106/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.01/8, донесена од Управниот одбор на Деловниот трговски центар “Маврово” во Скопје на 2 март 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Божидар и Дракче Ѓорѓески од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што била донесена без согласност на сопствениците на локалите, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се дава согласност на Градежното претпријатие “Маврово” – Служба за одржување, да врши наплата на потрошена електрична енергија од локалите, а висината на потрошената електрична енергија да се наплатува врз основа на фактура што се доставува до Градежното претпријатие “Маврово” – Скопје.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што истата одлука не претставува пропис или општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.