У.бр.10/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

 

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 100-а став 1 во делот „посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права“, став 2, став 3, став 4, став 5 алинеи 1, 2 , 4, 5, 7 и 8 и став 6 од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014,115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 100-а став 1 во делот „и да не е постаро од 45 години“, и став 5 алинеи 3 и 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Ибрахим Амети – адвокат од Гостивар до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот за семејство наведени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата кој го цитира оспорениот член 100-а од Законот, наведува дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот во кој се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, членовите 9, 40 и 54 од Уставот.

Според подносителот сите луѓе се еднакви пред Уставот и законите, ги уживаат сите слободи и права и еднаква заштита. Принципот на недискриминација им гарантира на сите лица ефективна заштита од дискриминација која е заснована на раса, пол, јазик, религија, политичко и друго мислење, националност, социјално потекло, сопственост, раѓање, посвојување или друг статус.

Интервенцијата на државата во однос на намалување на социјалната нееднаквост, нееднаков третман, формална еднаквост – законски обезбедена еднаквост, формално признавање дека сите лица имаат еднакви слободи и права кои се загарантирани и еднаква примена на закон.

Материјалната еднаквост – спроведување на правото на еднаквост во секојдневниот живот, при што резултатите и ефектите што произлегуваат од примена на Законот не треба да бидат дискриминаторски.

Понатаму, подносителот се повикува на Уставот на Република Македонија кој како темелна вредност ги утврдил основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и хуманизмот, социјална правда и солидарност и на Декларација за правата на човекот и граѓанинот според која сите луѓе се родени и остануваат еднакви и се слободни во уживање на правата. Дискриминација претставува разлика во однос на уживањето на правата засновани на различни законски и неформално вградени основи и принципи, различен третман, исклучување, ограничување и сл.

Правото да се има деца е универзално право, ниту може да се забранува раѓањето на децата и да се постави старосна граница, исто така не може да му се забранува некој да посвојува и врз тоа да се одредува старосна граница.

Според подносителот со поставување на возраста како услов, доведува до различни права, односно возраст како формулација произлегува дека имаат „друг статус“.

Самоопределувањето е лична сфера, правото да се има деца и да се посвојуваат деца треба да биде изедначена со закон, не може да се има различен третман.

Правото да се има деца и да се посвојува деца, не можат да бидат ограничени со закон, затоа што тоа произлегува од правото, слободата, волјата, согласноста и интересот на детето.

Условите и критериумите кои лица можат да посвојуваат се наведени во закон и кои лица не можат да посвојуваат и врз основа на тоа треба законот да се фокусира, а не на старосната граница која има директно влијание на загрозување на основните слободи и права.

Легитимна цел е на секој да посвојува, а тоа е и во интерес на детето. Дека помеѓу посвоителот и посвоеникот не треба да постои старосна граница произлегува и од темелната вредност на Уставот на Република Македонија. Хендикепот не треба да се смета како дискриминирачки основ како што во раѓањето не постои старосна граница, така не може да има старосна граница при посвојување.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 100-а од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014,115/2014, 104/2015 и 150/2015) е предвидено дека:

1. Посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години.

2. Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот.

3. По исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. 

4. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница. 

5. Изборот на посвоителот ќе зависи од следниве критериуми:

– здравствена состојба,
– психосоцијален статус,
– материјални услови,
– станбени услови,
– време на чекање,
– степен на образование,
– брачен статус и
– државјанство. 

6.Поблиските критериуми за избор на посвоител од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот за труд и социјална политика.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно уставното овластување, бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството и други прашања, се уредени со Законот за семејството (”Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015). Според членот 1 од наведениот закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.

Институтот посвојување, како посебен облик на заштита на децата, а особено на децата без родители и без родителска грижа, е уреден во четвртиот дел на овој закон, кој ги опфаќа членовите од 95 до 123.

Според член 95 став 1 од Законот, со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување). Според ставот 2 на овој член од Законот, каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од дванаесет години.

Според членот 97 од Законот, посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот. Посвојувањето се засновува пред Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика.

Во членовите 100-а, 100-б и 100-в од Законот (со кои се заменуваа дотогашниот член 100) се утврдени условите за посвојување кои воглавно се однесуваат за старосната граница на посвоителот. Така, во членот 100-а став 1 е утврдено дека посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Според ставот 2 на овој член, посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Според ставот 3, по исклучок од ставот 1 на овој член, како посвоител може да се јави и лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Според ставот 5 на овој член, брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.

Во членот 100-б е утврдено дека кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, детето може да биде посвоено без разлика на старосните граници утврдени во членот 100-а на овој закон.

Според членот 100-в од Законот, по исклучок од член 100-а ставови 1 и 4 на овој закон како посвоител може да се јави и лице или брачни другари кои ја надминуваат горната граница на старост, доколку се посвојува брат или сестра на детето кое е веќе посвоено.

Од наведените и другите одредби на Законот произлегува дека основната интенција на законодавецот е со институтот посвојување да се обезбеди пред се заштита на потребите, интересите и правата на детето и тоа со можност за создавање на такви односи меѓу посвоителот и посвоеникот какви што настануваат со раѓањето, како замена на биолошкото семејство.

Оттука, ако Републиката согласно Уставот посебно ги заштитува децата и обезбедува посебна заштита на децата без родители и без родителска грижа, а институтот посвојување е само еден од облиците преку кој Републиката ја обезбедува заштитата на децата, тогаш сосема оправдано и основано е таа со закон да ги определува и условите под кои се заснова посвојувањето. Во тие рамки Републиката има право да ја определи и старосната граница на лицата кои можат да бидат посвоители што како посебен услов е утврдена во членот 100-а и другите членови од Законот.

Утврдувањето на горната старосна граница на посвоителот во член 100-а став 1 од Законот, произлегува и од Европската конвенција за посвојување, чиј потписник е и Република Македонија. Според членот 7 од оваа Конвенција “дете може да биде посвоено единствено ако посвојуваиот ја достигнал минималната возраст која е предвидена за таа намена, при што таа возраст да не биде ниту помала од 21, ниту поголема од 35 години”. Република Македонија при ратификација на оваа конвенција има ставено резерва на членот 7, во однос на старосните граници на посвоителите, па оттаму и горната старосна граница определена во оспорениот член 100-а став 1 од Законот е повисока од таа определена во Европската конвенција за посвојување. При определувањето на горната старосна граница за можни посвоители, законодавецот ги имал во предвид пред се традиционалните сфаќања за родителството, дека тоа се години кога репродуктивната функција кај луѓето е се уште активна и дека родителските обврски можат успешно да се извршуваат.

Имајќи го предвид наведеното, а со оглед на тоа што горната старосна граница од 45 години утврдена во оспорената одредба на членот 100-а од Законот е само еден од условите што треба да ги исполнува лицето кое може да биде посвоител, кој еднакво важи и се однесува за сите, а не за поедини граѓани, како и фактот што Уставниот суд по предметот У.бр.123/2004 од 1 декември 2004 година се произнесол во врска со старосната граница на посвоителот и оценил дека во конкретниот слуиај не станува збор за дискриминација на граѓаните по било кој основ од членот 9 и член 41 став 1 на Уставот, Судот оцени дека новоподненесената иницијатива не содржи основи за поинакво одлучување поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата од член 100- а став 1 во делот „и да не е постаро од 45 години”.

6. Судот, во понатамошната постапка, а по повод наводите во иницијативата кои во суштина се однесуваат на утврдувањето на старосната граница на посвоителот од ставот 1 на член 100-а од Законот за семејството, оцени за потребно да се анализираат и другите критериуми утврдени во Законот од членот 100-а.

Во делот од Законот, со наслов „Услови и критериуми за посвојување“, е предвиден членот 100-а, кој гласи:

1. Посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години.

2. Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот.

3. По исклучок од ставот 1 на овој член како посвоител може да се јави лице кое е постаро од 45 години, но старосната граница меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години.

4. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.

5. Изборот на посвоителот ќе зависи од следниве критериуми:

– здравствена состојба,
– психосоцијален статус,
– материјални услови,
– станбени услови,
– време на чекање,
– степен на образование,
– брачен статус и
– државјанство. 

6. Поблиските критериуми за избор на посвоител од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот за труд и социјална политика“.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека законодавецот освен што ја определил горната старосна граница на посвоителот предвидел и други ограничувања во однос на возраста на посвоителот и посвоеникот, како и можноста брачните другари да се јават како посвоители ,при што еден од нив да не е постар од 45 годишна возраст, односно да не ја надминува горната старосна граница.

Понатаму,законодавецот ги утврдил критериумите што треба да ги исполнува посвоителот, а се во интерес на посвоеното лице со цел да се обезбедат колку е можно подобри услови за живот.

Според Судот, законските критериуми би требало да дадат целосна слика за личноста на можниот посвоител и степенот на неговите оптимални услови за остварување на родителската грижа на детето, кои критериуми во целина се предмет на опсервација и проценка на надлежниот орган и не се поединечно доволни сами по себе, да ја изразат подобноста на можниот посвоител, па оттука право на законодавецот е да утврдува низа критериуми кои ќе помогнат на органот во вршењето на своите надлежности во областа на посвојувањето, кои се дел од односите на семејното право.

Тргнувајќи од наведената анализа, а имајќи ги предвид уставните одредби на кои се повикува подносителот наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите не се основани,поради што не може да се постави прашањето за согласноста на членот 100-а став 5 алинеите 1,2,4,5,7 и 8 од Законот за семејството со Уставот.

7. Во однос на наводите од иницијативата со кои се оспорува член 100-а став 5 алинеите 3 и 6 од Законот, а кои се однесуваат на материјалните услови и степенот на образованието, Судот утврди дека со Решение У.бр.189/10 од 16 март 2011 година не повел постапка за оценување на уставноста на наведените одредби, при што оцени дека наводите од иницијативата не содржат основи за поинакво одлучување, поради што исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата. 

8. Што се однесува до наводите од иницијативата со кои се оспорува член 100-а став 6 од Законот, според кој „Поблиските критериуми за избор на посвоител од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот за труд и социјална политика“,Судот оцени дека се во насока на операционализација на законските критериуми,од кои причини и по однос на овој став не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

9. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.



У.бр.10/2017 
16 ноември 2017 година 
С к о п ј е



ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски