105/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уста-вноста на член 2, член 3, член 5 и член 20 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011 и 54/2011).

2. Маргарита Шијакова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2, член 3, член 5 и 20 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и дополнувањето на иницијативата се наведува дека се бара оценување на оспорените законски одредби по однос на нивната согласност со член 8 став 2, став 4, став 5, став 7, став 8 и став 9, како и со член 30 став 3 и 4 од Уставот.

Иницијативата започнува со констатација на подносителот на иницијативата дека за Законот, во кој се содржани оспорените одредби, немало никакво образложение кои биле причините за него-вото донесување. Потоа, подносителот на иницијативата по однос на оспорениот член 2 од Законот наведува дека во оваа одредба биле опфатени не само објектите кои биле изградени без одобрение за градба, туку и објектите изградени спротивно на одобрението за градење и токму оваа втора ситуација била спротивна на членот 8 од Уставот, а заради тоа што предизвикувала низа нејаснотии. Имено, подносителот на иницијативата поставува прашање како било можно да биде издадено одобрение за градење, спротивно самото на себе, кога истото не било издадено? На кого одобрението за градење можело да биде спротивно, дали самото на себе или на останатите постоечки законски прописи? Последицата од таквата нелогичност доведувала непосредно до последици на директно спротивставување на одредбата со Уставот, последици, кои во никој случај не можеле да бидат со ништо оправдани, бидејќи задирале со ситемот на сопстве-ност утврден со Уставот.

Во натамошниот тек на иницијативата се дава осврт по однос на правниот статус на објектите кои се градат на свое или туѓо земјиште од аспект на одредбите на Законот за сопственост и другите видови на стварни права и посебно членовите 148, 153 и 154 и се наведува дека законодавецот можел да ги донесе оспорените одредби само ако претходно ги укинал посочените одредби од Законот за сопственост и другите видови на стварни права. Ова од причина што законодавецот не можел да донесе паралелен закон со кој на друг начин се решавале прашањата кои веќе биле решени во постојниот закон, без тој да биде ставен надвор од сила. Сето тоа било противречно на принципот на владеење на правото, бидејќи со така противречни закони не можело да постои владеење на правото.

Според подносителот на иницијативата Законот во кој се содржани оспорените одредбиј го решавал на друг начин правото на сопственост, односно субјекти на сопственост можеле да бидат лица кои ги кршеле законските прописи, вршеле кривични дела и прекршоци, нанесувале директини удари на утврдениот правен систем, за што им била дадена привилегија да стекнуваат сопственост надвор од сите закони. Со тоа била нарушена рамноправноста на субјектите кои биле носители на сопственост во постојниот правен систем, односно сите кои ги платиле давачките и го купиле земјиштето биле неоправдано казнети, со што бил повреден принципот на хуманизам и социјална правда.

Од друга страна, во Законот не биле предвидени никакви заштитни механизми за правната заштита на сопственоста, се елиминирале Законот за сопственост и другите видови на стварни права (се повредувале принципите од членовите 30, 116 и 122), се привилегирал одреден круг на стопанственици, а се дискриминирале сите чесни и одговорни стопанственици, што меѓу другото, водело до директно непочитување на општо прифатените норми на меѓунаро-дното право. Постоело и оштетување на правата на граѓаните на кои им бил одземен дел од нивниот имот, односно кои претрпеле штета за време на градењето, а се повредувале и принципите на меѓуна-родното сопственичко право, утврдени уште во римското право.

Исто така, биле повредени и правата на локалната самоуправа, бидејќи комуналните такси, како главен приход на локалната самоуправа со овој закон и биле одземени во однос на сите диви градби и оние градби што биле изградени спротивно на Законот, од каде можело да се каже дека, Законот, во кој се содржани оспорените одредби, го суспендирал членот 121 од Законот за сопственост и другите видови на стварни права, кој, пак, го решавал истото прашање на многу порационален и правичен начин.
Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека според нормите на меѓународното право не можело да се води постапка без да се поднесе барање од лице кое сака да оствари одредено право, а во конкретниот случај се барало од куќниот совет да приложи одобрение за градба, како правно лице, а биле издадени одобренија за градба на физички лица, кои пак воопшто не поднеле такво барање.

Понатаму, не било испочитувано правото дека за една иста ствар не можат да се водат две постапки, туку членот 31 од Законот, кој не е оспорен со иницијативата, предвидувал започнатите постапки пред влегување во сила на Законот да запрат, што било спротивно на општо усвоениот меѓународен принцип на литиспе-нденција.

По однос на Законот за постапување со бесправно изградени објекти не биле почитувани скоро сите основни принципи на кои се градело сопственичкото право во граѓанското општество, не биле почитувани основите за стекнување и губење на сопственост, но и принципите за индивидуална и универзална сукцесија кои пак доведувале до повреда на Законот за градење и Законот за сопственост.

Во врска со сето наведено постоеле повеќе заблуди, при што првата заблуда била што договорот се изедначувал со тапија, втората што имотниот лист се третирал како тапија, а не како доказно средство, а имотниот лист можел да биде издаден само кога претходно било утврдено право на сопственост. Двете заблуди што се провлекувале во Законот доведувале до создавање на спорови чиј крај не се гледал и биле причина за погрешно донесени судски и управни одлуки.

Според порносителот на иницијативата не бил прифатен утврдениот принцип superficies solo cedit кој го изразувал односот меѓу главната и споредната ствар, по што следи хронологија на развојот на сопственичкото право, со заклучок дека државата не можела да продава како свое, изградено државно земјиште, ниту да наплатува земјиште одделно од зграда, односно дека земјиштето не можело повторно да се продава по едно евро за метар квадратен, бидејќи тоа веќе им припаѓало на сопствениците на становите.

Посебно по однос на оспорениот член 20 од Законот се наведува дека со него се продавало утврдување на правен статус, па се поставувало прашање дали државата можела да продава правен статус одделно од стварите кои се предмет на купопродажба, а можност за продажба на правен статус во граѓанското, управното и облигационото право не се предвидувала.

Понатаму, според подносителот на иницијативата Законот имал ретроактивна, понеповолна примена, бидејќи граѓаните два пати плаќале за една иста ствар, а не бил ниту во корист на државата бидејќи создавал хаос во сопственичките односи, а последиците можеле да бидат многу тешки.

Иницијативата завршува со напомена дека Законот за сопственост и други видови стварни права и Законот за градење на друг начин го решавале прашањето за легализација на диво изградените објекти и се заклучува дека во првонаведениот закон требало да постои посебна одредба за стекнување на сопственост со таканаречана легализација, но и тоа дека Законот за постапување со бесправно изградени објекти, всушност било волја на Владата, да ја прогласи легализацијата за единствен начин на стекнување на сопственост, што доведувало до недоумица дали требало да се применуваат сите досегашни закони, дали тие важат или не?

3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 2 став 1 од Законот, под бесправно изградени објекти, во смисла на овој закон, се подразбираат објекти од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, објекти од локално значење согласно со Законот за градење и објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и од локално значење и на објектите на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат (во натамошниот текст: бесправни објекти).

Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставот 1 на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина (став 2).

Во оспорениот член 3 став 1 од Законот, под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправниот објект во јавната книга за запишување на правата на недвижности и вклопување на истиот во урбанистичко-планската документација, на начин и во постапка определени со овој закон.

Според оспорениот член 5 став 1 од Законот, за утврду-вање на правен статус на бесправен објект се поднесува барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на имателот на бесправен објект до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е изграден бесправниот објект, односно органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Рокот за поднесување на барање за утврдување на правен статус изнесува шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 2).

Формата и содржината на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 3).

Во оспорениот член 20 став 1 од Законот е предвидено дека, по издавањето на урбанистичка согласност, единицата на локалната самоуправа во рок од пет работни дена изготвува прес-метка за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект и истата му ја доставува на барателот. За објектите за кои е издадена урбанистичка согласност од страна на органот надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, пресметка се изготвува во рок од пет дена од денот на прием на урбанистичката согласност во единицата на локална самоуправа.

Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи согласно со правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и за електронските комуникациски мрежи и средства изнесува 61,00 денар по м2 од изградената површина на бесправниот објект, која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект (став 2).

Висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти од локално значење освен за објектите од ставот (2) на овој член и висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти на приватните и мешовитите здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита,е еднаква на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овој вид на објекти, која е утврдена од единиците на локалната самоуправа до денот на влегу-вањето во сила на овој закон, при што предвид се зема изградената површина на бесправниот објект, утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект (став 3).

Надометокот за утврдување на правен статус на станбени згради за колективно домување го плаќаат имателите на станови во станбената зграда (став 4).

За објектите од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, за објектите на јавните здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита како и за линиските инфраструктурни објекти согласно со Законот за градење не се пресметува и не се плаќа надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект (став 5).

Надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект, барателот може да го плати во рок од десет работни дена од денот на приемот на пресметката или одложено на дванаесет месечни рати. Доколку надоместокот се плаќа одложено, барателот е должен со единицата на локалната самоуправа да склучи договор за одложено плаќање на надоместокот за утврдување на правен статус (став 6).

Единиците на локалната самоуправа се должни средствата собрани од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект да го користат наменски и тоа за донесување на урбанистичка планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти во урбанистичко-планската документација и за инфраструктурно уредување на просторот во кој се наоѓаат истите и се должни да доставуваат годишен извештај за користењето на овие средства до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 7).

Барателите од членот 6 на овој закон, кои се корисници на социјална помош не плаќаат надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект (став 8).

Доколку единицата на локалната самоуправа во рокот од ставот 1 на овој член не изготви пресметка за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект, барателот има право да поднесе жалба до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 9).
Одлучувајќи по жалбата од ставот 9 на овој член органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот на единицата на локалната самоуправа ќе и определи рок не подолг од десет дена за изготвување на пресметка за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект (став 10).

Доколку единицата на локалната самоуправа не изготви пресметка за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект во рокот од ставот 9 на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот ќе ја изготви пресметката (став 11).

4. Според член 8 став 1 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (алинеја 1); слободното изразување на национа-лната припадност и соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа (алинеја 2); владеење на правото (алинеја 3); поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4); политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори (алинеја 5); правната заштита на сопственоста (алинеја 6); слободата на пазарот и претприемништвото (алинеја 7); хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (алинеја 8); локалната самоуправа (алинеја 9); уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата (алинеја 10) и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (алинеја 11).

Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Во член 30 став 3 од Уставот е предвидено дека, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од истиот член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата и дополну-вањето на иницијативата произлегува дека станува збор за оспору-вање на членовите 2, 3, 5 и 20 од Законот поради нивната несогла-сност со членовите 8 став 2, став 4, став 5, став 7, став 8 и став 9, како и со член 30 став 3 и 4 од Уставот. Притоа, општиот впечаток од двата поднесока е дека недостасува конкретна анализа и конкретни причини по однос на несогласноста на секоја од оспорените законски одредби наспрема посочените уставни одредби, освен делумно за членот 2 и за членот 20 од Законот, иако е во прашање пообемна законска регулатива. Исто така, од анализата на членот 8 од Уставот јасно произлегува дека истиот има само два става, но не и девет како што прикажува подносителот на иницијативата, од каде не е јасно кои ставови од наведената уставна одредба се повредени. Притоа, наводите од иницијативата не можат во целост да се поврзат и со сите 11 алинеи од членот 8 став 1 од Уставот. Воедно, содржината на оспорените одредби не може да се доведе во корелација со членот 30 став 4 од Уставот, бидејќи оваа одредба се однесува на гаранти-рањето на праведен надоместок во случај на експропријација што не е тематика на оспорените одредби.

Во секој случај, останува дел од наводите од иниција-тивата и дополнувањето на иницијативата кои го задоволуваат критериумот на јасни, препознатливи причини за оспорување кои можат да се доведат во корелација со оспорените законски одредби и дел од наведените уставни одредби, кои пак не дозволуваат целосно отфрлање на иницијативата заради деловнички недостатоци.

Тргнувајќи од анализата на членот 2 од Законот произле-гува дека оваа одредба под бесправно изградени објекти подразбира објекти изграден без одобрение за градење и објекти изградени спротивно на одобрението за градење. По однос на оваа одредба подносителот на иницијативата наведува дека во Законот, во кој се содржани оспорените одредби, немало никакво образложение кои биле причините за неговото донесување, а тоа што одредбата предвидувала како бесправно изграден објект да се смета и објектот изграден спротивно на одобрението за градење што било спротивно на членот 8 од Уставот, бидејќи не било јасно како било можно да биде издадено одобрение за градење, спротивно самото на себе, кога истото не било издадено, односно на кого одобрението за градење можело да биде спротивно, дали самото на себе или на останатите постоечки законски прописи.

Според Судот, вака изнесените наводи се неосновани, од причина што образложението зошто законодаваецот пристапил кон донесување на конкретен закон не е содржано во самиот закон, туку во образложението на Предлог-Законот, како што е и овде случај. Имено, видно од образложението на Предлог-Законот е дека законо-давацот пристапил кон донесување на Законот заради решавањето на проблемот со значителниот број на бесправно изградени градби, но и спречување на нивна изградба во иднина. Поради наведените причини согласно член 1 од Законот, целта на законодавецот е да ги уреди условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти. Одговорот, пак, на прашањето во кои случаи се смета дека одреден објект е изграден спротивно на одобрението за градење и што содржи ваков вид на одобрение се наоѓа во одредбите на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија„ бр.130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011 и 54/2011). Во секој случај градењето на објект без одобрение за градење и градењето на објект спротивно на одобре-нието за градење се две различни правни ситуации опфатени во членот 2 од Законот, при што кај втората е карактеристично што одобрение за градење е издадено, но истото не е почитувано по однос на параметрите и карактеристиките на градбата утврдени и одобрени во наведениот акт.

Во натамошниот текст на иницијативата се наведува дека бил донесен Закон со кој на одредени субјекти им била дадена привилегија да стекнуваат сопственост надвор од сите закони, со што била нарушена рамноправноста на субјектите кои биле носители на сопственост во постојниот правен систем, односно сите кои ги платиле давачките и го купиле земјиштето биле неоправдано казнети, со што бил повреден принципот на хуманизам и социјална правда. Според Судот постојат процесни пречки за впуштање во анализа на вака изнесените наводи, бидејќи подносителот на иницијативата не бара целината на Законот, ниту пак некоја од оспорените одредби, да бидат предмет на оцена по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 8 и членот 9 од Уставот. Тоа што подносителот на иницијативата во воведот, помеѓу другото, бара оцена на оспорените одредби и по однос на нивната согласност со членот 8 став 8 од Уставот не може да се прифати како навод за повреда на принципот на хуманизам и социјална правда од причина што уставната одредба е погрешно означена (членот 8 има само два става), но и од причина што тематиката на легализација на бесправно изградените објекти не може да се доведе во корелација со наведениот принцип.

Според подносителот на иницијативата законодавецот не можел да донесе паралелен закон со кој на друг начин се решавале прашањата кои веќе биле решени во постојниот закон, без тој да биде ставен надвор од сила, а сето тоа било противречно на принципот на владеење на правото, бидејќи со така противречни закони не можело да постои владеење на правото. Според подносителот на иницијативата Законот за сопственост и други видови стварни права и Законот за градење на друг начин го решавале прашањето за легализација на диво изградените објекти поради што смета дека во првонаведениот закон требало да постои посебна одредба за стекнување на сопственост со таканаречана легализација.

Според Судот вака изнесените наводи се неосновани, бидејќи законодавецот има уставна слобода при регулирањето на правните односи да се определи дали одредена проблематика ќе ја уреди во веќе постоечки закон или тоа ќе го направи со нов закон, но при тоа заради можноста од повреда на принципот на владеење на правото треба да внимава една иста проблематика да не ја уреди на различен начин во два или повеќе закони што се во важност. Во овој случај секој од наведените закони третираат различна правна проблематика и општествена појава, иако во основа сите имаат заедничка тематика-стекнување на сопственост на бесправно изграден објект. Во краен случај ако се има предвид дека Законот за постапување со бесправно изградени објекти ќе има временски ограничена примена, а Законот за сопственост и други видови стварни права и Законот за градење на системски, општ начин го третираат прашањето на бесправно изградените објекти, произлегува дека законодавецот и не можел да пристапи кон ставање вон сила на веќе воспоставените законски решенија.

Судот утврди дека се неосновани наводите од иниција-тивата за повреда на правата на локалната самоуправа, бидејќи комуналните такси, како главен приход на локалната самоуправа со овој закон и биле одземени во однос на сите „диви“ градби и оние градби што биле изградени спротивно на Законот, бидејќи вака изнесениот навод е спротивен на содржината на член 20 став 7 од Законот. Имено, според оваа одредба единиците на локалната самоуправа се должни средствата собрани од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект да го користат наменски и тоа за донесување на урбанистичка планска докуме-нтација со која се врши вклопување на бесправните објекти во урбанистичко-планската документација и за инфраструктурно уреду-вање на просторот во кој се наоѓаат истите, од каде произлегува дека вака прибраните средства се строго наменски приход на локалната самоуправа.
.

Судот по однос на наводот од иницијативата дека не можело да се води постапка без да се поднесе барање од лице кое сака да оствари одредно право, односно дека се барало од куќниот совет да приложи одобрение за градба, како правно лице, а биле издадени одобренија за градба на физички лица, кои пак воопшто не поднеле такво барање со што се доведувале во прашање нормите на меѓународното право оцени дека не соодветствуваат на содржината на оспорените одредби. Поточно, проблематиката за утврдување на правен статус за станбени згради за колективно домување е уредена во членот 6 став 7 од Законот, која одредба подносителот на иниција-тивата не ја оспорува.

Според Судот недоволно јасен и противречен е наводот од иницијативата според кој не било испочитувано правото за една иста ствар да не можат да се водат две постапки, туку членот 31 од Законот предвидувал започнатите постапки пред влегување во сила на Законот да запрат, што било спротивно на општо усвоениот меѓу-народен принцип на литиспенденција. Имено, законските решенија за запирање на претходно започнатите постапки, напротив водат кон тоа во исто време, за исти основи, да не се водат повеќе постапки. Но како и да е подносителот на иницијативата само попатно се повикува на содржината на членот 31 од Законот и не бара истиот да биде предмет на уставно-судска оцена од каде постојат процесни пречки за понатамошно произнесување на Судот по однос на уставноста на оваа одредба.

Судот, исто така, оцени дека се неосновани наводите од иницијативата дека државата не можела да продава како свое, изградено државно земјиште, ниту да наплатува земјиште одделно од зграда, односно дека со оспорениот член 20 од Законот се продавало утврдување на правен статус, па се поставувало прашање дали државата можела да продава правен статус одделно од стварите кои се предмет на купопродажба, а можност за продажба на правен статус во граѓанското, управното и облигационото право не се предвидувала. Ова од причини што согласно членовите 20 и 21 од Законот произлегува дека не е во прашање продажба на државно земјиште, односно продажба на правен статус, туку станува збор за постапка во која се утврдува висината на надоместокот кој треба да се плати за да еден објект премине од статус на бесправен во статус на легален објект, а во решението за утврдување на правен статус на бесправен објект, кое е правен основ за запишување на правото на сопственост на објектот, се потврдува дека објектот ги исполнува условите за вклопување во урбанистичката документација и запишување во јавните книги за запишување на правата на недвижности (член 21 ставови 1 и 4 од Законот).

По однос на наводот од иницијативата дека Законот имал ретоактивна понеповолна примена, Судот утврди дека постојат процесни пречки за впуштање во оцена на вака изнесените наводи бидејќи подносителот на иницијативата не бара оцена на уставноста на оспорените одредби, ниту пак на целината на Законот, по однос на нивната согласност со членот 52 став 4 од Уставот, туку по однос на други уставни одредби.
Оспорените одредби не можат да се доведат во корелација и со членот 30 став 3 од Уставот, бидејќи со нив не се предвидува одземање или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, туку напротив во постапка предвидена со закон се овозможува на граѓаните кои имаат бесправно изградени објекти истите да ги легализираат и да стекнат полноважна сопственост. Тука треба да се има предвид дека во вакви случаи на масовно легализирање на бесправно изградени објекти државата настапува со добра волја да се откаже од прибирање на средства кои редовно би ги наплатила за легализација на објектите, но и да се воздржи од рушење, се со цел решавањето на проблемот со значителниот број на бесправно изградени градби, но и спречување на нивна изградба во иднина.

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека наводите во иницијативата не можат да го покренат прашањето за оцена на согласноста на оспорените одредби по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 30 ставови 3 и 4 од Уставот.

Судот не е надлежен да се впушта во оцена на наводите кои одат во насока на оценување на усогласеноста на два или повеќе закони, нивната примена и евентуално погрешно донесени судски и управни одлуки, а имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд определена во членот 110 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на членовите 2, 3 и 5 од Законот е донесено едногласно, а по однос на член 20 со мнозинство гласови.

У.бр.105/2011
8 февруари 2012 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски