЕК П (Businese Englicsh Certificate Preliminary) – положен или БУЛАТС (BULATS) – најмалку 40 бода, а за членовите: ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFEL IBT) – најмалку 30 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 3 бода, КЕТ (КЕТ) (Canbridge Englicsh) – положен или БУЛАТС (BULATS) – најмалку 20 бода, и
– има положено психолошки тест и тест за интегритет“.
Член 37

„Работните места на вработените во јавните претпријатија се групираат во групи и подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор, и тоа:
– група I подгрупа 2 јавни службеници,
– група III подгрупа 5 даватели на јавни услуги во јавните претпријатија и
– група IV подгрупи 1, 2, 3, 4 и 5 помошно-технички лица.

Актот за систематизација на јавното претпријатие го донесува директорот по претходна согласност од управниот одбор на јавното претпријатие и од Министерството за информатичко општество и администрација во делот на усогласеноста на описите на работни места со Каталогот на работни места, утврден во Законот за вработени во јавниот сектор“.

Член 37-а

„Вработените во јавното претпријатие кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста заради која е основано јавното претпријатие имаат статус на административни службеници и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и колективните договори.
Звањата на административните службеници од ставот 1 на овој член подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие и согласно со колективните договори“.

Член 37-б

„Вработените во јавното претпријатие кои вршат работи од дејноста заради која е основано јавното претпријатие имаат статус на даватели на јавни услуги, и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработени во јавен сектор и колективните договори.
Во рамките на категориите на давателите на јавни услуги од ставот 1 на овој член се утврдуваат следниве категории и нивоа на работни места:

Категорија А раководни
Ниво А1 раководен давател на јавна услуга од прво ниво,
Ниво А2 раководен давател на јавна услуга од второ ниво,
Ниво А3 раководен давател на јавна услуга од трето ниво и
Ниво А4 раководен давател на јавна услуга од четврто ниво.

Категорија Б стручни
Ниво Б1 стручен давател на јавна услуга од прво ниво,
Ниво Б2 стручен давател на јавна услуга одвторо ниво,
Ниво Б3 стручен давател на јавна услуга од трето ниво и
Ниво Б4 стручен давател на јавна услуга од четврто ниво.

Категорија В помошно-стручни
Ниво В1 помошно стручен давател на јавна услуга од прво ниво и
Ниво В2 помошно стручен давател на јавна услуга од второ ниво.

Звањата на давателите на јавни услуги за сите категории и нивоа од ставот 2 на овој член, подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие“.

Член 37-в

„Давателот на јавна услуга од категорија А, треба да ги исполни следниве посебни услови за работното место:
– стручни квалификации: најмалку 240 кредити стекнти според ЕКТС или завршен VII/1 степен,
– работно искуство, и тоа за:
– нивото А1: најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку шест години работно искуство во струката, од кои најмалку три години на раководно работно место во приватен сектор,
– нивото А2: најмалку три години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку пет години работно искуство во струката, од кои најмалку три години на раководно работно место во приватен сектор или
– нивоата А3 и А4: најмалку две години работно искуство во струката, од кои најмалку една година на работно место во јавен сектор, односно најмалку четири години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во приватен сектор,
– активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, преку проложување на потвреда,
– познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), преку проложување на меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори, или уверение од меѓународна институција на А1 (А1) нивото на ЦЕФР, односно БУЛАТС или ТЕОФЕЛ ПБТ најмалку 310 бода, ТЕОФЕЛ ЦБТ најмалку 35 бода или ТЕОФЕЛ ИБТ најмалку 10 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ или Гете сертификат и
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место“.

Член 37-г

„Давателот на јавна услуга од категоријата Б треба да ги исполни следните посебни услови за работното место:
– стручни квалификации за:
– нивото Б1 стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VI Б степен или
– нивоата Б2, Б3 и Б4 стекнато најмалку ниво на квалификации IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКСОО или четири годишно средно образование.
– работно искуство, и тоа за:
– нивото Б1 најмалку три години работно искуство во струката,
– нивото Б2 најмалку две години работно искуство во струката,
– нивото Б3 најмалку една година работно искуство во струката, или
– нивото Б4 со или без работно искуство во струката.
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место“.

Член 37-д

„Давателот на јавна услуга од категоријата В треба да ги исполни следниве посебни услови за работното место:
– стручни квалификации: за сите нивоа – најмалку ниво на квалификации I или основно образование,
– работно искуство и тоа за:
– нивото В1 најмалку една година работно искуство во струката или
– нивото В2 со или без работно искуство во струката и
– други посебни работни компетенции утврдени во актот за систематизација на работни места за соодветното работно место“.

Член 37-ѓ

„Вработените во јавното претпријатие кои вршат помошно-технички работи со кои се овозможува непречено функционирање на јавното претпријатие имаат статус на помошно-технички лица и за нивниот работен однос се применуваат одредбите од овој закон, Законот за вработени во јавен сектор и општите прописи за работни односи.
За вработените од ставот 1 на овој член се утврдуваат подгрупи согласно со Законот за вработените во јавниот сектор.
Во секоја категорија во подгрупите од ставот 2 на овој член се утврдуваат следниве нивоа:
– помошно-технички лица од прво ниво, со најмалку ниво на квалификации IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКСОО или четиригодишно средно образование,
– помошно-технички лица од второ ниво, со најмалку ниво на квалификации III, 180 кредити според ЕЦВЕТ илии тригодишно средно образование и
– помошно-технички лица од трето ниво со најмалку ниво на квалификации I или основно образование.
Звањата на помошно-техничките лица за нивоа од ставот 3 на овој член, подетално ги пропишува директорот на јавното претпријатие во Актот за систематизацијата на работни места согласно со спецификите на дејноста која ја извршува јавното претпријатие“.
Член 37-е

„Пополнувањето на работно место на давател на јавна услуга се врши преку спроведување на постапка за:
– вработување и
– мобилност преку распоредување или преземање.
Постапката за вработување започнува со објавување на јавен оглас, по што во транспарентна, фер и конкурентна постапка на селекција се избира најдобриот кандидат за работното место и истиот заснова работен однос со работодавачот.
Постапките за мобилност се спроведуваат во транспарентна и фер постапка на распоредување, односно преземање на вработен на работно место во исто ниво во истата или друга институција и за нив важат одредбите за мобилност од Законот за вработени во јавниот сектор.
Постапките за пополнување на работно место од ставот (1) на овој член се спроведуваат по претходно известување за обезбедени финансиски средства однадлежниот орган Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно градоначалникот на единицата на локалната самоуправа за јавните претпријатија основани од единицата на локалната самоуправа“.

Член 37-ж

„За пополнување на работно место на давател на јавна услуга, кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го користи македонскиот јазик,
– да е полнолетен,
– да има општа здравствена способност за работното место и
– со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност,
Покрај општите услови за пополнување на работно место на давател на јавна услуга од ставот (1) на овој член, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови:
– да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место,
– да има соодветно работно искуство потребно за работното место и
– да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.
Како дополнителен услов за пополнување на работно место на давател на јавна услуга може да се утврди и:
– статус на дете без родители и без родителска грижа, кое до својата осумнаесетгодишна возраст имало ваков статус, согласно со закон,
– статус на лице со посебни потреби, согласно закон или
– статус на корисник на државна стипендија, согласно со закон“.

Член 37-з

„Директорот на јавното претпријатие, по претходно мислење на Министерството за информатичко општество и по претходна согласност од Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно по претходна согласност од советот на општината за јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа, подготвува годишен план за вработување во јавното претпријатие за следната година, согласно со Законот за вработени во јавен сектор.
Планот од ставот 1 на овој член во текот на годината на која се однесува може да се менува само по претходно добиена согласност од Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија, односно по претходна согласност од советот на единицата на локалната самоуправа за јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа“.

Член 37-ѕ

„Постапката за вработувањето на административни службеници во јавното претпријатие се спроведува согласно со Законот за административните службеници.
За започнување на постапка за вработување на административен службеник директорот на јавното претпријатие до Агенцијата за администрација доставува барање во кое го назначува бројот, нивоата и описите на работните места кои се предлагаат за пополнување.
Кон барањето од ставот (1) на овој член директорот на јавното претпријатие, задолжително го приложува изводот од годишниот план на јавното претпријатие во кој е предвидено пополнување на работното место, односно работните места, како и известувањето за обезбедени финансиски средства од надлежниот орган“.

Член 37-и

„За започнување на постапка за вработување на давател на јавна услуга директорот на јавното претпријатие објавува јавен оглас во кој се назначува бројот, нивоата и описите на работните места кои се пополнуваат.
Јавниот оглас за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие се објавува на интернет страницата на јавното претпријатие, како и во најмалку три дневни весници, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓасните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Во јавниот оглас се назначува нивото и посебните услови за пополнување на работните места.
Рокот за пријавување на јавниот оглас од ставот (1) на овој член не може да биде пократок од 15 дена, односно подолг од 20 дена од денот на неговото објавување во дневните весници“.

Член 37-ј

„Кандидатите за пополнување на работно место на давател на јавна услуга во јавното претпријатие поднесуваат пријава за вработување согласно со условите предвидени во огласот за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие.
Кон пријавата кандидатите задолжително ги прикачуваат потребните докази за податоците внесени во истата.
Кандидатите се должни под материјална и кривична одговорност, да потврдат дека податоците во пријавата се точни а доставените докази верни на оригиналот“.

Член 37-к

„Директорот на јавното претпријатие за пополнување на работните места за вработени со статус на даватели на јавна услуга, со решение формира Комисија за селекција за постапка за вработување на даватели на јавна услуга.
Комисијата за селекција во постапка за вработување на даватели на јавни услуги е составена од тројца раководни даватели на јавна услуга во јавното претпријатие и тоа претседател и два члена, од кои задолжително непосредниот раководител и раководителот на организационата единица за управување со човечки ресурси во јавното претпријатие, како и нивни заменици.
За јавните претпријатија во кои нема организациона единица за управување со човечки ресурси, работите на организационата единица за управување со човечки ресурси може да ги врши еден административен службеник и истиот учествува во Комисијата за селекција од ставот 2 на овој член“.

Член 37-л

„Постапката за селекција за вработување на даватели на јавни услуги во јавното претпријатие се состоиод проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите утврдени во јавниот оглас, проверка на приложените докази во пријавата и интервју„.

Член 37-љ

„По спроведување на сите фази од постапката за селекција за вработување на даватели на јавни услуги во јавното претпријатие, Комисијата за селекција изготвува конечна ранг листа од пријавените кандидати.
Комисијата за селекција го бира најдобро рангираниот кандидат и во рок од три дена го предлага на директорот на јавното претпријатие.
Во случај кога на јавниот оглас за вработување на давател на јавна услуга во јавното претпријатие нема пријавено ниту еден кандидат, јавниот оглас сеповторува“.

Член 37-м

„Директорот на јавното претпријатие, во рок од пет дена по добивањето на предлогот од членот 37-м став 2 од овој закон, е должен да донесе одлука за избор.
Одлуката за избор се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет- страницата и на огласната табла на јавното претпријатие.
Против одлуката од ставот 1 на овој член незадоволниот кандидат има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежен орган согласно со закон.
Во рок од пет дена од конечноста на одлуката за избор, директорот на јавното претпријатие со избраниот кандидат склучува договор за вработување“.

