106/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 октомври 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. HE СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр. 07-1125/2 од 22.04.2008 година („Службен гласник на Општина Кавадарци”, бр. 51 од 22 април 2008 година).

2. Панчо Минов, градоначалник на Општина Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена во незаконска постапка, спротивно на член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, затоа што градоначалникот на општината, како овластен предлагач, ја повлекол предлог-одлуката од дневниот ред, што значело дека прописот бил донесен од неовластен предлагач.

Имено, согласно член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општината бил надлежен да иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот. Во оваа смисла, градоначалникот на Општина Кавадарци до претседателот на Советот доставил Предлог-одлука за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година. На седницата на Советот, одржана на 31.03.2008 година, поради недоразбирања со советниците, Градоначалникот, согласно член 145 став 2 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци, ја повлекол од расправа доставената Предлог-одлука, CO што немало предмет на расправа на дневниот ред на седницата. Меѓутоа, и покрај повлекувањето, членовите на Советот продолжиле со расправа и ја донеле оспорената одлука.
Поради тоа , оспорената одлука била во спротивност и со член 51 став 1 од Уставот, според кој , во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, a сите други прописи во согласност со Уставот и CO законите.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, да ја укине или поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кавадарци, на седницата одржана на ден 31.03.2008 година, донел Одлука за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр. 07-907/2 од 31.03.2008 година.

Согласно член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на општина Кавадарци, со Решение бр. 08-1048/2 од 08.04.2008 година, ја запрел од објавување наведената одлука.

Советот на општина Кавадарци, на седницата одржана на 22.04.2008 година, донел Одлука за потврдување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр. 07-1125/2 од 22.04.2008 година. Поради тоа, градоначалникот на Општина Кавадарци, согласно член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, ја објавил Одлуката во „Службен гласник на Општина Кавадарци” бр.51/2008 од 22 април 2008 година и истовремено поднел иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија, за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Одлуката за потврдување на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година има 24 члена, со кои се уредуваат прашања од значење за извршувањето на Буџетот на Општината за 2008 година.

4.Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, локалната самоуправа е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, a според став 2 на истиот член, единици на локалната самоуправа се општините.

Во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002), се уредуваат надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето;
организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.
Според член 31 од Законот, органи на општината се советот и градоначалникот.

Надлежностите на советот се утврдени со член 36 од Законот, при што согласно точката 2 на овој член, во надлежност на советот е да го донесува буџетот на општината и годишна сметка на општината.

Надлежностите на градоначалникот се утврдени во член 50 од Законот, при што согласно став 1 точка 6 од овој член, градоначалникот иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на советот, според точка 7 на истиот член, тој го предлага годишниот буџет и годишната сметка на буџетот на општината, a според точка 8 од овој член, градоначалникот го извршува буџетот на општината.

Според член 75 став 1 точка 4 од овој закон, советот се распушта ако не го донесе буџетот и годишната сметка на буџетот до 31 март во тековната година. Според став 2 на овој член, за настанувањето на еден од условите за распуштање на советот, утврдени во став 1 на овој член, градоначалникот е должен веднаш да го извести министерството надлежно за вршење на работите од областа на локалната самоуправа. Согласно член 77 став 1 од овој закон, до изборот на нов совет, работите на советот ги врши градоначалникот на општината.

Според член 14 став 3 од Законот за буџетите („Службен весник на Република Македонија” бр. 64/2005, 4/2008 и 103/2008), градоначалникот е одговорен за подготвување на буџетот на општината и за неговото доставување до советот на општината. Согласно член 31 од овој закон, содржината и постапката за донесување на буџетите на општините е пропишана со закон.

Co Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 61/2004 и 96/2004 и 67/2007), меѓу другото, се уредува содржината на буџетот на општината и постапката за донесување на буџетот на општината . Така, според член 22 став 1 на овој закон, Буџетот на општината се изготвува, донесува и извршува во согласност со Законот за буџетите, ако со овој закон поинаку не е уредено.

Согласно член 23 став 5 од истиот закон, со донесувањето на буџетот, советот на општината донесува одлука за извршување на буџетот.

Од анализа на наведената законска регулатива произлегува дека градоначалникот на општината е овластен предлагач на буџетот на општината, дека советот на општината е надлежен орган за донесување на буџетот на општината и дека со донесувањето на буџетот, советот на општината донесува одлука за извршување на буџетот.

Во согласност со наведената законска регулатива, видно од доставената документација, градоначалникот на општина Кавадарци предложил до Советот на Општина Кавадарци предлог-Буџет на Општина Кавадарци за 2008 година и Предлог-одлука за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, и дека овие предлози биле ставени на дневниот ред на седницата на Советот закажана за 31 март 2008 година.

Видно од записникот од 50-тата Седница на Советот на Општина Кавадарци одржана на ден 31 март 2008 година (бр. 07-907 од 31.03.2008 година), дневниот ред за оваа седница бил усвоен, по што била отворена расправа по првата точка – Предлог-буџет на Општина Кавадарци за 2008 година. По несогласувањата на градоначалникот со Советот околу прифаќањето на одредени амандмани на Предлог-буџетот, градоначалникот доставил писмен допис до претседателот на Советот дека ги повлекува точките од дневниот ред, меѓу кои се предлог-Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година и Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, по што тој, заедно со службите, ја напуштил Големата сала за состаноци во која се одржувала седницата на Советот. Седницата на Советот продолжила, при што Предлог-буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, со усвоените амандмани, бил усвоен едногласно од страна на присутните советници. Потоа, Советот ја усвоил и Предлог-одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, со амандманот поднесен на членот 8.

Според образложението на Решението за запирање на објавувањето на Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Кавадарци за 2008 година, бр. 08-1048/2 од 08.04.2008 година („Службен гласник на Општина Кавадарци” бр. 50/2008), донесено од градоначалникот на Општината, со повлекувањето на Предлог-одлуката од седницата на Советот, врз основа на деловничкото право од член 145 став 2 од Деловникот на Советот на Општина Кавадарци, немало точка на Дневен ред Предлог-буџет, односно немало ниту расправа, ниту седница, односно немало донесување на Буџет.

Имајќи ја во вид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во член 110 од Уставот, според која Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за тоа дали оспорената одлука била донесена во согласност со постапка пропишана со Деловникот на Општина Кавадарци.
За оценка на уставноста и законитоста на оваа одлука, од аспект на постапката за нејзино донесување, во ситуација кога со закон не се утврдува постапка за донесување на оваа одлука, според Судот, од значење е дали истата е донесена од страна на надлежните органи утврдени во закон. Во оваа смисла, Судот оцени дека фа1аот што предлог-одлуката, доставена од градоначалникот на Оштината, била ставена на дневен ред на седница на Советот на Општина Кавадарци, кој дневен ред бил усвоен и по кој почнала расправа, при што се усвоени Буџетот на Општината за 2008 година и Одлуката за извршување на тој буџет, значи дека оспорената одлука била предложена и донесена од надлежните органи утврдени со закон. Според Судот, на законитоста на постапката за донесување на оспорената одлука, не влијае повлекувањето на точките од дневниот ред, на кое се повикува подносителот на иницијативата, како негово деловничко право, затоа што дневниот ред бил усвоен, a повлекувањето на точките е извршено во фаза на амандманска расправа по Предлог-буџетот на Општината за 2008 година (која точка и претходи на точката за усвојување на оспорената одлука), и тоа од причина на несогласување на градоначалникот како овластен предлагач, со поднесените амандмани. Ова од причина што не е спорно дека градоначалникот е овластен предлагач на буџетот, но надлежен орган за негово усвојување е советот на општината, и тоа на јавна седница на која се расправа за буџетот, што било сторено во конкретниот случај, и дека постои законска обврска, со донесувањето на буџетот, советот на општината да донесе и одлука за извршување на буџетот. Притоа, видно од доставениот записник од седницата, Советот ја усвоил Одлуката за извршување на Буџетот на општината за 2008 година, во предложениот текст од страна на градоначалникот, со усвојување на еден амандман на членот 8, поради што, Судот оцени дека не е спорно дека предлагач на оспорената одлука е градоначалникот на општината.

Поради наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била донесена по предлог на овластен предлагач, со што постапката за донесување на оспорената одлука била спротивна на член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, a со тоа и на член 51 од Уставот, се неосновани, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и CO закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 106/2008
1 октомври 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски