У.бр.105/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 31 став 2 алинеја 4 од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ брoj 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016 и 142/2016);

– член 45 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010);

– член 44 став 1 алинеја 3 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) и

– член 18 став 1 и член 265 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр.62/2005, 106/2008, 161/ 2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:

– член 15 став 2 и член 3 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 52/2013, 106/2013 и 132/2013

– член 13 став 2 алинеја 3 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/ 2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/10, 167/10, 36/11, 6/12, 24/12, 15/13, 82/13, 106/13 и 132/2014);

– член 32 став 1 точка 2 од Законот за извршување („Службен весник на РМ“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 171/2010, 59/2011 148/2011 и 187/20130);

– член 44 став 1 точка 5 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015, 192/2015 и 231/2015) и

– член 12 став 1 алинеја 3 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016).

3. Полио Плус–движење против хендикеп од Скопје, застапувано преку Благоја Пандовски, адвокат од Скопје, во својство на полномошник до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на лицата кои биле кандидати за јавни или административни службеници; кандидати за почетна обука на академијата за судии и јавни обвинители; за судии и јавни обвинители; извршители; државни или судски службеници и постари малолетници кои засноваат работен однос директно и нужно им се наметнувало при прием на работа да биде исполнет општиот услов (покрај другите услови) да имаат и општа здравствена способност.

Во иницијатвата се наведува дека општата здравствена способност била околност која се утврдувала со вршење на здравствени прегледи, а содржината и начинот на вршење на лекарскиот преглед за утврдување на општата здравствена способност било утврдено и дефинирано во подзаконски акт – Правилник за содржината и начинот на лекарскиот преглед за утврдување на општата здравствена способност, содржината и начинот на издавањето и важењето на лекарското уверение.

Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби се вршела дискриминација на голем број на лица со посебни потреби бидејќи истите ја немале општата здравствена способност согласно начинот на кој била уредена во наведениот правилник, во кој не бил прецизно дефиниран терминот на општата здравствена способност и оттаму не можело со сигурност да се утврди овој општ услов во секој пооделен случај на засновање на работен однос. Во ваква ситуација на лекарите кои ги издавале уверенијата за општата здравствена способност не им била дадена прецизна законска рамка за тоа што претставувала општа здравствена способност и тоа овозможувало нееднаква оценка на истата во разни поединечни случаи.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во Правилникот била дадена долга листа на болести кои доколку едно лице ги има, тоа не било здравствено способно. Оттаму, како што е наведено во иницијативата била дадена негативна дефиниција за тоа што не претставувало општа здравствена способност и тука се пронаоѓал главниот основ за дискриминација на лицата со посебни потреби. Според наводите во иницијативата со постоењето на конкретните дискриминирачки одредби еден кандидат кој ги поминал успешно сите тестови и интервјуа за една позиција и требало да заснова работен однос и да биде избран за функција во јавниот односно државниот сектор, истото лице не можело да биде избрано само поради неговата попреченост и не можело да добие уверение за општа здравствена способност.

Според наводите во иницијативата, во правниот систем постоела (забуна) заблуда околу термините „општа здравствена способност“ и „работна способност“. Терминот „општа здравствена способност“ дискриминирачки го ограничувал пристапот до „работа“ на цела категорија лица, а од друга страна целосно било ирелевантно за најголемиот број на дејности, дали лицето било со „општа здравствена способност“. Терминот „работна способност“ со право бил одлучувачки при секое вработување. Придонесот кој можело лицата со хендикеп да го дадат во целокупната економија и развој на една држава се негирал со овој „простачки“ критериум. Оттука, оспорените законски одредби од наведените закони директно биле дискриминирачки.

Во продолжението на иницијатива е наведено дека покрај овие закони постоеле и неколку други закони кои упатувале на законските одредби на член 12 став 1 алинеја 3 од Законот за државните службеници, а кои се однесувале на општиот услов „општа здравствена способност“ како што биле член 12 од Законот за адвокатура; член 6 став 1 од Законот за народниот правобранител и член 9 став 1 точка б од Законот за нотаријат кои исто така ја содржеле дискриминаторската одредба во контекстот на општите услови кои се барале за вработување во органите на државната власт.

Според наводите во иницијативата единствен закон во кој не бил наведен како општ услов „општа здравствена способност“ за засновање на работен однос бил Законот за Државното правобранителство на Република Македонија и истиот бил единствен доказ дека сите физички лица, па и оние со посебни потреби можеле со еднаков квалитет да обавуваат определени функции и за тоа не требало да постојат законски бариери (освен условите поврзани со стручноста и образованието).

Во иницијативата е наведено дека во Законот за работните односи не бил наведен предусловот за полнолетно лице да заснова работен однос ако истото имало „општа здравствена способност“. Исклучок во овој закон бил даден во членот 18 став 1 во кој „општа здравствена способност“ била предвидена како нужен услов при засновање на работен однос на младо лице под 18 години односно постар малолетник. За непочитување на оваа одредба била предвидена и глоба во членот 265 став 2 од истиот закон. Меѓутоа, во иницијативата е наведено дека и оваа одредба била дискриминирачка и го повредувала правото на еднаков пристап до работа со оглед на тоа дека ги ограничувала постарите малолетници со посебни потреби под исти услови како и нивните врсници да аплицираат за засновање на работен однос. Оспорените одредби од наведените закони не биле во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, член 9, членовите 23, 32 ставови 1 и 2, 35 став 3, 51 и 118 на Уставот.

4. Судот на седница утврди дека согласно член 15 став 2 алинеја 3 од Законот за јавните службеници, во јавната служба може да се вработи лице кое ги исполнува општите услови помеѓу кои е – да има општа здравствена способност (алинеја 3). Законот не е повеќе во правниот промет.

Според член 31 став 2 алинеја 4 од Законот за административни службеници, за пополнување на работно место на административен службеник кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови: – да е државјанин на Република Македонија, – активно да го користи македонскиот јазик, – да е полнолетен, – да има општа здравствена способност за работното место и – со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност. Покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник од ставот 1 на овој член кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови: – да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место, – да има соодветно работно искуство потребно за работното место, – да поседува соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции и – да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.

Согласно член 44 став 1 точка 5 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, предавачи на Акaдемијата се домашни и странски судии и јавни обвинители, адвокати и универзитетски професори, кои се ангажираат во програмите за почетна и програмите за континуирана обука на Академијата, нотари, медијатори, извршители и раководни административни службеници (став 2). Предавачи на Академијата од ставот 1 на овој член од редот на домашните судии и јавни обвинители, адвокати, нотари, медијатори, извршители и раководни државни службеници може да бидат лица кои имаат завршена обука за тренинг на предавачи (тренери) организиран од Академијата (став 3). Доколку предавач одбие да спроведе обука, се брише од листата на предавачи ( став 4).

Во оспорениот член 44 став 1 точка 5 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, не се содржани оспорените делови „општа здравствена способност“. Во членот 57 став 2 алинеја 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 231/2015) утврдени се условите за прием во почетна обука …и – да е работоспособен и да има општа здравствена способност, но овој член не е оспорен во наводите на иницијативата.

Според член 45 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, определени се условите за избор на судии, така што за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови: – да е државјанин на Република Македонија,-активно да го владее македонскиот јазик,- да е работоспособен и да има општа здравствена способност, за што се вршат здравствени прегледи. Актуелната содржина на членот 45 од Законот, ја добива со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 од 18.11.2010 година), каде меѓу другото, условите за избор на судија, утврдени во член 45 став 1 од Законот за судовите („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008) се дополнети со нов услов: лицето да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови (член 45 алинеја 8). Според новододадениот став 2 на овој член, потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот 1 алинеите 3, 7 и 8 на овој член, ги уредува Судскиот совет на Република Македонија.

Со членот 45 став 1 точка 3 во општите услови за избор на судија се предвидува и општата здравствена способност. Овој услов не е предвиден за избор на судии-поротници (член 48). Меѓутоа, за избор на секретар на судот (член 100 став 4) како и на виш судски советник (член 102 став 1) и самостоен судски советник (член 103 став 1) може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, кои пак ја предвидуваат како услов општата здравствена способност.

Во оспорениот член 44 од Законот за јавното обвинителство е утврдено дека: 1) За јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице кое ги исполнува следниве услови: – да е државјанин на Република Македонија, -активно да го владее македонскиот јазик, – да е работоспособен и да има општа здравствена способност и инт.

Според член 32 став 1 точка 2 од Законот за извршување, е предвидено дека условите за именување на извршител се утврдени со член 32 од Законот. Според одредбите на овој член, за извршител може да биде именувано лице кое ги исполнува следните услови: да е државјанин на Република Македонија; да е деловно способно и да има општа здравствена способност; итн. Законот не е повеќе во правniot poredok.

Согласно член 13 став 2 алинеја 3 од Законот за државните службеници. Актуелната содржина членот 13 од Законот ја добива со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 114/2009 од 14.09.2009 година), Во државната служба може да се вработи лице кое ги исполнува општите и посебни услови….Општи услови се….(став 2) -да има општа здравствена способност (алинеја 3). Законот не е повеќе во правниот пoредок.

Според член 12 став 1 алинеја 3 од Законот за судската служба, се определуваат нивоа на работни места на судски службеници од категоријата Г – помошно-стручни. Во рамките на категоријата Г се утврдуваат следниве нивоа на работни места судски службеници: Г1 – помошно-стручен судски службеник од прво ниво, Г2 – помошно-стручен судски службеник од второ ниво, Г3 – помошно-стручен судски службеник од трето ниво и Г4 – помошно-стручен судски службеник од четврто ниво. (2) Помошно-стручниот судски службеник од категоријата Г треба да ги исполни следниве посебни услови за работното место: 1) стручни квалификации за сите нивоа – најмалку више или средно образование; 2) работно искуство, и тоа: – за нивото Г1 најмалку најмалку три години работ но искуство во струката, – за нивото Г2 најмалку најмалку две години работ- но искуство во струката, – за нивото Г3 најмалку една години работно искуство во струката или – за нивото Г4 со или без работно искуство во струката. Според ставот 3 од членот 12 од овој закон, општи работни компетенции за сите нивоа – категорија Г се утврдени согласно со Рамката на општи работни компетенции. и – да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место. Оспорениот член 12 став 1 алинеја 3 од Законот за судската служба не ја содржи формулацијата „општа здравствена способност“.

Во членот 12 став 1 од Законот за судската служба, се утврдуваат нивоата на работни места на судските службеници во рамките на категоријата Г, а во ставот 2 на истиот член се пропишува дека овие стручни судски службеници треба да ги исполнуваат следните посебни услови за работното место: 1) потребни стручни квалификации; 2) потребно работно искуство; 3) општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Г, согласно со Рамката на општи работни компетенции и 4) посебни работни компетенции за сите нивоа.

Согласно со член 18 став 1 од Законот за работни односи, договор за вработување може да склучи младо лице под 18 години возраст и кое има општа здравствена способност. Во членот 265 од овој закон е утврдено дека глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, ако: склучи договор за вработување со лице кое не наполнило 15 години возраст и кое нема општа здравствена способност (член 18).

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна извршна и судска.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од анализата на уставните одредби една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот). Остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори и законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51 од Уставот).

Според член 6 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 1/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013,170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016) работодавачот не смее барателот на вработување (во натамошниот текст: кандидат за вработување) или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности. На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со: пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата; условите за работа; еднаква исплата за еднаква работа; професионални шеми за социјалното осигурување; отсуство од работа; работно време и откажување на договорот за вработување (став 2). Принципот на еднаков третман подразбира забрана за директна и/или индиректна дискриминација, во смисла на ставовите 1 и 2 од овој член (став 3).

Согласно член 7 став 1 од Законот за работните односи, забраната на директна или индиректна дискриминација во случаите од членот 6 на овој закон се однесува на дискриминација на кандидатот за вработување и на работникот. Директна дискриминација, во смисла на ставот 1 од овој член, е секое постапување условувано со некои од основите од членот 6 на овој закон со кое лицето било ставено, се става, или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи (став 2). Индиректна дискриминација, во смисла на овој закон, постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, го става или би го ставила во понеповолна положба во однос на другите лица, кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување од членот 6 на овој закон (став 3). Дискриминацијата, во смисла на членот 6 од овој закон, кај работодавачот е забранета во однос на: условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа, во која било гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија; напредувањето во работата; пристапот до сите видови и степени на стручно оспособување, преквалификација и доквалификација; условите за работење и работа и сите права од работен однос и во врска со работниот однос, вклучувајќи и еднаквост на плати; откажувањето на договорот за работа и правата на членовите и дејствувањето во здруженијата на работниците и работодавачите или во која било друга професионална организација, вклучувајќи ги и повластиците кои произлегуваат од тоа членство (став 4). Одредбите на колективните договори и договорите за вработување со кои се утврдува дискриминација на некој од основите од членот 6 на овој закон се ништовни (став 5).

Во членот 8 став 1 од овој закон е уредено дека не се смета за дискриминација правење разлика, исклучување или давање предимство во однос на определена работа, кога природата на работата е таква или работата се врши во такви услови што карактеристиките поврзани со некои од случаите од членот 6 на овој закон претставуваат вистински и одлучувачки услов за вршење на работата, под услов целта што со тоа се сака да се постигне да е оправдана и условот да е одмерен. Сите мерки предвидени со овој закон или друг закон и одредбите на овој или на другите закони, колективните договори и договорите за работа кои се однесуваат на посебната заштита и помош на определена категорија на работници, а посебно на оние за заштита на инвалидите, постарите работници, бремените жени и жените кои користат некое од правата од заштита на мајчинството, како и одредбите кои се однесуваат на посебните права на родителите, посвоителите и штитениците не се сметаат за дискриминација ниту смеат да бидат основа за дискриминација (став 2). Во однос на условите на вработување, работниците на определено време не се третираат на понеповолен начин од работниците на неопределено време само затоа што имаат договор за вработување на определено време, освен ако различниот третман е оправдан од објективни причини (став 3). Периодот на стекнување на квалификации во однос на одредени услови е ист при вработување на работниците на неопределено време, како и за работниците на определено време, освен ако периодот на стекнување на квалификации не е подолг од времетраењето на договорот за вработување на определено време (став 4).

Според член 18 став 1 од Законот за работните односи, договор за вработување може да склучи младо лице под 18 години возраст и кое има општа здравствена способност.

Во членот 25 став 6 од овој закон се наведува дека при склучување на договор за вработување кандидатот не е должен да достави доказ за здравствената способност, освен ако работодавачот на своја сметка го испрати на здравствен преглед. Проверката на знаењето, односно способноста на кандидатот или утврдувањето на здравствените способности на кандидатот не смеат да се однесуваат на околностите коишто не се во непосредна врска со работата на работното место за коешто се склучува договорот за вработување (став 7).

Според член 265 од Законот за работните односи, глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, ако: склучи договор за вработување со лице кое не наполнило 15 години возраст и кое нема општа здравствена способност (член 18).

Од цитираните одредби од Законот за работните односи произлегува дека позитивната законска регулатива предвидува можност за проверка на способностите за вршење на работите за конкретно работно место, ако тоа е предвидено како услов за засновање на работен однос. Притоа оставена е широка можност за начинот на кој ќе се врши проверката, а истата може да се направи од страна на работодавецот или пак орган овластен од него.

Врз основа на член 8 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993 и 14/1995), министерот за здравство донесе Правилник за содржината и начинот на лекарскиот преглед за утврдување на општата здравствена способност, содржината и начинот на издавањето и важењето на лекарското уверение. („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/1995), кој содржи 14 члена. Согласно член 1 Со овој правилник поблиску се уредува содржината и начинот на вршењето на лекарскиот преглед за утврдување на општата здравствена способност како услов за засноване на работниот однос (во натамошниот текст: лекарски преглед), како и содржината и начинот на издавањето и важењето на лекарското уверение.

Согласно член 2 од Правилникот, Лекарските прегледи заради утврдување на општата здравствена способност ги вршат здравствените организации од примарната здравствена заштита кои вршат дејност медицина на трудот.

Во членот 6 од Правилникот, на лицето му се издава лекарско уверение за неговата општа здравствена способност како општ услов за засновање на работен однос (во натамошниот текст: лекарско уверение), на образец бр. 1 што е составен дел на овој правилник. Лекарското уверение од ставот 1 на овој член го потпишува докторот на медицина, специјалист по медицина на трудот што го извршил прегледот, а го издава здравствената организација од членот 2 на овој правилник.

Според член 8 од Правилникот, оценката за општата здравствена способност, како општ услов за засновање на работен однос, може да биде: – способен за работа, – привремено неспособен за работа и – способен за работа со одредени ограничувања. Ако при лекарскиот преглед се оцени дека лицето е способно за работа со одредени ограничувања во лекарското уверение се впишува за кои работи и задачи не е способно односно под кои услови не е способно да ги врши тие работи и задачи (работи на висина, со прашина, во влага, на висока температура и итн..

Согласно член 11 од Правилникот, постапката за издавање на лекарските уверенија се поведува по барање на лицето кое бара утврдување на неговата општа здравствена способност заради вработување.

Врз основа на здравствениот преглед здравствената организација издава лекарско уверение. Лекарското уверение има содржина и се издава на начин и со важење што го утврдува надлежниот орган на државната управа од областа на здравството.

Прашањето кога работодавецот лесно ќе може да се ослободи од работник кој при засновање на работен однос не поседувал „општа здравствена способност“, со давање на отказ за престанок на работен однос во случај кога работникот не е способен да ги извршува работните задачи утврдени со закон е уредено со член 71 став 3, член 76 и член 79 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013,170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016).

Во член 71 став 1 од Законот за работните односи, работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување. Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина на страна на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот-деловна причина (став 2). Работникот и работодавачот можат да го откажат договорот за вработување во случаи, односно од причини определени со закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување (став 3).

Според член 76 од овој закон, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако: работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

Согласно членот 79 од Законот за работни односи, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување од лични причини на страна на работникот, ако работникот не ги извршува работните обврски утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување.

Тргнувајќи од анализата на уставните и законски одредби, а од аспект на наводите во иницијативата, Судот на седница утврди дека истите се неосновани во однос на тоа дека со оспорените законски делови од одредби се вршела дискриминација на голем број на лица со посебни потреби бидејќи истите ја немале „општата здравствена способност“, согласно начинот на кој била уредена во наведениот правилник. Поаѓајќи од причината што се бара од лицата кои конкурираат да бидат примени на работа да имаат општа работна способност, со оглед на фактот дека извршувањето на работните задачи не смее да биде на штета на здравјето на луѓето, ниту пак на тековното извршување на работните задачи кај работодавачот, според Судот, оспорените делови од законските одредби каде се наведува „општата здравствена способност“, во иницијативата се третираат како конкретни одредби кои се применуваат униформно, па се смета дека за секое лице кое аплицира за вработување за работно место во склоп на работните задачи, лицата со посебни потреби односно со попреченост се дискриминирани. По однос на ова прашање, Судот оцени дека законодавецот пропишувајќи ги „општите услови“ определил дека истите мора да ги исполнува секој кој аплицира за вработување за конкретното работно место, односно условите се однесуваат за секого еднакво, но во зависност од природата на работните задачи сообразени со здравствената состојба која е потребна работникот да ја има за тоа работно место (во склад со член 25 став 7 од Законот за работните односи). Исто така, треба да се истакне дека не постои законска дефиниција во Законот за работните односи за тоа што се подразбира под „општа здравствена способност“.

Судот на седница оцени дека е погрешна интерпретацијата во наводите на иницијативата, која се изведува од примената на Правилникот за содржината и начинот на лекарскиот преглед за утврдување на општата здравствена способност, содржината и начинот на издавањето и важењето на лекарското уверение („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/1995), кој патем речено не е оспорен. Помеѓу, другото и поради тоа што се занемаруваат одредбите од повеќето други закони кои содржат низа афирмативни мерки за хендикепираните лица со кои еден од условите е да лицето има здравствена и психофизичка способност, како што се Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за вработување на инвалидни лица, Законот за социјалната заштита, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои како целина во содејство со Законот за работни односи овозможуваат пристап до работните места и соодветна заштита на лицата со посебни потреби што е во согласност со членот 35 став 3 од Уставот, со кој се гарантира посебна заштита на инвалидните лица и условите за нивно вклучување во општествениот живот.

Исто така, Судот утврди дека „општата здравствена способност“ на кандидатот е сврзана со работното место за кое лицето аплицира, и оттука лицата со попреченост не значи дека не поседуваат „општа здравствена состојба“ поврзана за работните задачи за определено работно место поради нивниот хендикеп, освен ако тој хендикеп ќе го оневозможи извршувањето на конкретните работни задачи кои произлегуваат од работното место за кое аплицирал кандидатот. Според Судот, ваквото законско решение не ги става овие лица во нееднаква (дискриминаторска) положба во споредба со другите, затоа што тие автоматски не се исклучени од правото да имаат стаус на вработени. Во таа смисла е и значењето на законската одредба на член 25 став 6 од Законот за работните односи, според која при склучување на договор за вработување кандидатот не е должен да достави доказ за здравствената способност, освен ако работодавачот на своја сметка го испрати на здравствен преглед. Проверката на знаењето, односно способноста на кандидатот или утврдувањето на здравствените способности на кандидатот не смеат да се однесуваат на околностите коишто не се во непосредна врска со работата на работното место за коешто се склучува договорот за вработување (став 7).

Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија бр.44/2000, 16/2004, 62/2005, 87/2005, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 161/2008, 99/2009, 136/2011, 129/2015, 147/2015 и 27/2016) претставува lex specialis во оваа област и во членот 4-а став 5 се предвидува дека инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодавец, доколку добие позитивно мислење од Комисијата при Министерството за труд и социјална политика”. Оттука, Судот смета дека целта на законодавецот не била да ги дискриминира лицата со хендикеп, туку зконодавецот постапувал заштитнички спрема нив (посебно спрема лицата со ментален хендикеп) со интенција да се заштитат од можни злоупотреби.

При формирањето на правното мислење, Судот го имаше во предвид принципот на еднаквост на граѓаните кој наложува еднакво постапување со лица од иста категорија и статус, меѓутоа имајќи ги предвид и останатите одредби од наведените Закони, Судот смета дека при нивната правилна и доследна примена не е нарушена еднаквоста, па затоа оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 9 од Уставот. По однос на наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата Судот оцени дека оспорувањето е неосновано, односно не постојат основи за изразување на сомнение дека оспорените одредби на член 31 став 2 алинеја 4 од Законот за административните службеници, член 45 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите и член 44 став 1 алинеја 3 од Законот за јавното обвинителство не се во согласност со член 8 став 1 алинеа 3, член 9, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 35 став 3, член 51 и член 118 од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6.Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 112 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016), со денот на започнувањето со примената на овој закон престануваат да важат Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013) и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).

Според член 113, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува една година од денот на влегувањето во сила. Законот за административни службеници е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 од 5 февруари 2014 година, што значи дека влегол во сила на 13 февруари 2014 година, а неговата примена започна на 13 февруари 2015 година, кога согласно погоре цитираниот член 112 од овој закон, престанале да важат Законот за државните службеници и Законот за јавните службеници.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 5 април 2016 година го донесе Законот за извршување („Службен весник на РМ“ 72/2016, 142/2016). Согласно член 268 од овој закон, со денот на започнување со примената на овој закон престанува да важи Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13). Според член 269 „Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ а ќе започне да се применува по четири месеци од денот на неговото влегување во сила. Овој закон се применува од 1 јануари 2017 година.

Од содржината на одредбите на член 44 став 1 точка 5 алинеја 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители Судот утврди дека овој член воопшто не содржи точка 5 ниту алинеја 2 туку содржината на членот се однесува на предавачите на Акaдемијата кои според ставот 1 „се домашни и странски судии и јавни обвинители, адвокати и универзитетски професори, кои се ангажираат во програмите за почетна и програмите за континуирана обука на Академијата, нотари, медијатори, извршители и раководни административни службеници“. Оттука, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и од причина што отсуствува потребна агументација во однос на оспорените делови на законските одредби.

Според содржината на оспорените одредби Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015, 192/2015 и 231/2015) погрешно е констатирано во иницијативата дека општиот услов е наведен во членот 44, а не во член 57 од Законот, кој член не е оспорен во наводите на иницијативата. Во членот 57 став 2 алинеја 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 231/2015) утврдени се условите за прием во почетна обука, и како услов е предвидено кандидатот – да е работоспособен и да има општа здравствена способност, но овој член не е оспорен во наводите на иницијативата која во овој дел е беспредметна.

Согласно член 12 став 1 алинеја 3 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016) се утврдуваат нивоата на работни места на судските службеници во рамките на категоријата Г, а во ставот 2 на истиот член се пропишува дека овие стручни судски службеници треба да ги исполнуваат следните посебни услови за работното место: 1) потребни стручни квалификации; 2) потребно работно искуство; 3) општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Г, согласно со Рамката на општи работни компетенции и 4) посебни работни компетенции за сите нивоа. Оттука, иницијативата во овој дел е беспредметна, бидејќи оспорениот член 12 не ја содржи формулацијата „општа здравствена способност“, односно има поинаква содржина.

Со оглед на тоа дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата во тој дел, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеи 1 и 3 на Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.105/2015
29.03.2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски