У.бр.104/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 24, членот 25 став 1 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Асоцијација „Магна карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 9, членот 32 ставови 1 и 5, членот 34, членот 35 став 1 и членот 51. Ова поради тоа што „паричниот надоместок“ кој се обезбедувал за време на невработеност, бременост или професионална рехабилитација не претставувало плата туку тој надомест бил материјално обезбедување за времето на привремената невработеност. Со оглед на тоа, а имајќи предвид дека пензијата, согласно членот 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се утврдувала од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за времето на вкупното траење на осигурувањето, произлегувало дека во случајов со оспорените одредби од Законот кои предвидувале пензиската основа на невработените лица да се утврдува од паричниот надоместок и соодветно на тоа и да се пресметува придонесот за нивното пензиско осигурување, се отстапувало од принципот дека пензиите се утврдувале од платата на осигуреникот, што продуцирало „социјална неправда во општеството“.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за пензиското и инвалидското осигурување во членот 19 став 2 предвидел дека за определување на пензиска основа, покрај месечниот просек на плати се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност.

Во членот 24 од Законот е предвидено дека за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда, односно за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, за утврдување на пензиската основа се зема надоместокот на плата.

Надоместокот на плата од ставот 1 на овој член се валоризира со коефициент со кој се валоризираат платите за таа година.

Во членот 25 став 1 од Законот е предвидено дека за утврдување на пензиската основа на невработените лица кои примаат паричен надоместок во случај на невработеност, на инвалидите на трудот во случај на професионална рехабилитација се зема паричен надоместок.

Во ставот 2 од овој член од Законот е уредено дека паричниот надоместок се валоризира со коефициент со кој се валоризираат платите за таа година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната правичност.

Наведените уставни одредби го прокламираат и утврдуваат општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.

Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 4 на овој закон, се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.
Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:

1) право на старосна пензија;
2) право на инвалидска пензија;
3) професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4) право на семејна пензија;
5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6) право на најнизок износ на пензија.

Осигурениците со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се утврдени со член 11 од Законот, и тоа:
1) работниците во работен однос во претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и во домашно и странско физичко и правно лице (во натамошниот текст: работодавец);
2) лицата на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери, офицери и граѓански лица на служба во Армијата);
3) избраните или именуваните носители на јавна и друга функција, ако за вршењето на функцијата примаат плата, односно остваруваат надоместок на плата за вршење на таа функција;
4) државјаните на Република Македонија кои на територијата на Република Македонија се вработени кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва или се во лична служба на странски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено;
5) државјаните на Република Македонија вработени во странство, ако за тоа време не се задолжително осигурани кај странски носител на осигурувањето;
6) државјаните на Република Македонија вработени кај странски работодавец во држава во која се задолжително осигурани, но во која правата од пензиското и инвалидското осигурување, што како права се утврдени со овој закон, не можат да ги остваруваат или не можат да ги користат надвор од таа држава;
7) физичките лица кои вршат дејност;
8) индивидуалните земјоделци-обврзници на данок од приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци);
9) невработени лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж;
10) инвалидите на трудот за време на чекање за упатување и за време на професионална рехабилитација и соодветно вработување;
11) самостојните уметници кои со таков статус се здобиле според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура и
12) професионални спортисти кои имаат склучено договор за вработување со професионален спортски клуб.

Во членовите од 19 до 32 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат за тоа од што зависи и на кој начин се утврдува пензиската основа за остварување на старосна пензија. Така пензиската основа се утврдува од: месечниот просек на платите што ги примал работникот за време на вкупното траење на осигурувањето, од висината на паричниот надомест по и за време на привремената спреченост за работа, од висината на надоместок на плата за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда, за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, а како пензиска основа на невработени лица кои примаат паричен надоместок во случај на професионална рехабилитација се зема паричниот надоместок.

Во членот 14 од Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 142/2008, 64/2009 и 156/2009) е утврдено што претставува основица за пресметување и плаќање на придонесите, при што за невработените лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност основа претставува надоместокот што го примаат.

Според Судот, тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за придонесите од задолжителното социјално осигурување, наспрема содржината на оспорените одредби неспорно е дека остварувањето на старосната пензија и нејзината висина не зависи само од должината на пензискиот стаж, туку и од месечниот просек на плати, односно надоместок на плати или надоместок што осигуреникот го прима во одредени случаи за кои примања осигуреникот или Агенцијата плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување.

Предвидените законски решенија паричниот надомест и надоместок на плати кој го прима осигуреникот во случаите предвидени со закон да претставува основа за утврдување на пензијата на осигуреникот се поставени на сосема реални и објективни основи, поради што се оцени дека со предвидениот начин на уредување на ова прашање не се доведуваат во прашање остварувањето на правата од социјална заштита. Фактот, што пред донесување на измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, пензиската основа во случаи кога осигуреникот остварувал парични надоместоци се утврдувала од платата од која бил определен паричниот надоместок што било поповолно за осигурениците не може да претставува доволен основ за изразување на сомнение за неуставноста на оспорената одредба од аспект на начелото на еднаквост.

Според Судот, во конкретниов случај не може да стане збор ниту за губење на стекнато право, туку за промена на режим за утврдување на основица за пресметување на пензија, кој ќе се однесува на сите осигуреници во наведените услови во иднина. Имено, согласно членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008) за осигурениците на кои до влегувањето во сила на овој закон им се исплатувал паричен надоместок, односно надоместок на плата, пензиската основа, односно пензијата им се определува од основата од која е определен паричниот надоместок, односно надоместок на плата. Новиот режим важи за идните односи, и со тоа веќе пензиската основа се определува дирекно од паричниот надоместок, односно надоместок на плати, а со тоа не се доведуваат во прашање уставните одредби за остварување на правата од социјалното осигурување.

Судот со Решение У.бр.178/2009 од 16 декември 2009 година не повел постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, врз основа на изнесената уставносудска анализа, која следователно се однесува во случајов и на останатите оспорени одредби од Законот во овој предмет. Со оглед на тоа, за оспорените одредби од членот 24, членот 25 став 1 во делот: „во случај на професионална рехабилитација, се зема паричен надоместок“ и ставот 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста со одредбите од Уставот, а во однос на оспорениот член 19 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по кој Судот веќе одлучувал, настапени се условите, согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот да ја отфрли иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2010
15 декември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски