104/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на
а) Одлуката за основање на орбганизации за згрижување и воспитание на деца “Буба Мара” и “Срничка”, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/95) и
б) Одлуката за основање на организација за згрижување и воспитание на деца “Мајски Цвет”, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/95).
2. На Усгавниот суд на Република Македонија, Работната организација за згрижување, воспитание и образование “Весели Цветови” од Скопје, претставувана од Виданка Андреевска, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени под а) и б) во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се вршеле статусни промени во Организацијата за згрижување, воспитување и образование, што не било согласно со Уставот и со закон.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените одлуки се одноваат три организации за згрижување и воспитание на деца: “Буба Мара” и “Срничка” со седиште во Скопје и “Мајски Цвет” со седиште во Битола, и дека со овие одлуки за вршители на должноста директори на организациите за згрижување и воспитание на децата се назначуваат Маргарита Тодоровска и Виолета Црвенковска, двете од Скопје и Соља Илиевска од Битола.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 11 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/90 и 63/94), Владата може да основа јавни претпријатија, јавни установи и служби, институции и други видови организации во име на Републиката, доколку со закон не е поинаку определено.
Со оглед на тоа што оспорените одлуки на Владата претставуваат основачки акт, кој по својот карактер и природа е поединечен, и кој, како таков, согласно горе наведената уставна одредба излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.104/95).