110/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта на

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 126 став 2 од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Славчо Тимов, Силвана Бајрактарова, Славица Босиљанова-Стоева, Верица Зимбакова, Оливија Абрашева, Марија Стојкова и Борче Ѓузелов од Струмица, како и Елена Пашоска, Даниела Момировска, Александра Патоска, Соња Батлеска, Јане Тренчески, Сашо Темелкоски од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на ова решение.

Според наводите на подносителите на првата иницијатива оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имено, подносителите како соработници и советници во Основниот суд во Струмица и Основното јавно обвинителство пред донесувањето и стапувањето во сила на Законот за судовите се стекнале со својство кандидат за судија и во тоа својство учествувале повеќе пати на огласот за избор на судии. Меѓутоа со оспорените одредби од Законот за судовите им се повредувало, односно им се ограничувало веќе стекнатото право да по истекот на 5 години, сметано од почетокот на работата на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да учествуваат како кандидати во изборот на судии и јавни обвинители без посета на посебна обука во Академијата, а која обука тие ја стекнале преку долгогодишно работење во суд.

Според наводите на подносителите на втората иницијатива, член 126 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, 32 став 2 и член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што со оспорената одредба се фаворизирала една категорија на граѓани кои успешно ја звршиле Академијата, а додека пак останатите и ако им било загарантирано правото на работа со Уставот биле ставени во понеповолна положба после три години од денот на првото стекнување на својството на кандидат за судии и јавни обвинители, да можат да конкурираат за судии и јавни обвинители. Сите дипломирани правници со положен правосуден испит кои до денот на стапување во сила на новиот Закон за судовите и имале пет години работа на правни работи по полагање на правосудниот испит имале стекнато право според тогаш важечкиот Закон за судови, а стекнатите права не можеле да бидат изгубени ниту потоа дополнително условувани што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот.

Понатаму според подносителите на иницијативата, дообуката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители можело да се однесува само на кандидати кои во моментот на донесување на новиот закон го немале исполнето условот за кандидат за судии, односно го немале правото да се пријават на оглас за избор на судии.

Оттука, сите кандидати кои го исполнувале условот за избор на судии со Законот за судовите, а заради нивно дообучување единствено можело да бидат опфатени со програма за едукација согласно член 45 од Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители со што истиот член би бил проширен и на стручни соработници кои го исполнуваат условоот за кандидати за судии.

4. Судот на седницата утврди дека според член 126 став 1 од Законот за судовите „до првото стекнување на својство на кандидати за судии согласно Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, судиите на основните судови ќе се изберат согласно со условите од членот 43 ставовите 1 и 2 на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003).

Според став 2 на овој член „во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидат за судија согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Судскиот совет до 50% од утврдените слобдни судиски места за основните судови ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за судии на основните судови согласно со член 43 став (1) и (2) од Законот за судови („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители“.

Според член 127 од Законот, со денот на примена на овој закон престанува да важи Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003) освен одредбите од член 43 став (1) и (2) од Законот кои ќе престанат да важат по истекот на рокот утврден во членот 126 од овој закон.

5. Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и принципот на владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверувње, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 од Уставот, покрај правото на работа, слободниот избор на вработувањето и достапноста на секое работно место на секому, под еднакви услови, е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 54 став 4 од Уставот е утврдено забраната на повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби неспорно е дека државата има право да ги уредува правата на вработените и нивната положба, а пред се на вработените во нејзините органи и институции меѓу кои да ги утврди условите, начинот и постапката за избор на носители на јавни функции.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното наспрема содржината на одредбата од член 126 став 1 од Законот за судовите, според Судот, право е на законодавецот при промена на режимот на уредување на прашањето за потребните услови за избор на судии во основните судови да го уреди и преминот од стариот во нов режим (преоден режим) на начин што ќе овозможи за одреден период судиите во основните судови да бидат избрани според претходниот режим, а со цел да не биде доведен во прашање континуитетот и непреченото вршење на судската функција.

Според тоа Судот оцени дека оспорената одредба од член 126 став 1 од Законот за судовите не може да се подведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

Оспорениот член 127 од Законот се наоѓа во главата Преодни и завршни одредби, и со него се утврдува дека со примената на овој закон, престанува да важи претходниот Закон за судовите, освен одредбите поврзани со преодниот режим утврден во член 126 на Законот, за кој режим Судот оцени дека не ги повредува уставните начела.

Поради наведеното, а имајќи го предвид карактерот и улогата на оспорената одредба, Судот оцени дека истата не може да се доведе под сомнение во однос на нејзината согласност со уставните одредби на кои се повикува иницијативата.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорениот член 126 став 2 од Законот за судовите бил оценуван од Уставниот суд на Република Македонија при што со Решение У. бр. 66/2007 не била поведена постапка за оцена на неговата уставност, Судот оцени дека иницијативата за повторна оцена на неговата уставност треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Имено, според образложението на наведеното решение, Судот утврдил дека право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите кои ќе конкурираат за избор на судии во идните односи на вршењето на судиската функција, и во тие рамки законодавецот има право да го уреди и преодниот режим кој, исто така, го опфаќа периодот не пред туку по влегување во сила на Законот и тој период го определил на 3 години заради процесот на почетната обука во Академијата уреден со посебен закон. Оттука, според Судот, неможе да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената одредба од Законот била неуставна бидејќи го повредувала начелото на владеење на правото и имала ретроактивно дејство. Ова поради погореизнесеното и поради тоа што токму спротивно на наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот преодно со темпорален карактер се воспоставува новиот правен режим за условите за избор на судии во основните судови кој не смее да ја доведе во прашање правната сигурност на граѓаните од страна на вршителите на судиската функција која мора непречено да се остварува со текот на создавањето на кандидати за избор на судии по новопредвидените услови со Законот за судовите кои воедно опфаќаат и обука во посебна Академија. Од друга страна не може да се доведе во прашање и правното дејство на оспорената одредба од Законот, бидејќи таа нема повратно дејство и не задира во настанати односи од минатото пред донесувањето и влегувањето во сила на Законот, туку се однесува на идни односи.

Со оглед дека ова законско решение повторно се оспорува од истите причини, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски