104/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на

а) членот 30 и членот 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000) и

б) членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005).

2. Славе Серафимовски, Благој Апостолов и Глигур Близнаковски, сите од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 а.) од ова решение, како и на членот од Законот означен во точката 1 б.) од ова решение.

Според наводите од иницијативата, поднесена во Судот на 17 мај 2006 година подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд, врз oснова на член 8 став 1 алинеја 8, член 35 став 1 и член 50 од Уставот да ги заштити нивните права и бараат „праведност“, бидејќи за разлика од сите останати осигуреници, со оспорените одредби тие биле ставени во понеповолна положба.

Понатаму, следува појаснување дека подносителите на иницијативата биле примени во редовите на Полицијата на 23 јуни 1976 година, а пензиски стаж со зголемено траење им се сметал од 1 јануари 1977 година и како таков континуирано траел. На 1 септември 2006 година, навршувале 40 години пензиски стаж со зголемено траење, кога и стекнувале право на старосна пензија.

Меѓутоа, поради предвидениот услов на 1 септември 2000 година да имаат 33 години пезиски стаж, кога тие имале по 32 години и 2 месеци пензиски стаж, им било наговестено дека нема да можат да остварат право на старосна пензија на 1 септември 2006 година, иако на овој датум би имале пензиски стаж од по 40 години. Поради тоа, сметаат дека се во понеповолна положба од другите осигуреници.

Во дополнувањето на иницијативата, поднесено во Судот на 12 јуни 2006 година, повторно се појаснува дека на 1 септември 2000 година тие не можеле да имаат 33 години пезиски стаж, меѓутоа на 1 септември 2007 година, до кога важела примената на оспорениот член 1 од Законот, тие би имале по 40 години пензиски стаж, а сепак не ќе можат да го остварат правото на старосна пензија.

Потоа, во дополнувањето на иницијативата се бара Судот да направи измена на оспорените одредби, со предлог тие да гласат: „Со навршување на 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени до 1 септември 2007 година да може да се оствари право на старосна пензија“.

3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ б р.24/2000), осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон имале најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж) односно 30 години (жена), правото на старосна пензија го стекнуваат под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996 и 32/1997).

Според оспорениот член 31 од истиот закон, осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, правото на старосна пензија можат да го остварат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2005 година.

Согласно член 35 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“(објавен на 29 март 2000 година), но за членовите 30 и 31 (меѓу другите) е определено дека ќе се применуваат одложено, односно од 1 септември 2000 година.

Според член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското исигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001), во членот 30 во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/ 2000), по зборот: „пензија“ зборовите: “го стекнуваат под условите утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996 и 32/ 1997)“ се менуваат со зборовите: „можат да остварат и со исполнување на 40 години (маж) , односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста“.

Со оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), се уредува дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005) во членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000) бројот „35“ се заменува со бројот „33“, а бројот „30“се заменува со бројот „28“. Според член 2 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (24 ноември 2005 година).

Според член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инавлидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006), во член 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), по зборот: „возраста“ точката се заменува со запирка и се додаваат зборовите: „најдоцна до 1 септември 2007 година“.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни те договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи означување на законот, односно одделни негови одредби што се оспоруваат, како и причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, во поднесената иницијатива и дополнувањето на иницијативата, не се означува дека составен дел на оспорените одредби се и измените и дополнувањата направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001) кој влегол во сила пред поднесувањето на иницијативата и последно донесениот Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инавлидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006), кој влегол во сила по поднесувањето на иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што одредбите што се означуваат како оспорени, од нивното прво појавување во правниот поредок до денес, биле предмет на повеќе измени и дополнувања што не се опфаќаат во иницијативата и нејзиното дополнување, Судот ја утврди содржината што ја имаат во време на нивната оценка.

Имено, членовите 30 и 31 од Законот, како изворна содржина за прв пат се појавуваат во правниот поредок во 2000 годи на со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000). Во нив било предвидено дека правото на старосна пензија осигурениците можат да го остварат со најмалку исполнет пензиски стаж од 35 години (маж) односно 30 години (жена), а за осигурениците на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење, правото го остваруваат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2005 година. Според Законот наведените одредби ќе се применуваат од 1 септември 2000 година.

Во 2001 година, членот 30 од Законот претрпел измени и дополнувања со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2001). Според оваа измена и дополнување осигурениците можат да остварат старосна пензија со 35 односно 30 години пензиски стаж, со достигнување на одредена возраст, како и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста.

Во 2005 година во Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005), е направена измена на членот 30 од Законот за измаенување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000, на начин што осигурениците можат да го остварат правото на пензија наместо со најмалку 35 години исполнет пензиски стаж со 33 години (маж), односно наместо со 30 години пензиски стаж со 28 години (жена).

Оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) во суштина не е самостојна првна содржина и тој во неговите измени и дополнувања всушност секогаш е поврзан со содржината на членот 30 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000).

Со членот 19 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2006) се врши дополнување на оспорениот член 1 со тоа што по зборот: „возраста“ се додаваат зборовите: „најдоцна до 1 септември 2007 година“. Меѓутоа, зборот возраст не е содржина на членот 1 од Законот изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2005) на кој се повикува законодавецот, туку според својата суштина е содржина на членот 30 од службените гласила бр.24/2000 и 50/2001.

Оттаму, содржината на оспорените член 30 и член 1, единствено може да се разледува како една целина, која гласи:

„Осигурениците кои на денот на почетокот на примената на овој закон (на 1 септември 2000 година) имале најмалку исполнет пензиски стаж од 33 години (маж) односно 28 години (жена), право на старосна пензија мож ат да остварат и со исполнување на 40 години (маж), односно 35 години (жена) пензиски стаж, без оглед на возраста, најдоцна до 1 септември 2007 година“.

Споредувајќи ја содржината на оспорените одредби и нивното означување со бројот на службените гласила во поднесената иницијатива и дополнување на иницијативата со актуелната содржина и означување на оспорените одредби, произлегува дека во наведените поднесоци не е содржано правилно содржинско и нумеричко означување на оспорените одредби. На овој недостаток им беше укажано на подносителите на иницијативата во направените консултативни разговори, но истиот не беше отстранет.

Оттаму, фактот што оспорените одредби пред и по поднесувањето на иницијативата претрпеле измени и дополнувања, кои не се опфатени со иницијативата, претставува околност што е од суштинско значење за идентификација на одредбите што треба да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, што според Судот е недостаток на процесна претпоставка за натамошно постапување по иницијативата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски, кој го заменува претседателот на Судот, и судиите: Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.104/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
мл/ла

Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски