103/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 алинеја 1 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на одредбата означена во точка 1 на ова решение со член 5 од Законот за државното правобранителство и со членовите 65 и 66 од Законот за трговските друштва.

3. Радослав Спасовски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, агенциите биле правни лица со јавни овластувања и секогаш биле самостојни во својата работа. Директорот на агенцијата како правно лице по автоматизам бил законски застапник на агенцијата, што било видно и од првиот дел на одредбата од член 15 став 1 од Законот, според која директорот ја претставува и застапува Агенцијата за катастар на недвижности пред надлежните органи. Меѓутоа, натамошната определба на законодавецот, искажана во истиот член, тоа овластување да не важи пред надлежните судови, пред кои Агенцијата ќе ја застапува државниот правобранител на Република Македонија, водела кон незаконска редукција на овластувањата на директорот. Агенцијата за катастар на недвижности не била државен орган основан со закон, туку правно лице со јавни овластувања, поради што законодавецот не правел дистинкција и правното лице го поистоветувал со државен орган, иако нашата и светската правна литература не познавала државен орган со статус (својство) на правно лице.

Поради наведеното, оспорената одредба не била во согласност со член 5 од Законот за државниот правобранител, со членовите 65 и 66 од Законот за трговските друштва и со член 96 од Уставот на Република Македонија, според кој органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 алинеја 1 од Законот за катастар на недвижности, директорот на Агенцијата ја претставува и застапува Агенцијата пред надлежните органи, освен пред надлежните судови, пред кои ја застапува Државниот правобранител на Република Македонија.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредноста на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од наведените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува така што сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за катастар на недвижности, помеѓу другото, се уредува и статусот, организацијата, работењето и надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности (член 1).

Според член 6 став 1 од Законот, Агенцијата има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон. Според став 4 на истиот член, Агенцијата за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

Надлежностите на Агенцијата се утврдени со член 8 од Законот.

Според член 9 став 1 од Законот, органи на Агенцијата се Управен одбор и директор.

Членовите на Управниот одбор ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за период од пет години, без право на повторен избор (член 10 став 1).

Според член 12 став 1 од Законот, со Агенцијата раководи директор. Директорот на Агенцијата има заменик. Според став 2 на истиот член, директорот на Агенцијата и заменикот на директорот ги избира и разрешува Владата на Република Македонија за период од пет години, со можност за уште еден избор.

Со член 15 став 1 од Законот се утврдуваат работите што ги врши директорот, и тоа:
– ја претставува и застапува Агенцијата пред надлежните органи, освен пред надлежните судови, пред кои ја застапува Државниот правобранител на Република Македонија,
– ја организира работата и раководи со стручните служби на Агенцијата,
– ги извршува одлуките на Управниот одбор,
– изготвува и му предлага на Управниот одбор стратешки план, годишна програма за реализација на стратешкиот план на Агенцијата, годишен финансиски план и извештај за работењето на Агенцијата за претходната година,
– изготвува и предлага на Управниот одбор подзаконски прописи за спроведување на овој закон,
– предлага тарифници утврдени со овој закон,
– донесува акти за организација и систематизација на работните места на Агенцијата согласно со закон,
– предлага и ги извршува актите за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на помошните работници и актите за оценување на помошните работници во Агенцијата,
– предлага и го извршува актот со кој се пропишува начинот на остварување на соработката, спроведувањето на консултантските услуги и обуките, како и начинот на распределбата и користењето на приходите од членот 5 од овој закон,
– се грижи за законито работење и трошење на финансиските средства на Агенцијата,
– издава упатства во врска со спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на него,
– донесува поединечни акти за вработените од областа на работните односи,
– донесува решение за одземање или ограничување на јавните овластувања на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи ,
– издава и одзема овластување за изработка на картографски производи,
– издава согласност за ставање во употреба на картографски производи,
– издава, продолжува, потврдува и одзема овластување за овластен геодет,
– издава сертификат на овластените геодети за посетена континуирана обука од областа на геодетските работи,
– издава и одзема лиценци за вршење на геодетски работи во случајот од членот 128 став 6 од овој закон и
– одлучува и за други прашања утврдени со овој закон и со статутот на Агенцијата.

Според член 19 став 1 од Законот, средствата за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, сопствени приходи од надоместоци, донации и други извори, согласно со закон.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 15 став 1 алинеја во делот: „ освен пред надлежните судови, пред кои ја застапува Државниот правобранител на Република Македонија“, затоа што директорот на Агенцијата по автоматизам бил законски застапник на Агенцијата како правно лице, па не можел никој да го застапува без тој да го овласти, поради што подносителот на иницијативата смета дека неосновано му е одземено овластувањето на директорот тој да ја застапува Агенцијата пред надлежните судови. Тоа го поткрепува со тврдењето дека Агенцијата за катастар на недвижности не била државен орган основан со закон, туку правно лице со јавни овластувања, поради што оспорената одредба не била во согласност со член 5 од Законот за државниот правобранител, со членовите 65 и 66 од Законот за трговските друштва и со член 96 од Уставот на Република Македонија.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани поради следново:

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Според став 3 на истиот член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 5 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000, 44/2002, 82/2008 и 167/10 и 51/11), органите на државната управа можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации (став 1). Министерствата се основаат за вршење на функциите на државната управа групирани по области за еден или повеќе сродни управни ресори (став 2). Другите органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи на државната управа (дирекции, архив, агенции и комисии) или како органи во состав на министерствата (управа, биро, служба, инспекторат и капетанија) (став 3). Органите во состав на министерствата можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството (став 4).Управните организации се основаат за вршење определени стручни и други работи кои бараат примена на научни и стручни методи и со нив поврзани управни работи од областите за кои се основаат министерствата (институт и завод) (став 5). Управните организации се основаат како самостојни органи на државната управа (став 6).

Според член 6 на овој закон, самостојниот орган на државната управа за својата работа одговара на Владата на Република Македонија и на соодветното министерство.

Според член 7 на истиот закон, органите на државната управа, освен министерствата, можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон.

Согласно член 8 на овој закон, на одделни органи на државната управа, со законот со кој се основаат може да им се определи својство на правно лице.

Според член 2 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007), Државното правобранителство на Република Македонија е државен орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг закон.

Согласно член 5 од овој закон, државниот правобранител и државните правобранители ги штитат имотните права и интереси на Република Македонија и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство.

Од наведената уставна и законска регулатива произлегува дека агенциите се самостојни органи на државната управа кои за својата работа одговараат на Владата на Република Македонија и на соодветното министерство, дека се основаат, укинуваат и нивната надлежност се утврдува со закон и дека со законот со кој се основаат може да им се определи својство на правно лице. Исто така, произлегува дека во Република Македонија е основан државен орган – Државно правобранителство на Република Македонија, кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг закон, во која смисла законодавецот пропишал дека државниот правобранител ги штити имотните права и интереси на Република Македонија и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство.

Со Законот за катастар на недвижности е основана Агенцијата за катастар на недвижности, која има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон и која за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија. Со Агенцијата раководи директор кој го избира и разрешува Владата на Република Македонија, при што работите што ги врши директорот се таксативно утврдени со овој закон. Според член 15 став 1 од овој закон, Агенцијата за катастар на недвижности пред надлежните судови ја застапува Државниот правобранител на Република Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека законодавецот ги уредил прашањата за статусот, организацијата, работењето и надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности, во согласност со уставната и законската регулатива со која комплексно се уредува организацијата и работењето на органите на државната управа во Република Македонија, каков што статус неспорно има Агенцијата за катастар на недвижности, што е во согласност со член 96 од Уставот и што е во поткрепа на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Поради тоа, Судот оцени дека определбата на законодавецот искажана во член 15 став 1 алинеја 1 од Законот за катастар на недвижности, Агенцијата за катастар на недвижности пред надлежните судови да ја застапува Државниот правобранител на Република Македонија е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 и член 96 од Уставот.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Наводите во иницијативата дека оспорената одредба од Законот за катастар на недвижности не била во согласност со член 5 од Законот за државното правобранителство и со членовите 65 и 66 од Законот за трговските друштва, всушност претставува барање за оценување на меѓусебна согласност на закони, што не е во надлежност на Уставниот суд, кој единствено ја цени и одлучува за согласноста на законите со Уставот. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.103/2013
11 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева