110/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг – Скопје бр. 02-1181/8 од 17 декември 2009 година, донесена од ЈП Градски паркинг – Скопје, и Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје бр.07-5108/1 од 30 декември 2009 година. („Службен гласник на Град Скопје“ бр.14/2009)

2. Васко Штерјовски и Џеваир Османи од с. Добри Дол – Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, доплатната карта за пречекорување на дозволеното време на паркирање за сите зони се третирала како казна, па затоа во донесените одлуки потребно било да се објасни според кои законски одредби и кои членови од законот се одредувала казната. Имено, подносителите на иницијативата сметаат дека доплатната карта не била дефинирана како прекршок туку било во прашање договорната казна за граѓанинот кој не ја исполнил паричната обврска.

Според подносителите, ако доплатната карта била предвидена како прекршок, во тој случај средствата од извршените наплати би требало да се слеваат во републички буџет, што било спротивно на член 259 алинеа 3 од Законот за облигациони односи.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈП Градски паркинг – Скопје на седницата одржана на ден 20.08.2009 година, врз основа на член 19 став 2 точка 7 од Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Мкаедонија“ бр.38/1996, 9/1997, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007) и член 29 од Статутот на ЈП Градски паркинг – Скопје ја донел Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг – Скопје.

Во членот 1 од Одлуката е наведено дека со оваа одлука се утврдува Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг – Скопје за паркирање на патнички моторни возила на јавните паркиралишта од значење за градот Скопје со кои стопанисува ЈП Градски паркинг – Скопје согласно Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ број 17/2008).

Одлуката е заведена под бр. 02-1181/8 од 17 декември 2009 година и е потпишана од Претседателот на Управниот одбор Ристе Стефановски.

Судот на седницата констатира дека Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП “Градски паркинг“-Скопје, заведена под бр. 07- 5108/1 од 30 декември 2009 година, и потпишана од претседателот на Советот на Град Скопје Ирена Мишева, с.р. со оваа Одлука се дава согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП “Градски паркинг“-Скопје, донесена од Управниот одбор на ЈП “Градски паркинг“-Скопје, број 02-1181/8 од 17 декември 2009 година.

Согласно членот 2 од Одлуката, ова Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на Град Скопје”.

4. Во претходната постапка и на седницата Судот утврди дека на 15 јуни 2011 година Градот Скопје доставил до Судот дополнително известување во кое информираат дека оспорените акти престанале да важат уште пред денот на поднесувањето на иницијативата. Имено, Управниот одбор на претпријатието на седница одржана на ден 25.02.2011 година донел нов Ценовник на услуги кои што ги извршува ЈП Градски паркинг – Скопје (архивиран број 02-211/4), а Советот на Град Скопје донел нова Одлука за давање на согласност на Ценовникот на седницата од 07.03.2011 година („Службен гласник на Град Скопје“ бр.4/2011).

Со горенаведниот Ценовник, во членот 13 е утврдено дека престанува да важи Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите со архивиран број 02-1181/8 од 17 декември 2009 година. Во членот 14 од Ценовникот е утврдено дека тој влегува во сила со денот на донесување а ќе се применува по добивање на Согласност од Советот на Град Скопје.

Советот на Град Скопје на седницата одржана на 7 март 2011 донел Одлука бр. 07-985/1 од 7 март 2011 година за давање согласност на Ценовникот на услуги кои што ги извршува ЈП „Градски Паркинг“. Во членот 1 на Одлуката е определено дека со оваа Одлука се дава согласност на Ценовникот на услуги кои што ги извршува ЈП „Градски Паркинг“ – Скопје, донесен од Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, број 02-211/4 од 25 февруари 2011 година .

Во членот 2 од Одлуката е определено дека таа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

Одлуката е објавена во Службен гласник на Град Скопје бр. 4 од 14 март 2011.

Ценовникот и Одлуката стапиле во сила на 14 март 2011 година.

Од наведеното произлегува дека сметано од 14 март 2011 година, оспорената Одлука за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг – Скопје бр. 02-1181/8 од 17 декември 2009 година, како и оспорената Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје бр.07-5108/1 од 30 декември 2009 година не се веќе дел од правниот поредок.

5. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од утврдената фактичка состојба произлегува дека сметано од 25 февруари 2011 година оспорената Одлука за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП Градски паркинг – Скопје, бр. 02-1181/8 од 17 декември 2009 година, како и оспорената Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.07-5108/1 од 30 декември 2009 година не се веќе дел од правниот поредок и дека поради тоа не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2011
5 октомври 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски