110/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1, член 2, член 3 и член 5 точка 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените членови биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 и став 2, член 51, член 96, член 118 и амандманот XXV од Уставот.

Подносителот во иницијативата наведуваат дека со овој закон било обезбедено спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори, без притоа да било наведено дека станува збор за меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот и дека се давало поширок основ за примената на меѓународните договори како извор на правото.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од Законот е предвидено дека со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 2 од Законот, заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите загарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.

Судот на седницата утврди дека во членот 3 од Законот, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Судот на седницата утврди дека во членот 5 точка 8 од Законот, легитимна (објективно оправдана) цел е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, а којашто соодветствува со реалните потреби, однапред е прецизно дефинирана и е пропорционална на ефектите кои треба да се постигнат.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Во ставот 2 од овој член од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и со закон не е забрането.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Член 118 од Уставот утврдува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Начелото на уставност и начелото на законитост се неделиво поврзани и произлегуваат од положбата на Уставот како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти. Ваквата положба на Уставот во однос на другите правни акти произлегува директно од Уставот, поточно од членот 51 која е клучната уставна одредба во утврдувањето на уставноста како правен принцип и тоа како принцип на супремација и приоритет на Уставот. Од овие уставни одредби произлегува и хиерархијата на правните акти, во смисла што сите закони мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законот.

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010) се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори.

Употребувањето на терминот ратификувани меѓународни договори во членот 1 од Законот како и во други одделни одредби од Законот наместо терминот меѓународните ратификувани договори во согласност со Уставот не претставува суштинска разлика туку тоа е само поинакво терминолошко искажување на истото. Исто така, сметаме дека со наведената законска одредба или поточно со формулацијата „ратификувани меѓународни договори“ не се врши повреда на членот 118 и амандманот XXV став 2 од Уставот од причина што Законот за спречување и заштита од дискриминација прецизирал дека се однесува на ратификувани, а не на сите меѓународни договори бидејќи и во самиот амандман XXV став 2 е наведено дека судската заштита во Република Македонија се обезбедува врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Судот смета дека во овој случај, мора да се има предвид чинот на ратификација кој се врши според постапка утврдена со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998). Според него предвидено е на ратификацијата на меѓународните договори да и претходи цела постапка на оценка на усогласеноста на одредбите на договорите во согласност со Уставот и законите на Република Македонија, така што со придавката „ратификувани“ е доволно јасно дека се однесува на договори кои подлежат на ратификација во согласност со Уставот на Република Македонија. Впрочем, се подразбира дека ратификацијата треба да се направи од страна на Република Македонија.

Според тоа, меѓународните договори постануваат дел од домашното право и како такви се третираат и применуваат, бидејќи државите се обврзани да го почитуваат начелото pacta sunt servanda, со што договорот кој е во сила е обврзувачки за договорните страни и мора да биде остваруван од нивна страна во „добра верба“.

Судот оцени дека не се повредува Уставот со членот 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, со предвидувањето во оспорената одредба дека заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија, без при тоа да се наведе дека станува збор и за ратификуваните меѓународни договори. Имено, меѓународните договори кои се однесуваат на човековите права и кои се ратификувани од страна на Собранието на Република Македонија, постануваат дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон. Се подразбира дека ратификацијата треба да се направи од страна на Република Македонија. Ваквото место на меѓународните договори во хиерархиската структура на домашниот правен поредок, Уставот на Република Македонија го решава преку забраната на менување на меѓународните договори со закон. Меѓународните договори хиерархиски стојат повисоко од домашните закони.

Начелото на законитост, утврдено во оспорената одредба од членот 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација е едно од основните начела каде што се предвидени одредени права наброени во односниот член. Во тој контекст, ненаведувањето на Уставот не значи и повреда на истиот затоа што Законот за спречување и заштита од дискриминација дава пошироки основи за заштита од дискриминација од оние во Уставот, како оние ратификувани преку меѓународните договори, а воедно членот 51 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Од друга страна пак, со тоа што не е наведен терминот „ратификувани“ во член 5 точка 8 од овој Закон, Судот оцени дека не се повредува принципот на владеењето на правото. Имено, легитимна (објективно оправдана) цел, е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на ратификуваните меѓународни договори, кои се дел од домашното право, но оваа точка Судот оцени дека треба да се гледа во контекст на претходните одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Легитимната цел, која се дефинира во оспорената точка 8 опфаќа разнородни области, кои поодделно се регулираат со закони од областа на трудот, социјалните прашања, образованието и друго, како што може да се види од член 14 точка 2, 3, 8 и 9 и од член 15 точка 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Поаѓајќи од тоа дека според член 51 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, се смета дека и без експлицитно наведување на повисокиот правен основ постои обврска за севкупна законска усогласеност со уставните одредби.

Анализирајќи ги оспорените одредби, Судот утврди дека во нив има номотехнички недоследности при употреба на термините. Евидентно, недостатоците се од правно-техничка природа, но сепак не може да се постави прашањето за нивната несогласност со Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека член 1 став 1, член 2 и член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација не е во несогласност со наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2010
24 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски