102/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/96), во делот означен како член 19-а.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од законот наведен во точката 1 од ова решение, во делот означен како член 19-б.

3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Никола Прелиќ, адвокат од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се предвидувало работниците-технолошки вишок во Банката да не можат да ги остваруваат правата од членовите 127 и 129 на Законот за работните односи (член 19-а) односно не морале да бидат известени за таквата нивна положба три месеци пред престанокот на работниот однос и не морале да бидат “избрани” според определените критериуми, со што тие работници биле ставени во нееднаква положба во однос на други работници, поради што тој дел од законската одредба не бил во согласност со членовите 9 и 32 став 5 од Уставот на Република Македонија. Освен тоа, се смета дека предвидувањето, во друг дел на член 5 од Законот (член 19-б), на Банката да не се применува член 113 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, значело реактивирање во несоодветна постапка на член 36 од Законот за претпријатијата и овозможување Банката да основа општествени претпријатија иако такви претпријатија немаат основ да постојат, поради што тој дел на член 5 од Законот не бил во согласност со член 51 од Уставот.

Воедно е побарано запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената законска одредба, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат неотстранливи штетни последици.

4. На седницата Судот утврди дека со дел од оспорениот член 5 на Законот се предвидува на работниците на Банката на кои ќе им престане работниот однос со отказ заради економски, технолошки, структурални или слични промени настанати во процесот на реконструирањето на Банката, како и на остварувањето на нивните права, да не се применуваат одредбите од член 127 став 1 и член 129 од Законот за работните односи (член 19-а). Судот, исто така, утврди дека таквата одредба, според Законот, се однесува на Стопанска банка – АД Скопје, во склоп на нејзино реконструирање односно санирање, реорганизирање и приватизирање.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со оглед на тоа што со дел од оспорената одредба, како законска одредба, се уредуваат правата на вработените и нивната положба, Судот утврди дека таа норма има основа во наведената уставна одредба, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

Од друга страна, имајќи предвид дека оспорената законска одредба е донесена во специфични услови односно во ситуација на санација и реорганизација на Стопанска банка – АД Скопје, по што конкретната ситуација се разликува од другите ситуации, предвидувањето на поинаков, специфичен, рок и критериум за престанок на работниот однос на работниците – технолошки вишок во Банката, не може да се смета како нееднаквост на тие работници од Банката со работниците кај другите работодавци, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на наведениот дел од член 5 на Законот со член 9 од Уставот.

5. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата дека другиот дел од член 5 на Законот (член 19-б) значи реактивирање во несоодветна постапка на член 36 од Законот за претпријатијата и овозможување да се основаат општествени претпријатија, Судот утврди дека тоа не произлегува од наведената законска одредба, поради што нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.102/96)