У.бр.109/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.54//2012, 138/2012 и 164/2012), како целина и посебно оспорените член 3 ставови 1 и 2, член 8 став 2 и член 15 став 1 од истиот Правилник.

2. Стамен Филипов од Скопје и Фани Михајловска, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа посебни иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на целината и на посебно оспорени одредби од Правилникот, означен во точката 1 од ова решение.

– Во иницијативата на Стамен Филипов се наведуваат одредбите од Законот за здравственото осигурување, врз основа на кои е донесен оспорениот правилник, па се појаснува дека членот 9 став 4 од Законот предвидел Фондот со општ акт поблиску да го определи начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведувањето на здравствената заштита, но во оваа одредба немало овластување за уредување на содржината на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, како што гласел насловот и членот 1 од Правилникот. Содржината на остварувањето на правата и обврските од задолжителното осигурување се уредувале со закон и со колективен догoвор, а не со правилник, како што било во случајот.

Притоа, ако се споределе законските одредби кои биле основ за донесување на Правилникот со називот и содржината на Правилникот ќе можело да се заклучи дека во законските одредби Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија не бил овластен да го донесе оспорениот правилник, од каде Управниот одбор го пречекорил законското овластување од членот 9 став 4 и членот 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување.

Тука требало да се имаат предвид и членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државнта управа во кои биле уредени овластувањата при носење на подзаконските акти и во кои било предвидено дека со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостоен орган на државна управа не можат да се утврдуваат права и обврски за граѓаните и другите правни лица, ниту да се пропишуваат надлежности на други органи.

Во натамошниот тек на иницијативата, се цитира содржината на членот 3 ставови 1 и 3 од Правилникот, па се наведува дека делот: „овој правилник и другите општи акти на Фондот“ од членот 3 став 1 од Правилниот не бил во согласност со член 1 алинеи 1, 3, 4 и 8, член 9, член 34, член 39 и член 51 од Уставот, Законот за здравственото осигурување и членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државнaта управа. Покрај другото и затоа што при нормирањето не била почитувана одлуката на Уставниот суд У.бр.173/2000 од 4 април 2001 година, со која биле укинати одделни одредби од Законот за здравственото осигурување.

Од одредбите на член 34, 35 став 1 и 39 од Уставот, произлегувало дека гарантираното право на здравствена заштита на граѓаните, како едно од социјалните права, се остварувало под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и со колективен договор, врз начелото на социјална праведност, а не со Правилник, како што било во случајот. Од наведените уставни одредби и од Одлуката на Судот произлегувало дека не била дозволена можност со општ акт на Фондот да се уредуваат права и обврски од здравственото осигурување, како дел од социјалното осигурување.

Исто така, според подносителот на иницијативата, неодржлив од уставен аспект бил и членот 3 став 2 од Правилникот кој гласел: „здравствените услуги од став 1 на овој член осигураното лице може да ги оствари само во здравствени установи со кои Фондот склучил договор“, поради наведените причини, но и поради непочитувањето на одлуките на Судот У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 година и У.бр.109/2009 од 27 јануари 2010 година.

Во натамошниот тек на иницијативата се цитира членот 8 став 2 од оспорениот Правилник, во кој било предвидено: „Доколку за осигуреното лице од став 1 на овој член не е доставена потврда за редовно школување им престанува својството на осигурено лице.“ Според подносителот на иницијативата ова прашање можело да се уреди само со закон и со колективенн догвор, но не и со правилник, како што било во овој случај, од напред наведените причини и образложенија.

Поаѓајќи од содржината на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, подносителот на иницијативата наведува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Ако тоа било така, тогаш главите IV, V, VI, VII, VII и X од оспорениот правилник, (во иницијативата означени според нивните наслови), не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1, член 39,, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, член 49 став 2, член 55 став 2, член 56 став 1 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 9 став 3 и 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување, бидејќи сите прашања опфатени во означените глави можеле да се уредуваат со закон и со колективен договор, а не со оспорениот Правилник.

Поаѓајќи од содржината на членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, подносителот на иницијативата наведува дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби од законите и другите прописи заради нивно извршување, а не буквално да се препишуваат сите законски одредби, како што било во случајот. На тој начин законските одредби се девалвирале, се обезвреднувале и се претварале во подзаконски, што не било дозволено во правниот поредок на Република Македонија. Притоа се посочува на уставно-судската практика по предметот У.бр.85/2009.

Врз основа на сето наведено подносителот на иниција-тивата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник и подоцна истиот да го поништи во целост.

– Во иницијативата на Фани Михајловска, адвокат од Скопје се наведува дека од насловот на оспорениот правилник, но и од неговиот член 1 произлегувало дека со него се уредува содржината на правата од здравственото осигурување со што Фондот за здравствено осигурување излегол од рамките на својата надлежност, а како тие прашања биле законска надлежност. Фондот можел да го уреди само начинот на остварувањето на правата, но не и самите права.

Фондот излегол од рамките на својата надлежност и со членовите 14 и 15 од Правилникот, затоа што без уставен и законски основ навлегол во утредувањето на прашњата кои биле уредени со закон. Поточно со членот 32 ставови 1 и 2 од Законот за здра-вствената заштита било уредено прашањето за избор на лекар, но и покрај ваквата состојба Фондот не се повикал на наведениот Закон, туку на свој посебен начин го уредил наведеното прашање и во општа медицина, покрај наброените ја ставил и педијатријата.

Тоа значело дека со членот 14 ставови 1 и 2 од Правилникот педијатрите кои биле специјалисти, Фондот ги третирал како лекари од општа медицина и тие немале право на избор, туку можеле да бидат само избрани лекари. Со ставот 7 од членот 15 на Правилникот, освен наведеното, на педијатрите им било забрането да вршат здравствени услуги од специјалистичко-консултативна здра-вствена заштита, иако специјализирале за тоа. Според наведената одредба од Правилникот, избраниот лекар не можел да врши и услуги од специјалистичко-консултативна здравствена заштита, освен гинекологот, кој го водел породувањето во породилиште на здравствен дом, во случај ако тоа не се врши во болнички услови.

Според подносителот на иницијативата педијатријата била специјалистичко-консултативна дејност, а не општа медицина, поради што и плаќањето од страна на Фондот требало да биде како кај другите специјалистичко-консултативни дејности. Притоа од проложениот доказ (решение за дозвола за работа) се гледало дека Министерството за здравство дозволата ја издавало за Здравствена организација-Специјалистичка ординација по педијатрија.

Од сето наведено произлегувало дека оспорените одредби од Правилникот (член 14 и член 15) не биле во согласност со Уставот, Законот за здравствената заштита и Законот за здравственото осигурување, затоа што:

– Прашањата уредени со Правилникот не биле во надлежност на Фондот за здравствено осигурување,

– Оспорените одредби создавале нееднаквост меѓу лекарите специјалисти,

– На лекарите педијатри им се ускратувало уставното право на слободен избор на вршење на дејнсота за која се определиле и специјализирале и

– На граѓаните – осигуреници им се ускратувало правото на специјалистичка консултација во специјалистичка ординација по педијатрија.

Врз основа на сето наведено се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на означените одредби од Правилникот и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на член 9 став 4, член 17 став 1, член 24 став 1,член 25 став 6, член 27 став 4, член 28 став 6, член 31 став 4 и член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/2012), од страна на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на седницата одржана на 5 септември 2012 година. Актот носи наслов „ Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигу-рување“.

Во членот 1 од Правилникот е предвидено дека, со овој правилник, во согласност со Законот за здравственото осигурување (во натамошниот текст: Закон), поблиску се уредуваат содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фонд).

Како осигурено лице се смета лице на кое на начин пропишан со Законот и овој правилник му е утврдено својство на осигуреник, односно осигурено лице, според членот 2 од Правилникот.

Во членот 3 став 1 од Правилникот е определено дека, на осигурените лица им се обезбедуваат здравствени услуги и парични надоместоци под услови и на начин утврдени со Законот, овој правилник и другите општи акти на Фондот. Здравствените услуги од став 1 на овој член осигуреното лице може да ги оствари само во здравствени установи со кои Фондот склучил договор (став 2).

Главата II. носи наслов: „Утврдување својство на осигурано лице“ и ги содржи членовите 4 до 10 од Правилникот.

Според членот 8 став 1 од Правилникот, за децата на осигуреникот над 18 години кои се на редовно школување, на почетокот на учебната година, осигуреникот доставува потврда за редовно школување. Доколку за осигуреното лице од став 1 на овој член не е доставена потврда за редовно школување, им престанува својството на осигурено лице (став 2).

Главата III. носи наслов: „Докажување на својство на осигурано лице“ и ги содржи членовите 11, 12 и 13.

Главата IV. носи наслов: „Остварување на правата од примарната здравствена заштита“ и ги содржи членовите 14 до 53.

Според членот 14 став 1 од Правилникот, осигураното лице заради користење на примарната здравствена заштита врши избор на лекар во дејност на: општа медицина, гинекологија и општа стоматологија, без оглед на местото на живеење односно на работа.

Според ставот 2 од членот 14 од Правилникот, како избран лекар во смисла на став 1 од овој член се смета лекар вработен во здравствена установа која врши примарна здравствена заштита каде Фондот обезбедил вршење на такви услуги и кој осигуреното лице го избрало за свој лекар.

Според членот 15 став 1 од Правилникот, како избран лекар од општа медицина може да бидат лекари од дејностите: општа медицина, медицина на трудот, педијатрија, училишна медицина и семејна медицина.

Според ставот 7 од членот 15 од Правилникот, избраниот лекар не може да врши и услуги од специјалистичко – консултативна здравствена заштита, освен за гинекологот кој го води породувањето во породилиште на здравствен дом, во случај ако тоа не се врши во болнички услови.

Глава V. носи наслов: „Остварување на правата од специјалистичко-консултативна заштита“ и ги содржи членовите 65 до 61.

Главата VII. носи наслов: „Остравување на правата од болничката здравствена заштита“ и ги содржи членовите 63 до 76.

Глава VIII. носи наслов: „ Остравување на правото на медицинска рехабилитација“ и ги содржи членовите 77 до 80.

Главата X. носи наслов: „Остравување на правата на парични надоместоци“ и ги содржи членовите 81 до 91.

Во последниот член 97 од Правилникот е предвидено дека истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се објави по добивање на согласност од Министерот за здравство.

Измените и дополнувањата на Правилникот се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.138/2012 и 164/2012.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1) и „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а според ставот 2 на овој член граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во членот 55 став 2 од Закон за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Ррепублика Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) е предвидено дека директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во членот 56 став 1 од Законот е предвидено дека, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според членот 61 став 2 од Законот, со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Заеднички навод во двете иницијативи е дека оспорениот правилник немал уставен и законски основ, односно дека не постоело овластување за уредување на содржината на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, дека содржината на остварувањето на правата и обврските можела да се уреди само со закон и со колективен договор, но не и со позаконски акти. Во иницијативата на Стамен Филипов, исто така, се наведува дека одредбите од Правилникот всушност биле препишани законски одредби со што се девалвирале и се обезведнувале законските одредби и се претварале во подзаконски. Според оцена на Судот вака изнесените наводи се носновани, поради следното:

Од уводот на оспорениот Правилник е видно дека истиот е донесен врз основа на член 9 став 4, член 17 став 1, член 24 став 1,член 25 став 6, член 27 став 4, член 28 став 6, член 31 став 4 и член 56 став 1 точка 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/2012). Од содржината на наведените законски одредби произлегува дека во секоја од нив е содржано овластување за Фондот со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги утврдени во законските норми.

Тоа што во наведените одредби, или пак во целината на Законот не е содржано конкретно овластување за донесување на акт со наслов како оспорениот, туку постои овластување за донесување на повеќе одделни подзаконски акти, не го прави оспорениот правилник спротивен на Уставот и законите наведени во иницијативата, бидејќи разработувањето на законската материја во еден или повеќе подзаконски акти е прашање на целисходност со цел полесна примена, а не е прашање на несогласност со Устав или закон. Притоа ставот на Судот за бројноста на актите со кои е уредена оддредена правна проблематика (еден или повеќе акти) е изразен во постапката по предметот У.бр.188/1997, формиран по повод иницијатива на Стамен Филипов, но и во други предмети.

Употребата на изразот: „содржина“ во насловот на Правилникот сама по себе не е доволен показател дека со неговите одредби доносителот на актот реално се вуштил во нормирање на права и обврски надвор од овластувањата дадени со Уставот и законите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата. Акт со назив идентичен како оспорениот: „Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување“, донесен од Управниот одбор на Фондот на 27 ноември 2000 година и на 7 септември 2001 година бил предмет на оцена пред Уставниот суд по повод иницијатива на Стамен Филипов и Судот со решение У.бр.74/2001, У.бр.77/2011 и У.бр.78/2001 од 21 ноември 2001 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и законитост.

Во наведениот предмет Судот имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник заклучил дека станува збор за разработка на правата на граѓаните определени во Законот за здравственото осигурување, како и уредување на начинот и постапката на остварувањето на законските права, од каде утврдил дека целината на правилникот е во функција на остварувањето на Законот и како таков не излегува надвор од законските рамки, поради што сметал дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 34 од Уставот и наведениот закон.

Според тоа, дали доносителот на актот излегол надвор од овластувањата дадени со Уставот и законите и дали уредил остварување на одредени права со подзаконси акт, наместо истите да се остваруваат врз основа на закон и колективен договор може да се утврдува само преку оспорување на конкретни одредби од Правилникот, кој како целина содржи 97 членови.

Во иницијативите посебно се оспорени членот 3 ставови 1 и 2, членот 8 став 2 и членот 15 став 1 од Правилникот.

По однос на оспорениот член 3 ставови 1 и 2 и член 8 став 2 од Правилникот, Стамен Филипов, покрај сето наведено по однос на целината на Правилникот, наведува дека овие одредби не биле во согласност со член 8 алинеи 1, 3, 4 и 8, член 9, член 34, член 39 и член 51 од Уставот, Законот за здравственото осигурување и членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организаци-ја и работа на органите на државната управа, затоа што при нормирањето не биле почитувани одлуките на Уставниот суд У.бр.173/2000 од 4 април 2001 година, У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 и У.бр.109/2009 од 27 јануари 2010 година..

Вака изнесените наводи се неосновани заради погоре наведените причини. Исто така, за забележување е и фактот што подносителот на иницијативата иако наведува дека означените одлуки на Судот не биле почитувани во иницијативата нема укажува за евентуална повреда на членот 112 од Уставот.

Притоа на подносителот на иницијативата му останала непозната околноста дека Судот со решение У.бр.163/2011 од 12 септември 2011 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2, член 9 став 2, член 10 во делот: „извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност“ и точка 8 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010 и 53/2011).

Според ставот на Судот, изразен во постапката по предметот У.бр.163/2011, со оглед на карактерот и видот на здравствената услуга, која јасно и децидно е дефинирана во оспорената одредба, неспорно произлегло дека за овој вид на здравствена услуга, која не е опфатен со задолжителното здравствено осигурување и нема карактер на основ на здравствена услуга и истата не е пружена од здравствена установа од утврдената мрежа на здравствена установа каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, товарот на плаќање паѓа на самиот осигуреник. Ова особено ако се има во вид дека Фондот за здравствено осигурување, според неговата поставеност во Законот, е орган кој врши дејност од јавен интерес, но исто така, има својство и на купувач на здравствени услуги во интерес на осигурените лица, но во конкретнава ситуација тој нема обврска, туку можност за доброволен договорен однос на Фондот, од една страна, како купувач на услугите и здравствената установа, како продавач на услугите. Доколку се користи здравствената услуга во здравствена установа која е надвор од мрежата за која Фондот склучил договор, тогаш обврска за плаќање на услугите паѓа на товар на осигуреникот, што според Судот не било во спротивност со уставното начело на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста предвидени во член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, од причини што со тоа на осигуреникот не му се ограничуваат основните здравствени услуги кои го сочинуваат задолжителното здравствено осигурување, ниту пак се нарушува социјалниот карактер на државата.

Во иницијативата на Фани Михаловска отуствува нумеричко означување на одредбите од Уставот и законите за кои смета дека се повредени со оспорениот правилник и посебно оспорениот член 15 став 1 од Правилникот. Oд содржината на наводите во иницијативата Судот, сепак, прифати дека станува збор за повреда на членот 9, членот 34 и 35 од Уставот. Додека по однос на законските одредби кои се повредени тешко може да се утврди за кои одредби станува збор освен дека истите се лоцирани во Законот за здравствената заштита (освен означувањето на членот 32 ставови 1 и 2) и Законот за здравственото осигурување.

Тргнувајќи од содржината на членот 32 став 2 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“бр.43/2012 и 145/2012), произлегува дека избран лекар е доктор на медицина, специјалист по општа медицина, специјалист по семејна медицина, специјалист по училишна медицина, специјалист по медицина на трудот кога врши работи на семеен, односно општ лекар, специјалист по педијатрија, специјалист по гинекологија и акушерство и доктор на стоматологија. Според тоа, тврдењето во иницијативата дека посебно оспорениот член 15 став 1 од Правилникот нема своја законска основа е неосновано. Воедно, Судот имаше предвид дека двете одредби не го уредуваат прашањето за избор на лекар, туку уредуваат каков се лекарско-здравствен профил може да врши дејност на избран лекар и ништо повеќе.

По однос на целината на членот 14 и останатите ставови од членот 15 од Правилникот, Судот оцени дека во иницијативата отсуствуваат доволно јасни, недвосмислени наводи во што би се состоела нивната несогласност со Уставот или со конкретни одредби од одделни закони.

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека укажувањето на уставно-судската практика по предметите У.бр.173/2000, У.бр.45/2006, У.бр.98/2009 и У.бр.109/2009 не е соодветно.

Судот, врз основа на сето наведено оцени дека оспорениот Правилник како целина, но и посебно оспорените член 3 ставови 1 и 2, член 8 став 2 и член 15 став 1 од Правилникот, оценувани од аспектите на иницијативите се во согласност со 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 8, член 9, член 34, член 39, член 51, член 68 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, со членовите 55 став 2, 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државнта управа, како и со одредбите од. Законот за здравственото осигурување и Законот за здравствената заштита.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. По однос на посебно оспорените одредби од Правилникот Судот решението го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.109/2012
27 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски