105/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 став 1 во делот

2. Сојузот на воени инвлади на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот законски дел “сметано од 1 јануари 2000 година” во членот 2 став 1 од Законот, предизвикувал нееднаквост помеѓу припадниците на безбедносните сили во поглед на користењето на посебните права од овој закон. Ова од причини што припадниците на безбедносните сили кои не учествувале во воениот конфликт после оспорениот период ги уживале посебните права од овој закон, а не важел за припадниците на безбедносните сили од осамостојувањето на Републиката до овој период, кои исто така не учествувале во воениот конфликт. Според иницијаторот тоа значело и дискриминација на безбедносните сили во поглед на користењето на социјалните права кои со членот 36 од Уставот им се гарантираат на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогнуваните и затворените за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства. Понатаму, иницијаторот предлага заради изедначување во рамноправноста на граѓаните, односно на безбедносните сили, оспорениот дел од членот 2 став 1 од Законот, да се укинел, а оспорениот дел “сметано од 1 јануари 2000 година” да се заменел со зборовите “од осамостојувањето на Република Македонија”, бидејќи согласно членот 122 од Уставот вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката, што значело дека безбедносните сили не го штителе територијалниот интегритет и независноста на Републиката само во 2001 година, туку 24 часа непрекинато, бидејќи граничните служби и во мирно време вршеле воени задачи и го штителе интегритетот и независноста на државата. Оттука, со овој закон биле ставени во нееднаква положба лицата во безбедносните сили кои настрадале вршејќи воена должност во мир кои ја обезбедувале државната граница.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 2 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства е уредено дека:

“Припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, во смисла на овој закон, се: војник на отслужување на воениот рок, професионален војник, воен старешина и цивилно лице на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, униформирано лице во Министерството за внатрешни работи, како и лице со посебни должности и овластувања вработено во Министерството за одбрана и во Министерството за внатрешни работи и воен обврзник во резервниот состав на Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи, кои организирано учествувале во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија, сметано од 1 јануари 2000 година (во натамошниот текст: припадник на безбедносните сили).

Под учество во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија (во натамошниот текст: одбрана на суверенитетот на Република Македонија), во смисла на став 1 од овој член се подразбира организирано дејствување на припадниците на безбедносните сили во вооружени дејствија против вооружените екстремистички и паравоени групации.

Припадник на безбедносните сили кој здобил рана, повреда или болест, при одбрана на суверенитетот на Република Македонија, при што настапило оштетување на неговиот организам најмалку за 20%, ќе се смета како воен инвалид од војните во смисла на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (во натамошниот текст: воен инвалид).

Припадник на безбедносните сили кој загинал во вооружени дејствија против вооружените екстремистички и паравоени групации се смета за загинат припадник на безбедносните сили.

Припадник на безбедносните сили кај кој настапила смрт како директна последица од рана или повреда здобиена во вооружени дејствија против вооружените екстремистички и паравоени групации се смета за починат припадник на безбедносните сили.”

Судот, исто така утврди дека причинитие поради кој е донесен овој закон биле актуелните вооружени конфликти со екстремистички и паравоени групации на северниот дел на државната граница на Република Македонија на почетокот на 2000 година, во кој период настрадале значителен број на припадници на безбедносните сили на Републиката, односно значителен дел од нив се здобиле со тешки повреди и оштетувањa на организмот. Постојната законска регулатива што се однесува на правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, не ја покривале во целост актуелната состојба, што доведувало до нерамноправен статус на членовите на семејствата на загинат припадник на Армијата на Република Македонија и загинат припадник на Министерството за внатрешни работи, поради што, како неопходно се наметнала потребата од донесување на закон, со кој на посоодветен начин ќе бидат утврдени социјалните и другите права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, во однос на правата што постојните прописи до донесување на овој закон ги обезбедувале.

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Со членот 8 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според членот 36 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затворените за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава во која хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се издигнати на ниво на темелни вредности на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквоста во слободите и правата пред Уставот и законите.

Како начин на остварување на наведените уставни начела со Законот за посебните права на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, Републиката им гарантира посебни социјални права и тоа ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги, вработување, стан под закуп, еднократен паричен надоместок, права од областа на образованието и семејна пензија. Со овој закон, државата со цел да ја исполни својата социјална и хумана функција ги определила наведените посебни права за припадниците на безбедносните сили кои се нашле во одредена состојба во одреден временски период.

Од овие причини со членот 2 став 1 од Законот е определено дека припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, во смисла на овој закон, се: војник на отслужување на воениот рок, професионален војник, воен старешина и цивилно лице на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија, униформирано лице во Министерството за внатрешни работи, како и лице со посебни должности и овластувања вработено во Министерството за одбрана и во Министерството за внатрешни работи и воен обврзник во резервниот состав на Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи, кои организирано учествувале во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и во спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија, сметано од 1 јануари 2000 година (во натамошниот текст: припадник на безбедносните сили).

Според членот 5 од Законот, покрај посебните права пропишани со овој закон на воените инвалиди, во смисла на овој закон, и членовите на нивните семејства им припаѓаат и правата пропишани со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци кои ќе ги остваруваат на начин и постапка пропишани со тој закон. Во остварување на правата од Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, членовите на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили од Министерството за внатрешни работи се изедначуваат со правата на членовите на семејството на паднат борец.

Со членот 7 од Законот е определено дека на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства им се утврдени посебни права и тоа ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги, вработување, стан под закуп – станбено згрижување, еднократен паричен надоместок, права од областа на образованието и семејна пензија.

Со членот 22 од Законот е определено дека на членовите на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили од Министерството за внатрешни работи, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон оствариле права по Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, по службена должност ќе им се исплати паричен надоместок во висина на разликата од правата што ги оствариле до правата што можат да ги остварат според овој закон.

Според членот 23 од Законот посебните права утврдени со овој закон се однесуваат и на припадниците на безбедносните сили од Министерството за одбрана кои ги загубиле животите во војните во поранешна СФРЈ, на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства.

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека законодавецот не ја ограничил примената на посебните права уредени со овој закон само за безбедносни сили дефинирани со членот 2 од Законот, туку пропишал дека посебните права утврдени со Законот се однесуваат и за припадниците на безбедносните сили од Министерството за одбрана кои ги загубиле животите во војните во поранешна СФРЈ, на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства, а исто така за семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили од Министерството за внатрешни работи, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон оствариле права по Законот за правата на воените инвалиди, пропишал и право на паричен надоместок во висина на разликата од правата што ги оствариле до правата што можат да ги остварат според овој закон.

Со иницијативата се оспорува членот 2 ставот 1 во делот: “сметано од 1 јануари 2000 година” од Законот, со наводи дека оспорениот дел од членот од Законот, предизвикувал нееднаквост и дискриминација помеѓу припадниците на безбедносните сили во поглед на користењето на посебните права уредени со овој закон, односно дека тие права можеле да ги користат само припадниците на безбедносните сили после оспорениот период содржан во оспорениот член од Законот, а не и безбедносните сили, пред тој период.

Тргнувајќи од анализата на оспорениот член 2 став 1 во делот: “сметано од 1 јануари 2000 година” од Законот, произлегува дека оспорениот законски дел детерминира настани, поврзани со безбедносната состојба во земјата, по вид и карактер различна од претходната, од кои причини законодавецот, го донел овој закон, со цел на посоодветен начин да ги уреди социјалните и други права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства, со оглед дека постојната законска регулатива (Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци), во целост не ја покривала настанатата состојба сметано од 1 јануари 2000 година, што доведувало до нерамноправен статус на членовите на семејствата на загинат припадник на Армијата на Република Македонија и загинат припадник на Министерството за внатрешни работи, која нерамноправност законодавецот ја елиминирал со новиот закон. Од овие причини, законодавецот тргнувајќи од овластувањата утврдени со Уставот, утврдил посебни права за безбедносните сили и за членовите на нивните семејства и според тоа сосема логично и разбирливо е новото законско решение да се протега на сите субјекти и дејствија што настанале во определен временски период и што се нашле во иста правна ситуација, а право е на законодавецот со закон да ги уредува настанатите состојби и случаите кои не биле уредени и да определува подеднакви права за припадниците на безбедносните сили, кои поеднакво се нашле во тие настани и случаи.

Околноста што законодавецот при дефинирањето на поимите опфатени во членот 2 од Законот, тргнал од еден временски период содржан во оспорениот законски дел, според Судот, не значи дека со тоа се ставаат во нееднаква положба припадниците на безбедносните сили, како и нивно дискриминирање во поглед на користењето на посебните права, ниту пак има за цел нивно меѓусебно поимно негирање од аспект на нивно признавање како што се наведува во иницијативата, туку тоа претставува нивно поблиско поимно определување, поврзани со карактеристични безбедносни состојби и настани во земјата во кои тие учествувале во одбрана на суверенитетот на земјата, со организирано дејствување во вооружени дејствија против вооружените екстремистички и паравоени групации. Меѓутоа, законодавецот не ги уредил само посебните права на безбедносните сили дефинирани со членот 2 од Законот, туку уредил поширок опфат на субјекти на кои се однесуваат тие права, со што е овозможено рамноправно користење на тие права од страна на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства во функција на обезбедување на принципот на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Имено, тоа го потврдува и членот 22 од овој закон кој овозможува изедначување во разликата од правата што припадниците на безбедносните сили ги оствариле со Законот за правата на воените инвалиди до правата што можат да ги остварат според овој закон, а дефинитивно тоа го потврдува и членот 23 од Законот за посебните права, според кој посебните права од Законот се однесуваат и за припадниците на безбедносните сили од Министерството за одбрана кои ги загубиле животите во војните во поранешна СФРЈ, на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства.

Според Судот, оттука, законското решение од оспорениот законски дел, е всушност само во функција на поблиско поимно дефинирање на припадниците на безбедносните сили поврзано со нивно учество со карактеристични дејствија во карактеристични настани во одбрана на суверенитетот на земјата и тоа никако не значи нивна нееднаквост и дискриминација во поглед на користењето на посебните права, туку напротив определува рамноправност во остварувањата на тие права, ова дотолку повеќе што законодавецот не ги уредил само посебните права на безбедносните сили дефинирани со членот 2 од Законот, туку уредил поширок опфат на субјекти на кои се однесуваат тие права од Законот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека овој закон, вклучително и оспорениот член 2 став 1 од Законот, во никој случај не прави разлика и категоризација на припадниците на безбедносните сили, како што се наведува во иницијативата, а што се однесува до правата на сите воени мирновременски инвалиди, истите можат да ги остварат согласно важечките закони кои се во сила и се применуваат во Република Македонија.

5. Тргнувајќи од изнесената фактичка состојба, цитираните уставни и законски одредби, содржината на оспорениот член 2 став 1 во делот: „сметано од 1 јануари 2000 година од Законот, Судот утврди дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Трендафил Ивановски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 105/2010
16 март 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски