У.бр.105/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 12, 41, 42, 43, 44, 45 и 61 од Мрежните правила за дистрибуција со топлинска енергија за греење („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2014).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените членови 12 и 61 од Мрежните правила бил предвиден начин како приклучоците и топлинските подстаници ќе му биле предадени во владение на дистрибутерот без надомест, а со членовите 41, 42, 43, 44 и 45 било предвидено постапување и санкционирање на тие кои неовластено преземале топлинска енергија.

Подносителот на иницијативата смета дека сите оспорени членови се во спротивност со принципот на владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со членовите 12 и 61 од Мрежните правила во иницијативата се наведува дека со член 12 се повредува правото на сопственост кое е основно човеково право гарантирано со Уставот. Имено, на правниот поим „владение“ биле постветени членовите од 167 – 191 од Законот за сопственост и други стварни права, во кои не биле содржани одредби дека ствар може да се предаде во владение врз основа на одредба од Мрежните правила.

Оспорените членови 41 – 45 од Мрежните правила, го регулирале начинот како ќе се постапува со тие кои неовластено преземале топлинска енергија, кој ќе го утврдува тоа и колку ќе треба истите да платат.

Според подносителот на иницијативата, ваквите дејствија не биле предвидени во член 117 од Законот за енергетика, а дотолку повеќе што, самото дело претставувало кривично дело кое треба да се докажува и утврдува во друга постапка со други прописи, а не со мрежни правила, поради што се повредувал принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 12 од Мрежните правила за дистрибуција со топлинска енергија за греење, кој е поместен во Главата со наслов „Владение, управување и одржување на новиот приклучок и топлинската станица“ се предвидува дека:

(1) Потрошувачот може да избере еден од следните случаи за натамошно владение на приклучокот и топлинската станица:
1) да го предаде приклучокот и/или топлинската станица во владение на дистрибутерот.
2) да го задржи приклучокот и топлинската станица во владение.
(2) Потрошувачот, од став (1) алинеја 1) од овој член го предава приклучокот и топлинската станица во владение на дистрибутерот без надоместок, при што сопственоста останува непроменета.
(3) Опремата и уредите од приклучокот и топлинската станица кои се предмет на предавање во владение на дистрибутерот се наведени во Записник потпишан од двете страни.
(4) Трошоците за одржување на приклучокот се на сметка на дистрибутерот.
(5) Потрошувачот може да побара од операторот да му го врати владението на приклучокот и топлинската станица.
(6) Ако потрошувачот, од став (1) алинеја 2 од овој член, го задржи приклучокот во владение треба да:
1) му овозможи на дистрибутерот управување со приклучокот и топлинската станица согласно овие Мрежни правила,
2) обезбеди одржување на приклучокот и топлинската станица, кое може да биде од страна на правно лице регистрирано за вршење дејност одржување на топлински инсталации, кое ќе ги почитува важечките технички стандарди за изведба и одржување на приклучокот. Одржувањето секогаш се изведува во присуство на овластено лице на дистрибутерот.
(7) Доколку потрошувачот не обезбедил одржување на приклучокот и топлинската станица, во случај на дефектна приклучокот и писмена пријава од корисникот за санација на дефектот до дистрибутерот, дистрибутерот ќе ја изврши санацијата на дефектот, при што трошоците за извршената санација ќе бидат покриени од страна на потрошувачот.”

Во член 41 од оспорениот акт се предвидува дека:

(1) Под неовластено преземање на топлинска енергија од дистрибутивниот систем се подразбираат следните случаи:
1) ако корисникот извршил приклучување на својот објект на дистрибутивната мрежа, без решение за согласност за пристап на дистрибутивниот систем и без склучен договор за снабдување на топлинска енергија со снабдувачот,
2) по исклучување на корисникот од дистрибутивната мрежа од страна на дистрибутерот, корисникот повторно самоволно се приклучил на дистрибутивната мрежа,
3) ако корисникот извршил манипулација врз мерниот уред при што превзема нерегистрирана количина на топлинска енергија,
4) ако корисникот превзема нерегистрирана количина на топлинска енергија без мерна опрема,
5) ако корисникот извршил премостување на мерната опрема, при што превзема нерегистрирана количина на топлинска енергија,
6) ако корисникот вградил мерна опрема која не е одобрена и/или вградена од дистрибутерот,
7) ако корисникот превзема топлинска енергија преку оштетена мерна опрема и/или заштитната пломба е отстранета, со што е оневозможено правилно регистрирање на преземената количина на топлинска енергија”.

Според член 42 од истиот акт:

(1) Неовластено преземената топлинска енергија на мерно место се пресметува преку топлинска можност и се определува на следниот начин:
Epre = Wan x (20-tnsr)/(20-tnpr) x H
(2) Максималниот период за пресметка на неовластеното користење на топлинска енергија од дистрибутивната мрежа изнесува 1 (една) година наназад од денот на утврдување на неовластеното користење на топлинска енергија.
(3) Периодот за пресметка на неовластено користење на топлинска енергија од дистрибутивната мрежа може да биде пократок од 1 (една) година и во тие случаи ќе се земе датумот од документацијата на дистрибутерот:
1) момент на настанување на неовластеното користење, во случај каде истото може да се утврди,
2) последна извршена контрола на мерното место и приклучокот кога не е утврдено неовластено превземање (отчитување на мерниот уред не се смета како контрола на мерното место и приклучокот).
3) замена,одјава и пријава на мерниот уред,
4) последно востановено неовластено користење на топлинска енергија,
(4) За месец во кој е утврдено неовластено преземање на топлинска енергија од дистрибутивната мрежа, периодот на неовластено преземање е целиот месец.
(5) За периодотна неовластено користење на топлинска енергија се применуваат важечките цени за топлинска енергија и моќност. Вкупниот надоместок кој се фактурира на потрошувачот за неовластено преземање на топлинска енергија се добива така што пресметаната количина на топлинска енергија, добиена според равенкта од став (1) на овој член ќе се помножи со важечкиот тарифен став за топлинска енергија за соодветната категорија на потрошувач.”

Согласно член 43 од Мрежните правила:

(1) Собирање на податоци за откривање на неовластено преземање на топлинска енергија се врши при:
1) Редовно отчитување на мерни уреди,
2) Анализа на потрошувачка на топлинска енергија,
3) Анализа на загуби на определени подрачја,
4) Анализа на оптоварувања на делови од дистрибутивната мрежа во однос на испорачаната топлинска енергија,
5) Одржување на мерно место и приклучок,
6) Редовна или вонредна верификација на мерна опрема,
7) Пријава од страна на вработен кај дистрибутерот или трето лице,
(2) Врз основа на податоците од став (1) на овој член, за мерното место и/или мерната опрема за кои постои сомневање дека неовластено се превзема топлинска енергија, дистрибутерот изготвува работен налог за контрола на мерно место и/или мерна опрема.
(3) Во случај кога ќе се открие неовластено преземање на топлинска енергија, при извршување на било кои други редовни активности (замена на мерен уред, исклучување, одржување и сл.) од страна на стручни лица на дистрибутерот, се изготвува Записник за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија,без претходно издаден работен налог.
(4) Неовластено преземање на топлинска енергија можат да утврдат најмалку две стручни лица на дистрибутерот.
(5) Стручните лица задолжително треба да поседуваат легитимација издадена од страна на дистрибутерот, која на барање на потрошувачот се должни да ја покажат. Потрошувачот или негов претставник има право да присуствува на контрола на мерното место.
(6) Доколку при контрола на мерното место и/или на мерната опрема се утврди неовластено преземање на топлинска енергија, стручните лица на дистрибутерот задолжително треба да изготват Записник за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија и да обезбедат доказ (мерна опрема оштетени пломби, фотографии и сл.).
(7) Дистрибутерот ја чува документацијата со која се утврдило неовластеното преземање на топлинска енергија (Записник за уврдување на неовластено преземање на топлинска енергија, работен налог за контрола на мерното место, фотографии и сл.).
(8) Работниот налог особено содржи:
1) Податоци за мерното место,
2) Податоци за мерната опрема,
3) Податоци за стручните лица на дистрибутерот.
(9) Записникот за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија особено содржи:
1) Податоци за мерното место,
2) Датум на утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија,
3) Податоци за лицата кои извршиле контрола на мерното место и/или мерната опрема,
4) Начин на кој е извршено неовластено преземање на топлинска нергија,
5) Ангажирана моќност на потрошувачот.
(10) Записникот за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија треба да го потпишат најмалку две стручни лица на дистрибутерот и потрошувачот, односно негов претставник, доколку е согласен со записникот. Доколку потрошувачот е или неговиот претставник не е согласен со записникот, тогаш треба да се потпише на место „Не сум согласен со записникот“. Доколку потрошувачот одбива да го потпише записникот, стручното лице на дистрибутерот задолжително го потпишува текстот „Потрошувачот одбива да го потпише записникот“. Доколку потрошувачот не е присутен при контролата на мерното место и/или мерната опрема, се пишува „Потрошувачот не е присутен“.

Според член 44 од оспорениот акт:

(1) Кога кај потрошувачот е утврдено неовластено превземање на топлинска енергија, на потрошувачот му се остава еден примерок од Записникот за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија. Доколку потрошувачот не бил присутен при изготвување на записникот или одбил да го потпише записникот, дистрибутерот ќе му го достави по пошта.
(2) Дистрибутерот изготвува пресметка на неовластено преземената количина на топлинска енергија согласно член 43 од овие Мрежни правила.
(3) Пресметката со примерок од записникот за утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија, работен налог за контрола на мерното место, фотографии и сл. кои ги поседува дистрибутерот му ги доставува на снабдувачот.
(4) Снабдувачот, врз основа на документите добиени од дистрибутерот изготвува фактура и му ја доставува на потрошувачот.
(5) Доколку потрошувачот не ја плати фактурата во рок од 8 (осум дена), дистрибутерот може да го исклучи потрошувачот од дистрибутивниот систем.
(6) Во случаи на неовластено преземање на топлинска енергија од член 42 став (1) алинеја 1, 2, 4, 5 и 6 од овие Мрежни правила, дистрибутерот може да го исклучи потрошувачот од дистрибутивниот систем без предупредување.
(7) Дистрибутерот не е одговорен за настанување на евентуална материјална или нематеријална штета на потрошувачот заради исклучувањето од ставовите (6) и (7) на овој член.
(8) По утврдување на неовластено преземање на топлинска енергија дистрибутерот може да покрене судска постапка согласно закон.”

Во член 45 од истиот акт се предвидува во случај кога потрошувачот е исклучен согласно став (1) и став (2) од член 42 од овие Мрежни правила, може да поднесе барање за приклучување откако ќе ја плати фактурата за неовластено преземање и ќе го плати надоместокот за приклучување согласно Одлуката за определување на трошоците за исклучување и приклучување на топлинска станица (мерно место) на корисник од/на топловодна дистрибутивна мрежа која ја донесува дистрибутерот по претходно одобрување на Регулаторната комисија за енергетика.”

Според член 61 од Мрежните правила:

(1) Операторот на дистрибутивниот систем, најдоцна еден месец по влегувањето во сила на овие Мрежни правила ќе побара изјаснување од корисниците приклучени на дистрибутивниот систем кои превземаат топлинска енергија за греење, дали ќе го предадат во негово владение приклучокот и/или топлинската станица.
(2) Корисниците приклучени на дистрибутивниот систем за топлинска енергија треба да се изјаснат дали ќе го предадат во владение на операторот на дистрибутивниот систем приклучокот и/или топлинската станица согласно член 12 од овие Мрежни правила најдоцна до 31.12.2014 година.
(3) Сите корисници кои нема да се изјаснат до 31.12.2014 година ќе се смета дека не го предале во владение приклучокот и/или топлинската станица.
(4) Одржувањето на приклучокот и/или топлинската станица на веќе приклучените корисници на дистрибутивниот систем, кои не ги предале во владение на операторот, е на трошок на корисниците.
(5) Одржувањето на приклучокот и/или топлинската станица на веќе приклучените корисници на дистрибутивниот систем, кои ги предале во владение на операторот, е на трошок на операторот на дистрибутивниот систем.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 117 од Законот за енергетика, врз основа кој се донесени оспорените Мрежни правила, се предвидува дека:

(1) Операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија е должен, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, да ги донесе и да ги објави во „Службен весник на РМ“ и на својата веб страница мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија со кои особено се уредуваат:
1) техничко-технолошките услови за приклучување на потрошувачите и на производителите на топлинска енергија на системот за дистрибуција на топлинска енергија, засновани на начелата на недискриминаорност, објективност и транспарентност,
2) техничките и другите услови што треба да ги обезбедат корисниците на системот за дистрибуција на топлинска енергија,
3) мерките, активностите и постапките во случај на хаварии,
4) условите и начинот за пристап на трети страни на системот за дистрибуција на топлинска енергија засновани на начелата на недискриминаторност, објективност и транспарентност,
5) функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија,
6) содржината на плановите за развој на дистрибутивниот систем, како и начинот и постапката според која корисниците на системот ги доставуваат неопходните податоци за изготвување на плановите за развој,
7) начинот и постапката за обезбедување на системската резерва и системските услуги од страна на регулираниот производител,
8) начинот и постапката на размена на податоците помеѓу операторот на дистрибутивниот систем, регулираниот производител, производителите и снабдувачите и
9) начинот и постапката за известување на корисниците на системот.

Според член 155 ставови 1 и 2 од истиот закон, операторот на соодветниот систем за пренос или дистрибуција на енергија или природен гас има право на надоместок на штетата што настанала како резултат на неовластено преземена енергија или природен гас или нерегистрирани количини на енергија или природен гас заради неовластена манипулација со мерните уреди и постапката за утврдување на причините за настанатата штета, како и начинот на пресметка на штетата и надоместокот што корисникот треба да го плати, се утврдуваат со соодветните мрежни правила.

Тргнувајќи од овластувањето содржано во член 117 од Законот за енергетика Регулаторната комисија за енергетика донесе Решение за одобрување на Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење, изготвени од Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ – Скопје.

Во Глава 6 од оспорениот акт со наслов: „Неовластено преземање на топлинска енергија од дистрибутивниот систем“, се содржани 5 (пет) члена, кои сега се оспорени со иницијативата 41-45.

Во иницијативата подносителот бара да се укинат овие членови од Мрежните правила со образложение дека содржината на одредбите од наведените членови не била предвидена во член 117 од Законот за енергетика, во кој се утврдува што е предмет на уредување на Мрежните правила. Меѓутоа,токму од содржината на член 117 од Законот, според Судот, произлегува дека освен прашањата што законодавецот децидно ги наведува во член 117 од Законот за енергетика, што особено треба да ги содржат Мрежните правила, допуштено е и дополнително уредување на прашања што се однесуваат на дистрибуцијата на топлинската енергија, што значи освен наведените прашања дозволено е и уредување и на други прашања во врска со дистрибуција на топлинската енергија. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека наведените членови од оспорениот акт се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на членовите 12 и 61 од оспорениот акт, Судот оцени дека се неосновани од следниве причини:

Во член 12 од Мрежните правила детално е образложен начинот на предавање во владение со изготвување на Записник и јасно е наведено дека сопственоста не се менува, а потрошувачите можат во било кој момент да си го повратат владението. Оваа одредба е воведена пред се од практичната потреба за одржување на топлинската подстаница и приклучокот, при што со предавање во владение на истите, одржувањето и непречено функционирање на опремата е обврска на дистрибутерот. Со ова се обезбедува сигурност и континуитет во снабдувањето со топлинска енергија а со цел да се исполнат условите од член 37 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на РМ“ бр.97/2012 и 109/2013) каде е наведено дека: „Во текот на грејната сезона снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06 до 21 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили да обезбеди температура од 20+1оС“.

Од горенаведеното произлегува дека уредувањето на оваа материја со Мрежните правила произлегува од основната цел на Регулаторната комисија за енергетика да обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти.

Врз основа на направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за согласноста на членовите 12, 41, 42, 43, 44, 45 и 61од Мрежните правила со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Законот за облигационите односи и Законот за енергетика.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.105/2014
21 јануари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева