110/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за седница на работни тела, број 07-2029/10 („Службен гласник на општина Аеродром“ број 4 од 16 мај 2006 година), донесена од Советот на општина Аеродром.

2. Градоначалникот на општината Аеродром на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената Одлука било предвидено на членовите на советот на општина Аеродром за работа на седница на работните тела да им се утврдува надомест во износ од 20% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, без оглед на одржаните седници, за секоја комисија поодделно.

Во членот 3 од Одлуката, исто така било предвидено дека на членовите на советот на општината Аеродром им се определувал надоместок на дневни трошоци во износ од 800,00 денари без оглед на бројот на одржани седници, за секоја комисија поодделно.

Со оглед на тоа што со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа било предвидено членовите на советот на локалната самоуправа да имаат право на надоместок за присуство на седница најмногу до 30% од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, како и право на надомест на патни и дневни трошоци, според прописите за државни службеници, но не се предвидени посебни надоместоци за членовите на советот за присуство на седници и учество во работата на работните тела на советот, произлегувало дека оспорената Одлука била незаконита и во несогласност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа.

Воедно со иницијативата се бара Судот да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Советот на општината Аеродром со Одлука број 07-3256/11 од 20 јули 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ број 9 од 24 јули 2006 година) ја укинал оспорената Одлука и таа не е во правниот поредок, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки согласно наведената деловничка одредба да ја оценува законитоста на оспорениот акт.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2006
3 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи