102/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста членот 20 од Законот за гробишта и погребални услуги (“Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2008, 156/2010 и 53/2011).

2. ЈП „ЧИСТОТА И ЗЕЛЕНИЛО“-Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 20 од Законот означенн во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 20 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот, бидејќи со неа се ограничувала слободата на пазарот и претпримеништвото и тоа на правните субјекти основани од јавни претпријатија и на нив не им била дадена можност да бидат еднакви со другите правни субјекти на пазарот.

Во натамошниот тек на иницијативата се појаснува дека подносителот на иницијативата се јавил како основач на Друштво за погребални услуги „Чистота-погребално ДООЕЛ-Куманово, за што била побарана дозвола за вршење на погребални услуги од Министерството за транспорт и врски, но барањето било одбиено, по што подносителот на иницијативата повел управен спор, кој се завршил со одбивање на тужбата како неоснована.

Од сето наведено подносителот на иницијативата заклучува дека со оспорената законска одредба и посебно со нејзината практична примена не се овозможувал слободен пристап на сите правни субјекти на пазарот, односно се нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото.

Исто така, во иницијативата се појаснува дека во Куманово погребални услуги вршеле друштва за погребални услуги основани од физички лица, кои не биле доволно кадровски и техничи опремени, наспроти Друштвото за погребални услуги „Чистота-погребално, ДООЕЛ – Куманово кое ги исполнувало условите за вршење на оваа дејност, но не можело да добие соодветна дозвола затоа што било основано од јавно претпријатие, или од подносителот на иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 20 од Законот е предвидено дека, погребал­ните услуги ги вршат физички и правни лица кои имаат дозвола за вршење на погребални услуги.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во конкретниот случај предмет на оспорување е членот 20 од Законот за гробишта и погребални услуги, од чија содржина произлегува дека погребални услуги може да врши само она физичко или правно лице кое има дозвола за вршење на ваква дејност, при што одредбата понатаму не разработува кои се условите за добивање на ваков вид дозвола или пак кој ја издава таквата дозвола, ниту пак содржи ограничување дека дозвола нема да се добие во случај кога како основач на претпријатието за погребални услуги се појавува јавно претпријатие.

Според тоа, подносителот на иницијативата погрешно смета дека оспорениот член 20 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот, а како во оспорената одредба отсуствуваат било какви ограничувачки услови од каде истата не може да генерира нееднаквост на странките на пазарот или да го повредува претприемништвото од аспектите на иницијативата.

Примената, пак, на оваа одредба во практиката не припаѓа во надлежноста на Уставниот суд, според членот 110 од Уставот.

Инаку, заради информирање на подносителот на иницијативата, членот 21 став 1 алинеја 8 од Законот определува дека услов за физичкото или правното лице да добие дозвола за вршење на погребални услуги е „да не поседува дозвола за управување со гробишта.“ Оваа одредба била предмет на оцена од страна на Уставниот суд кој со решение У.бр.93/2010 од 13.07.2011 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност, наоѓајќи дека истата е во согласност со Уставот.

Во образложението на решението Судот поаѓајќи од членот 55 и членот 56 од Уставот навел дека, дека слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон и во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот. Во однос на добрата од општ интерес за Републиката, кои како такви се утврдуваат со закон и во кои спаѓаат и добрата во општа употреба, Уставот определува дека уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со закон.

Членот 2 од Законот за гробишта и погребални услуги определува дека гробиштата се добра во општа употреба во сопственост на Република Македонија, членот 4 од Законот предвидува посебна заштита на гробиштата како добро во општа употреба, така што определува управувањето со гробиштата да биде посебна дејност одвоена од дејноста давање погребални услуги, а членот 15 став 1 точка 8 и членот 21 став 1 точка 8 од Законот ги конкретизираат претходно наведените законски одредби така што определуваат дека услов за управување со гробишта е правното лице да не поседува дозвола за вршење на погребални услуги односно услов за вршење на погребални услуги е физичкото или правното лице да не поседува дозвола за управување со гробишта.

Врз основа на наведеното Судот заклучил дека членот 21 став 1 алинеја 8 од Законот определува посебен услов за вршење на погребални услуги, кој се состои во непоседување на дозвола за управување со гробишта, што е посебна заштита на гробиштата како добра во општа употреба за Републиката, а таквото значење на член 21 став 1 точка 8 од Законот има основа во член 56 ставовите 1 и 3 од Уставот. Поради тоа, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

Врз основа на сето наведено Судот оцени дека оспорената одредба, разгледувана преку аспектите на иницијативата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2012
20 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски