102/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување релевантни пазари бр.13/34 од 17 август 2005 година, донесена од Комисијата за електронски комуникации при Агенцијата за електронски комуникации.

2. Македонски Телеком АД-Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспо- рената одлука била објавена на веб-страницата на Агенцијата за електронски комуникации, со што бил повреден членот 52 од Уставот, бидејќи истата не била конкретен управен акт (inter partes), туку општ пропис (erga omnes).

Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорената одлука не била во согласност и со членот 41 од Законот за електро-нските комуникации, од причина што оваа одредба не предвидувала дека означувањето на релевантните пазари можело да биде направено со Одлука, од каде Агенцијата немала законско овласту-вање да ја донесе оспорената одлука. Потоа, оспорената одлука не била во согласност и со членот 4 од Законот за општата управна постапка, кој предвидувал дека органите на управата, кога поста-пуваат во управни работи и кога решаваат врз основа и во рамките на со закон дадените овластувања, меѓународните договори и другите прописи на државните органи и на правните и други лица во вршењето на јавни овластувања, или кога се овластени со закон или со пропис заснован на закон да решаваат по слободна оцена, решението морало да биде донесено во рамките на овластувањата утврдени со закон и во согласност со целта за која е дадено овластувањето.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иниција-тивата смета дека Агенцијата ги надминала од своите овластувања при донесување на оспорената одлука, како во поглед на донесувањето на предметниот акт, така и во поглед на неговата форма, бидејќи Законот за општата управна постапка не го познавал инструментот „Одлука“, како конкретен управен акт кој може да го донесат органите на управата. Следствено на тоа определувањето на релевантни пазари не можело да биде направено со одлука, а што било уште поважно и Законот за електронски комуникации не и давал право со било каков акт да ја уреди предметната материја, односно согласно членот 41 став 1 од наведениот закон, тоа морала да го направи во пропишана форма на актот, односно со решение.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 14 точка а), а во врска со член 41 од Законот за електронски комуни-кации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005), Комисијата како орган на Агенцијата за електронски комуникации, на состанокот одржан на 17 август 2005 година донела Одлука за утврдување на релевантни пазари.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека, со оваа одлука се утврдува релевантниот географски пазар и релевантните пазари на производи и услуги на пазарот на електронските комуникации.

Според членот 2 од Одлуката, одделни изрази употребени во оваа одлука го имаат следново значење:

a) Резиденцијален краен корисник е физичко лице кое што користи јавно достапни електронски комуникациски услуги,

б) Деловен краен корисник е правно лице кое што користи јавно достапни електронски комуникациски услуги;
в) Услуга за започнување на повик (call origination) е пренос на повик од мрежната приклучна точка на претплатник од една јавна комуникациска мрежа до точка на интерконекција поврзана на друга јавна комуникациска мрежа;
г) Услуга за завршување на повик (call termination) е пренос на повик од точка за интерконекција до мрежната приклучна точка на повиканиот претплатник во друга јавна комуникациска мрежа идентификуван според географскиот број или до уредот или опремата за идентификување на претплатниците на оператор на јавна мобилна комуникациска мрежа.
Во членот 3 став 1 од Одлуката е определено дека, релевантен географски пазар на пазарот на електронските комуни-кации е територијата на Република Македонија, а според ставот 2 од истиот член од Одлуката, релевантни пазари на производи и услуги на пазарот на електронските комуникации се:

а. Релевантни пазари за продажба на производи и услуги на мало:
1. Пристап до јавна телефонска мрежа на фиксна локација за резиденцијални крајни корисници;
2. Пристап до јавна телефонска мрежа на фиксна локација за деловни крајни корисници;
3. Јавно достапни локални и/или национални телефонски услуги на фиксна локација за резиденцијални крајни корисници;
4. Јавно достапни меѓународни телефонски услуги на фиксна локација за резиденцијални крајни корисници;
5. Јавно достапни локални и/или национални телефонски услуги на фиксна локација за деловни крајни корисници;
6. Јавно достапни меѓународни телефонски услуги на фиксна локација за деловни крајни корисници;
7. Минимален пакет на изнајмени линии;

б. Релевантни пазари за продажба на производи и услуги на големо:

8. Услуга за започнување на повик во јавна телефонска мрежа на фиксна локација;
9. Услуга за завршување на повик во јавна телефонска мрежа на фиксна локација;
10. Услуга за транзитирање во јавна фиксна телефонска мрежа;
11. Разврзан пристап до локална јамка и локална под-јамка за вршење на услуги со широк опсег и говорни услуги;
12. Пристап до услуги со широк опсег (broadband);
13. Терминални (terminating) сегменти на изнајмени линии;
14. Преносни (trunk) сегменти на изнајмени линии;
15. Пристап до јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги за започнување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи;
16. Услуги за завршување на повик во јавни мобилни комуникациски мрежи;
17. Национален пазар за меѓународен роаминг на јавни мобилни комуникациски мрежи;
18. Пренос на радиодифузни содржини до крајни корисници.

Во членот 4 од Одлуката е определено дека, релева-нтните пазари од член 3 на оваа одлука се утврдени во согласност со утврдените релевантни пазари во препораката на Европската комисија за релевантни пазари на производи и услуги, објавена во службено гласило на Европската Унија (ОЈ.L 114 од 08.05.2003 година).

Според членот 5 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување (став 1). По влегувањето во сила, оваа одлука ќе биде објавена и на веб-страната на Агенцијата за електронски комуникации (став 2).

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за определување на релевантни пазари која важеше во времето на оспорување, но истата престанала да важи во време на одлучување на Судот. Имено, согласно членовите 41 и 42 од Законот за електронски комуникации, Агенцијата за електронски комуникации, на 23 септември 2010 година, донела Одлука бр.02-5015/1 за утврдување на релевантни пазари што се подложни на претходна регулација.

Во членот 4 од оваа одлука е предвидено дека со денот на влегување во сила на одлуката престанува да важи Одлуката за утврдување релевантни пазари бр.13/34 од 17 август 2005 година, донесена од Комисијата за електронски комуникации при Агенцијата за електронски комуникации, односно Одлуката што е предмет на оспорување во оваа постапка.

Во членот 5 од новодонесената одлука е предвидено истата да стапи во сила со денот на нејзиното донесување (23 септември 2010 година) и да се објави во „Службен весник на Република Македонија“ и на веб страната на Агенцијата за електронски комуникации.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи и не е во правниот поредок, Судот врз основа на наведените уставни и деловнички одредби утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.102/2010
6 октомври 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски