У.бр.108/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата на Елизабета Туџарова од Битола за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Известувањето од Комисијата за полагање на стручен испит на Агенцијата за Државни службеници бр. 07-1677/2 од 4 јуни 2004 година.

2. Елизабета Туџарова од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос-тапка за оценување на уставноста и законитоста на Известувањето означено во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата “Одлуката” на Агенцијата за Државни службеници со која било утврдено дека при конкурирање покрај другите услови, било предвидено да се достават и лекарско уверение и уверение за неосудуваност, била неуставна и незаконита бидејќи со доставување на споменатите докази се кршело уставно загарантираното право на секого на еднаков пристап до слободните работни места (член 32 став 2 од Уставот) во врска со член 9 од Уставот, каде било утврдено дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно покрај другото и од имотната и општествената положба.

Вака како што се дефинирани условите за конкурирање, подносителот на иницијативата смета дека кандидатите или се знаат од напред (што имплицирало непотизам) или пак, се прави со цел за нивно селектирање уште на самиот почеток, бидејќи многумина нема да се пријават по огласот знаејќи дека треба да се изложат на високи трошоци.

Во иницијативата понатаму се наведува дека овие два услова требало да се остават по селектирање на поттесниот круг од пријавените кандидати и посебно по спроведеното интервју со секој од нив, и овој принцип бил еден од принципите на кои инсистирала Европската Унија при усогласувањето на нашето законодавство со она на Европската Унија.

Со иницијативата и дополнувањето на иницијативата се бара од Уставниот суд и да толкува, дали работниот стаж е исто што и пензискиот стаж и како вкупен стаж да се исполни одреден услов за конкурирање, бидејќи Агенцијата за Државни службеници сметала дека стажот од технолошки вишок се зема во предвид само при пресметување на пензијата, а не и како работен стаж.

3. Судот на седницата утврди дека во известувањето се наведува:”Во врска со објавениот оглас на 12 јуни 2004 година во дневните весници “Факти” и “Утрински весник” за вработување на државни службеници во Народниот правобранител на Република Македонија за работно место во звање државен советник за стручно-аналитички работи во канцеларијата во Битола на кој се пријавивте и Вие: Ве известуваме дека Комисијата за полагање на стручен испит на Агенцијата за државни службеници ја разгледа вашата пријава на одржаната седница на 2 јуни 2004 година и констатира дека е некомплетна бидејќи немате доставено доказ за компјутерски апликации, лекарско уверение и уверение за неосудуваност а немате доволно работно искуство како што е предвидено во јавниот оглас. Воедно Ви ги враќаме документите кои ги доставивте со Вашата пријава”.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Маке-донија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од поднесената иницијатива и дополнувањето на иници-јативата не произлегува дека подносителот го оспорува Законот за државни службеници со кој се утврдени условите за вработување, туку само се наведува дека “извесна одлука” на Агенцијата за државни службеници била спротивна на Уставот и законот.

Оспореното Известување се однесува на подносителот на инцијативата – Елизабета Туџарова, со кое се известува дека во врска со објавениот оглас на 12 јуни 2004 година во дневните весници “Факти” и “Утрински весник” за вработување на државни службеници во Народниот правобранител на Република Македонија за работно место во звање државен советник за стручно-аналитички работи во канцеларијата во Битола, Комисијата за полагање на стручен испит на Агенцијата за државни службеници ја разгледа пријавата и констатирала дека е некомплетна како што е предвидено во јавниот оглас.

Оттука, Судот оцени дека оспореното известување на Комисијата за полагање на стручен испит на Агенцијата за Државни службеници се однесува на лице-кандидат пријавено на јавниот оглас и не утврдува права и обврски за неогра-ничен број на субјекти, поради што известувањето нема карактер на пропис и не е подобно за уставно судска оцена.

Поаѓајќи од тоа дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла не член 110 од Уставот на Република Македонија, а согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд, според кој Судот ќе ја отфли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, Судот утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.108/2004
9 февруари 2005 година
С к о п ј е
сгј