Член 37-н

„Унапредувањето на вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги се врши во транспарентна, фер и конкурентска постапка на селекција, во која врз основа на оцената за ефектот, стручноста и компетентноста на кандидатите, се избира најдобриот кандидат за работното место од редот на вработените во јавното претпријатие од страна на Комисијата за селекција за постапка за унапредување на даватели на јавна услуга по пат на интерен оглас“.

Член 37-њ

„Формата и содржината на јавниот оглас и на интерниот оглас, како и на пријавата за вработување и унапредување, начинот на спроведување на селекцијата за вработување и за унапредување, како и начинот на нивно бодирање, се утврдуваат со општ акт на јавното претпријатие што го донесува управниот одбор, на предлог на директорот“.

Член 37-о

„Вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавна услуга во остварувањето на правата и должностите од работниот однос имаат право да бараат заштита пред надлежниот суд, како и од другнадлежен орган во согласност со закон.
Надлежен орган за одлучување по жалби и приговори на вработните во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги во втор степен е управниот одбор на јавното претпријатие.
Управниот одбор одлучува по жалби и приговори на вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавни услуги во втор степен.
Жалбата го одлага извршувањето на одлуките,
Управниот одбор одлучува во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата.
За донесената одлука по изјавената жќалба, управниот одбор го известува јавното претпријатие и подносителот на жалбата, во рок од три дена од донесувањето на истата.
Против одлуката на управниот одбор може да се поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.
Доколку управниот одбор не донесе одлука во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата, вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавни услуги во рок од 15 дена по истекот на осумте дена, има право да поднесе тужба пред надлежен суд“.
Член 37-п

„Непосредно претпоставениот вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга е должен континуирано да го следи ефектот на непосредно понискиот давател на јавна услуга во текот на целата година и по потреба да предлага мерки за подобрување на истиот.
Вработените во јавното претпријатие со статус на даватели на јавна услуга задолжително се оценуваат еднаш годишно, и тоа најдоцна до 1-ви декември за тековната година.
Оценувањето од ставот 2 на овој член го врши непосредно претпоставениот давател на јавна услуга во јавното претпријатие (во натамошниот текст: оценувач).
Оценувачот го оценува квалитетот, ефективноста и ефикасноста на работењето, почитувањето на роковите и нивото на исполнување на утврдените работни цели и задачи, нивото на вклученост и посветеност на работата, придонесот во реализацијата на стратешкиот план на институцијата, реализацијата на индивидуалниот план за стручно усовршување и однесувањето на административниот службеник.
Поблиските критериуми за спроведување на оценувањето на давателите на јавни услуги во јавното претпријатие, паричната или друг вид материјална или нематеријална награда, намалувањето на плата или распоредување на работно место на пониско ниво, се утврдуваат со општ акт на претпријатието што го донесува управниот одбор, на предлог на директорот“.

Член 37-р

„Вработениот во јавното претпријатие е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место, за чија повреда одговара дисциплински.

Секој вработен во јавното претпријатие и друго лице, во согласност со закон, има право да поднесе иницијатива за покренување на дисциплинска постапка против вработен во јавното претпријатие, која треба да биде образложена.
Предлог за покренување на дисциплинска постапка против давателот на јавна услуга во јавното претпријатие поднесува непосредно претпоставениот давател на јавна услуга односно раководниот давател на јавна услуга или директорот на јавното претпријатие.
Предлогот од ставот 3 на овој член се доставува до вработениот со статус на давател на јавна услуга, против кого се покренува дисциплинска постапка.
Вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга одговара дисциплински за дисциплинска неуредност и дисциплински престап“.

Член 37-с

Дисциплинската неуредност претставува полесна повреда на работната дисциплина, работните задачи, угледот на јавното претпријатие или на вработениот, и тоа:
– непочитување на работното време, распоредот и користењето на работното време,
– неуредно чување на службените списи и податоци,
– недоаѓање на работа два работни дена во текот на една календарска година без оправдување,
– непочитување на обврската за носење на ознаките со личното име и звањето или називот,
– неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи со полесни последици од повредата,
– непристојно однесување на давателот на јавна услуга при вршење на работа и работни задачи со полесни последици од повредата,
– недомаќинско користење и употреба на доверените финансиски средства и средствата за работа,
– неоправдано не известување на непосредно претпоставениот давател на јавна услуга или директорот на јавното претпријатие, за спреченоста за недоаѓање на работа во рок од три часа и
– одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга се упатува.
Дисциплински престап претставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на јавното претпријатие или угледот на вработениот во јавното претпријатие, и тоа:
– неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи,
– непристојно однесување на вработениот со статус на вршител на јавна услуга при вршење на работа и работни задачи,
– одбивање на давање или давање на неточни податоци на институциите, односно на граѓаните и правните лица, доколку давањето на податоци е утврдено со закон,
– незаконито располагање со материјалните и финансиските средства,
– одбивање на вршење на работни задачи поврзани со работното место на кои е распореден,
– одбивање на писмена наредба за извршување на работни задачи поврзани со работата на јавното претпријатие издадени од непосредно претпоставениот вработен со статусна вршител на јавна услуга, директорот, односно раководното лице на јавното претпријатие, вослучај на неодложна потреба,
– непреземање или нецелосно преземање на пропишаните мерки за осигурување на безбедноста на доверените предмети во работа,
– предизвикување на материјална штета со намера или од крајно невнимание,
– повторување на дисцилинска неуредност повеќе од два пати во тековната година.
– примање на подароци или друг вид корист,
– злоупотреба на доверените овластувања во вршењето на работните задачи,
– злоупотреба на боледување,
– злоупотреба на лични податоци,
– злоупотреба на доверливи податоци,
– оддавање класифицирана информација со степен на тајност утврдена со закон,
– внесување и употреба, како и работење под дејство на алкохол или наркотични средства,
– непридржување кон прописите за заштита од болест, безбедност и здравје при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и на прописите за заштита на животната средина,
– поставување на личен финансиски интерес во судир со положбата и статусот на вршитеот на јавна услуга во јавното претпријатие и
– навредливо или насилничко однесување на работното место.

Член 37-т

Со одлука за утврдена дисциплинска неуредност на вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
– писмена опомена и
– парична казна во висина од 20% од висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред дисциплинска неуредност, во траење од еден до три месеци.
Со одлука за утврден дисциплински престап на административниот службеник може да му се изрече една од следниве дисциплински мерки:
– парична казна во висина од 30% од висината на едномесечниот износ на нето платата исплатена во последниот месец пред дисциплинскиот престап во траење од еден до шест месеци,
– распоредување на работно место во непосредно пониско ниво и
– престанок на работниот однос кога настапиле штетни последици за институцијата, а притоа не се утврдени олеснителни околности за вработениот со статус на давател на јавна услуга кој го сторил престапот.
При изрекување на дисциплинските мерки од ставовите 1 и 2 на овој член се земаат предвид тежината на повредата, последиците од повредата, степенот на одговорноста на давателот на јавна услуга во јавното претпријатие, околностите под кои е сторена повредата, неговото поранешно однесување и вршењето на работите, како и други олеснителни и отежителни околности кои се од значење за изрекување на дисциплинската мерка.
Збирот на паричните казни изречени на вработениот со статус на давател на јавна услуга во еден месец за дисциплинска неуредност, дисциплински престап и намалувањето на плата заради слаб ефект не може да надмине 30% од износот на неговата вкупна нето плата за тој месец.
Дисциплинските мерки против вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга за дисциплинска неуредност ги изрекува директорот на јавното претпријатие, а по претходен писмен извештај од претпоставен вработен во јавното претпријатие со статусна давател на јавна услуга.
По исклучок, доколку нема претпоставен вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга, писмениот извештај го поднесува директорот на јавното претпријатие.
Пред изрекување на мерката вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга се известува писмено за наводите што постојат против него и тој има можност да даде одговор на извештајот од ставот 1 на овој член.
Против одлуката од ставот 1 на овој член незадоволниот вработен во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.

Член 37-ќ

Директорот формира Комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплински престап (во натамошниот текст: дисциплинска комисија), во рок од осум дена од денот на поднесувањето на предлогот за покренување на дисциплинска постапка.
Дисциплинската комисија е составена од три члена и нивни заменици.
Претседател на комисијата е раководен давател на јавна услуга, а членови се двајца даватели на јавни услуги на исто ниво како вработениот со статус на давател на јавна услуга против кого се води дисциплинската постапка.
По исклучок од ставот 3 на овој член, во јавните претпријатија во кои нема раководни даватели на јавни услуги, дисциплинската комисија ја сочинуваат кои било тројца вработени со статус на даватели на јавни услуги од јавното претпријатие.
Дисциплинската комисија, по спроведената дисциплинска постапка му предлага соодветна дисциплинска мерка на директорот на јавното претпријатие.
Ако дисциплинската комисија утврди дека вработениот со статус на давател на јавна услуга не е одговорен или не се исполнети условите за донесување решение за изрекување на дисциплинска мерка, му предлага на директорот да го отфрли предлогот, односно да ја запре постапката.
Директорот врз основа на предлогот на дисциплинската комисија, донесува одлука за изрекување на дисциплинска мерка, односно за отфрлање на предлогот, односно за запирање на постапката.
Одлуката за изрекување на дисциплинска мерка се врачува лично на вработениот со статус на давател на јавна услуга, по правило во работните простории на јавното претпријатие во кои истиот работи, односно на адреса на живеалиштетот, односно престојувалиштето од кое вработениот со статус на давател на јавна услуга секојдневно доаѓа на работа.
Ако вработениот со статус на давател на јавна услуга не може да се пронајде на адресата на живеалиштето, односно престојувалиштето или ако го одбие врачувањето, решението се објавува на огласната табла во јавното претпријатие. По изминувањето на осум работни дена од денотна објавувањето на огласната табла се смета дека врачувањето е извршено.
Дисциплинската постапка завршува во рок од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решение за формирање на дисциплинската комисија.
Против одлуката од ставот 7 на овој член незадоволниот вработен со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.
Дисциплинската постапка не може да се поведе ако поминал еден месец од денот кога непосредно раководниот давател на јавна услуга, односно директорот во јавното претпријатие, дознал за повредата на службената должност.
Дисциплинската постапка не може да се поведе ако поминале три месеци од денот кога е сторена повредата на службената должност, освен кога дисциплинската постапка се поведува по наод на внатрешна ревизија за што рокот на застареност е една година.
Ако повредата на службената должност повлекува и кривична одговорност, дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на вработениот со статус на давател на јавна услуга застарува во рок од две години од денот на дознавањето за повредата.

Член 37-у

Задршката од плата, на име изречени парични казни на вработениот со статус на давател на јавна услуга за сторена дисциплинска неуредност или дисциплински престап, вклучително и намалувањето од плата како резултат на оценувањето, во текот на еден месец не може да надмине една третина од износот на неговата вкупна нето плаа за тој месец.
Ако вработениот со статус на давател на јавна услуга, му престане работниот однос во јавното претпријатие во која му била изречена парична казна, наплатата на изречената парична казна, по барање на јавното претпријатие во кое што казната е изречена, ќе ја спроведе новиот работодавач или надлежен орган во постапка утврдена со закон.

Вработениот со статус на давател на јавна услуга може да биде суспендиран од јавното претпријатие, во случаи кога против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или воврска со работата или е покрената дисциплинска постапка за дисциплински престап, а повредата е од таква природа што неговото натамошно присуство во јавното претпријатие додека трае постапката штетно ќе се одрази врз јавното претпријатие, односно ќе го осуети или оневозможи утврдувањето на одговорноста за дисциплински престап.
Суспензијата од ставот 4 на овој член трае до донесувањето на правосилно решение.

Член 37-ф

Вработениот со статус на давател на јавна услуга, кој на работа или во врска со работата, намерно или од крајна небрежност ќе предизвика штета на јавното претпријатие, одговорен е за настанатата штета и е должен да ја надомести.
Директорот со решение формира Комисија за утврдување на материјална одговорност на вработениот со статус на давател на јавна услуга.
Комисијата од ставот 2 на овој член е составена од три члена и нивни заменици.
Претседател на комисијата е раководен давател на јавна услуга, а членови се двајца вработени со статус на даватели на јавни услуги на исто ниво како вработениот со статус на давател на јавна услуга против кого се води постапка за утврдување на материјална одговорност.
По исклучок од ставот 4 на овој член, во јавните претпријатија во кои нема раководни даватели на јавни услуги, комисијата ја сочинуват кои било тројца вработени со статус на даватели на јавни услуги.
Комисијата од ставот 2 на овој член ја утврдува материјалната одговорност за постоење на сторена материјална штета, нејзината висина и начинот на сторување, кој ја предизвикал штетата и кој ќе ја надомести.
Комисијата од став 2 на овој член, за утврдената фактичка состојба поднесува извештај, врз основа на кој директорот на јавното претпријатие, донесува одлука за надоместок на штета.
Против одлуката од ставот 7 на овој член незадоволниот вработен со статус на давател на јавна услуга има право во рок од осум дена да поднесе жалба до надлежниот орган согласно со закон.

Член 37-х

Предлог за покренување на постапка за утврдување на материјална одговорност против вработен со статус на давател на јавна услуга поднесува раководниот давател на јавни услуги, односно директорот на јавното претпријатие.
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако поминале 30 дена од денот кога раководниот давател на јавни услуги, односно директорот на јавното претпријатие, дознал за тоа, освен кога постапката се поведува по наод на внарешна ревизија за што рокот на застареност е една година.
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако од денот кога е сторена материјалната штета поминала една година.
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се води подолго од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решението за формирање на комисијата од членот 37-ф став 2 од овој закон.
Против вработениот со статус на давател на јавна услуга, кој во рок од 60 дена од конечноста на одлуката за надоместок на штета, не ја надомести штетата, јавното претпријатие поведува постапка пред надлежниот основен суд.
Директорот на јавното претпријатие, може целосно или делумно да го ослободи вработениот со статус на давател на јавна услуга од надоместување на штетата, доколку таа не е сторена со намера или доколку со исплата на надоместок за настанатата штета се загрозува егзистенцијата на вработениот со статус на давател на јавна услуга и неговото семејство или во други случаи утврдени со колективен договор.
Начинот на водењето на постапка за уредување на материјална одговорност, како и формата и содржината на решението од членот 37-ф став 7 од овој закон, ги пропишува директорот на јавното претпријатие.
Ако вработениот со статус на давател на јавна услуга претрпи штета на работа или во врска со работата, јавното претпријатие е должно да му ја надомести штетата согласно со одредбите од Законот за облигационите односи.
Јавното претпријатие е должно да ја надомести материјалната штета што вработениот со статус на давател на јавна услуга во вршењето на работите и работните задачи ја предизвикал кон трети лица.

Член 37-ц

Начинот на утврдување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во јавните претрпијатија ги утврдува управниот одбор на јавното претпријатие, а вредноста на бодот на основната плата ја утврдува директорот на јавното претпријатие.

Член 37-ч

На вработениот во јавното претпријатие со статус на давател на јавна услуга му престанува работниот однос:
– со спогодба,
– по негово барање,
– по сила на закон и
– во други случаи утврдени со овој и друг закон и колективен договор.
На вработениот давател на јавна услуга му престанува работниот однос со спогодба, кога со директорот на јавното претпријатие, ќе склучи писмена спогодба за престанок на работниот однос.
На давателот на јавна услуга во јавното претпријатие му престанува работниот однос во јавното претпријатие, ако поднесе писмено барање за престанок на работниот однос.
Во случај на престанок на работниот однос по барање на давателот на јавна услуга, отказниот рок трае 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за престанок на работниот однос, освен ако созакон поинаку не е утврдено.
На давателот на јавна услуга му престанува работниот однос по сила на закон, ако:
– ја загуби работната способност со денот на доставувањето на правосилното решение за утврдување на загубената работна способност,
– му престане државјанството на Република Македонија, со денот на доставувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија,
– биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата,
– му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност, со денот на правосилноста на пресудата,
– поради издржување на казна затвор во траење подолго од шест месеци, со денот на започнувањето на издржување на казната,
– наврши 64 години старост,
– неоправдано отсуствува од работа најмалку три работни дена последователно во еден месец,
– се утврди дека при вработувањето премолчел или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување,
– во рок од три работни дена не се врати на работа по завршувањето на неплатеното отсуство поради стручното оспособување или усовршување,
– органот на државната управа, надлежен за инспекцискиот надзор, во рок од една година утврди дека вработениот е вработен спротивно на одредбите од овој закон и
– други услови согласно со овој закон и посебните закони.
Решението за престанок на работниот однос на вработениот со статус на давател на јавна услуга во јавното претпријатие го донесува директорот на јавното претпријатие.
Против решението од ставот 6 на овој член вработениот со статус на давател на јавна услуга во јавното претпријатие има право во рок од осум дена да поднесе жалба до управниот одбор на јавното претпријатие“.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспоруваат околу 40 одредби од Законот за јавните претпријатија, со наводи дека оспорените одредби содржеле дискриминаторски елементи, ограничувањето на правото на работен однос со пропишување на посебни услови, како и дека се ограничувало правото на учествување во вршење на јавни функции, што значи дека во иницијативата само се констатира повредување на одредени одредби од Уставот, но не се наведени аргументи за конкретно и поединечно оспорување на секој член од Законот поодделно.

Имено, членот 15 од Деловникот е дециден и јасен во кој таксативно е наведено што треба да содржи иницијативата, па така, меѓу другото, неопходно и составен дел на иницијативата е истата да содржи причини за оспорување на одредбите од Законот. Поаѓајќи од фактот што подносителот на иницијативата, иако истата е пообемна, само цитирал уставни одредби со кои оспорените одредби не биле во согласност, Судот оцени дека и покрај опширноста на иницијативата, истата не содржи аргументи за конкретно и поединечено оспорување на секој член посебно, односно аргументи и образложени причини за оспорување нема. Со оглед на фактот што во иницијативата согласно член 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не се изнесени наводи со причините за конкретно оспорување на сите членови од Законот за јавните претпријатија и доведување под сомнение на нивната согласност со наведените во иницијативата членови од Уставот, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата. Имено, имајќи ја предвид обемната и комплексна содржина на оспорените одредби од Законот, наспроти содржината на иницијативата, според Судот изнесените наводи во иницијативата не се доволно, односно воопшто аргументирани и како такви не можат да се стават во директна корелација со она што е предмет на уредување во оспорените одредби.

Подносителот на иницијативата исто така, бара оцена на законитоста на оспорените одредби од Законот за јавните претпријатија, кое всушност претставува барање Судот да одлучува за меѓусебната согласност на оспорените одредби од Законот, со одредби од други закони, што, според Судот е надвор од утврдените надлежности на овој суд. Имено, Уставниот суд е надлежен да одлучува само за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на прописи кои се од ист правен ранг.

Имајќи ја во вид наведената уставно-судска анализа, во отсуство на правни аргументи и образложени причини во што посебно се состои несогласноста на секоја посебна оспорена одредба од Законот со одредбите од Уставот, Судот оцени дека во конкретниов случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, во смисла на член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.110/2015
25 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева