102/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 58 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 јуни 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членот 8 точка 85 од Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Васил Радиновски, градоначалник на Општина Вевчани му поднесе иницијатива за оценување на меѓусебната согласност на членот 8 точка 85 од Законот означен во точката 1 од ова решение со член 14 од Законот за локалната самоуправа затоа што при определувањето на подрачјето на единиците на локалната самоуправа не се водело сметка границите на единиците на локалната самоуправа да не ги сечат границите на катастарските единици на локалната самоуправа.

3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.223/96 од 26 февруари 1997 година не повел постапка за оценување уставноста на членот 8 точките 26 и 85 од Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјето на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) затоа што оценил дека промените сврзани со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините според Уставот, се исклучителна надлежност на Собранието на Република Македонија.

Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а сега намало причини за поинакво одлучување како и со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценка на меѓусебна согласност на два закона за што Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува, одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.102/97)