109/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 став 1 точка 4 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што правните последици од осудата не можеле да се утврдуваат со закон и да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави само со конкретна правосилна судска одлука. Тоа, според подносителот на иницијативата, значело дека казнено-правниот однос се исцрпувал на релација на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело, кои се состоеле во ограничување на правата на граѓаните не биле допуштени.

Подносителот на иницијативата посебно смета дека делот од оспорената точка на членот 30 од Законот за судскиот совет што гласи: „или друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Судскиот совет“, бил нејасен, бидејќи од истиот не можело да се утврди на која казна и за кое кривично дело бил осуден членот на Советот.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 30 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија е предвидено дека на член на Советот му престанува мандатот:

1) со истекот на времето за кое е избран,
2) по негово барање,
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со законот,
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца или друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Судскиот совет, (оспорен дел)
5) ако на член на Советот му се утврди трајна неспособност за вршење на функцијата и
6) ако е избран на друга јавна функција или професија.

Во случајот од ставот 1 точка 2 на овој член мандатот престанува кога Советот, односно Собранието на Република Македонија на седница ќе ја усвои оставката.

Во случајот од ставот 1 точка 4 на овој член мандатот престанува со денот на правосилноста на пресудата.

Во случајот од ставот 1 точка 5 на овој член мандатот престанува кога Советот на седница ќе утврди исполнување на условот врз основа на претходно проведена постапка, односно кога Собранието на Република Македонија по предлог на Советот ќе утврди и ќе изгласа исполнување на услов престанок на мандатот за член на Советот избран од Собранието.

Во случај од ставот 1 точка 6 на овој член мандатот престанува со изборот на друга функција или професија“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој неможе да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истио член од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите морааат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со уставот, а според ставот 3 на истикот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно Амандман XXVIII со кој е заменет членот 104 од Уставот на Република Македонија, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја горантира самостојноста и независноста на судската власт.

Советот го сочинуват петнаесет члена.

По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.

Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.

Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредува со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Во членот 1 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија, се утврдува дека со овој закон се уредуваат постапката за изборот на Судскиот совет на Република Македонија, начинот на остварување на неговите функции и начинот на работа и одлучување.

Во членот 2 од истиот закон е содржана целта на основањето, односно дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и незавиесен орган на судството кој ја обезбедува и гарантира независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите.

Во Глава III со наслов „Постапка за избор на член на советот“ е содржан и оспорениот член 30 од Законот со поднаслов „Престанок на мандат на член на Советот“, во кој меѓу другите основи за престанок е содржан и основот (сега оспорен) дека на член на Советот му престанува мандатот ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Судскиот совет.

Според Судот од оспорената законска одредба произлегува дека со неа не се дозволува членот на Судскиот совет да ја врши својата (јавна) функција доколку е осуден со правосилна судска одлука, што имало за последица, односно предизвикува престанок на мандатот на членот на Судскиот совет.

Во оспорената законска одредба конкретно се наведени условите, односно основите за престанок на мандатот на член на Судскиот совет, што е во согласност со Амандманот XXVIII од Уставот на Република Македонија во кој е предвидено дека основите и постапката за престанок на функцијата и разрешувањето на член на Советот се уредуваат со закон. Според тоа интенцијата на законодавецот била со спорената законска одредба да се уредат основите и постапката за престанок на функцијата член на Судскиот совет.

Основот, односно условот за престанок на мандатот на член на Советот кога истиот е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца или друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Судскиот совет, произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на функцијата член на Судскиот совет. Според Судот, предвидениот основ ја исклучува можноста да се јават елементи на сомнение што би го направиле членот на Судскиот совет недостоен за вршење на оваа мошне важна функција дотолку повеќе што тоа би било основ со кој членот на Судскиот совет би го изгубил кредибилитетот за вршење на функцијата член на Судскиот совет, а во конкретниот случај и фактичка неможност да ја извршува функцијата.

Според Судот, во оспорената одредба не станува збор за повреда ниту на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот. Ова од причина што оспорениот член 30 став 1 точка 4 од Законот, се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата член на Судски совет и според која мандатот му престанува заради неговото осудување во периодот додека ја врши таа функција, а не како правна последица од правосилна судска пресуда. Оттука, според Судот, ова преставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице не може да дава гаранција дека Судскиот совет на Република Македонија успешно ќе функционира. Имено, според Судот оспорената одредба е во функција на гаранција на успешно обавување на функцијата на институцијата Судски совет на Република Македонија. Од овие причини не може да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба не е во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот на Република Македонија.

Судот утврди дека во конкретниот случај не се работи за правна последица од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувајќи го овој дел од законската одредба.

Имено, според Судот условот да на членот на Судскиот совет му престанува мандатот во случај кога е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или за друго кривично дело кое го прави недостоен за вршење на оваа функција всушност произлегува од правното дејство на самата правосилна судска одлука со која е изречена оваа казна. Тоа со други зборови значи дека лицето во овој случај наведената функција не може да ја врши не како правна последица од осудата по сила на законот, туку како последица од казната што со правосилна судска одлука ја изрекол судот, на што упатува и ставот 3 од член 30 од Законот.

Оттука, Судот оцени дека во овој случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, за што нема уставен основ, туку за услов кој во секоја конкретна ситуација треба да биде земена предвид од страна на надлежниот орган при одлучувањето.

Тргнувајќи од овластувањето дадено во Амандманот XXVIII точка 1 став 9 од Уставот на Република Македонија, право на законодавецот е со закон да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку издигање на кредибилитетот на Судскиот совет со состав на членови кои би можеле законито и квалитетно да ги извршуваат своите функции согласно со Уставот и законите, уредувајќи ги за таа цел основите поради кои на член на Советот му престанува мандатот. Ваквата законска одредба, според Судот е во согласност со одредбите од Уставот и истата ги афирмира уставно определените вредности и начела.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.109/2006
6 и 12 јули 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи