Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Републдика Македонија, на седницата одржана на 13 јуни 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 35 од Законот за државните службеници (“Службен весник на РМ” бр.59/2000).
2. Гоце Николовски од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 35 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил согласен со Уставот затоа што не содржел одредба што предвидува државниот службеник, кој поседува научно звање магистер или доктор на науки, да биде класифициран во соодветна група и звање.
3. Судот на седницата утврди дека согласно став 1 на член 35 од Законот со основната плата која се исплатува на државниот службеник се обезбедува вреднување на соодветниот степен на образование, утврден со актот за систематизација за работните места, за работното место на кое тој е распореден и работното искуство.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот степенот на образование утврден за соодветната група во согласност со член 6 став (6) од овој закон* се вреднува и тоа за:
I група високо образование 200 бода
II група високо образование 200 бода
III група вишо образование 150 бода
средно образование 100 бода
Ставот 3 на овој член предвидува работното искуство на државниот службеник се вреднува во износ од 0,5% од делот на основната плата со која се вреднува степенот на образованието за соодветната група, за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, меѓу другото, ја оценува согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Исто така, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.
Со оглед на тоа дека со иницијативата се бара Судот да оценува одредба која во законот не постои, а која според подносителот на истата требала да биде предвидена во законот, согласно погоре посочената одредба од Деловникот, Судот оцени дека не може да се впушти во оценување на нејзината уставност, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.106/2001
13 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов