10/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 27 февруари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата, законската формулација „или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности“ како еден од начините на извршувањето на делото создавала правна несигурност за граѓаните и сите лица од извршителскиот круг и овозможувала дискреционо право на јавниот обвинител при нејзината примена да исконструира настан и различно да ја толкува и применува од случај до случај, кој можел да биде и злоупотребен спротивно на целите на Уставот и Кривичниот законик.

Според подносителот на иницијативата, ваквата непрецизност на бланкетната норма го правела кривичното дело неподобно за примена, бидејќи само конкретни, точно определени кривично-правни дејствија поврзани со својството и работењето на извршителите можеле да бидат санкционирани, а не и неутврдени дејствија, особено ако за одредени дејствија на можните извршители имало оправдана економска, морална или друга причина. Ваквата одредба би можела да се примени само во прецизно пропишани и утврдени законски случаи на пропуштање на должен надзор, кога лицето од извршителскиот круг работните задачи што требало да ги изврши очигледно не ги извршило, а во конкретниот случај оспорената одредба не содржела прецизен и дециден опис на таквите можни животни ситуации. Непрецизноста на оспорената законска одредба и релативизирањето на дејствијата на извршување на ова кривично дело оставале простор речиси секое дејствие да може да биде несовесно работење.

Со тоа, според подносителот на иницијативата, биле повредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото од член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 11 став 1, член 12 ставовите 1 и 2, член 14, член 51 и член 54 ставовите 1 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 353-в Несовесно работење во службата од Кривичниот законик, а до донесувањето на конечна одлука Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување можело да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 353-в од Кривичниот законик, службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Согласно ставот 2 на овој член од Законикот, ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Според ставот 3 на истиот член од Законикот, ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Судот, исто така, утврди дека според ставот 4 од оспорениот член 353-в од Законикот, со казната од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

4. Според член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Согласно Амандман XXV од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија е подигнато на ранг на уставно начело. Во казненото право ова начело се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.

Начелото на законитост во казненото право ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на крајно прецизен начин битијата на казнивите дела, за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и на другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.

Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните.

Во оваа смисла, со Кривичниот законик се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува систем на санкции и поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите, како и се пропишуваат конкретните кривичните дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело.

Со член 1 од Кривичниот законик, се утврдува дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело, кое, пред да биде сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.

Според член 4 од истиот законик, кривични санкции се: казни, алтернативни мерки, мерки на безбедност и воспитни мерки.

Според членот 32 од Кривичниот законик, покрај остварување на правдата, цели на казнувањето се: спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

Членот 353-в од Кривичниот законик, кој е оспорен со иницијативата, е систематизиран во Посебниот дел од Законикот, во кој се пропишуваат конкретните кривични дела и санкциите кои можат да се изречат за секое кривично дело, во главата триесетта, во која се пропишуваат кривичните дела против службената должност. Во оспорениот член 353-в е санкционирано несовесното работење во службата.

Основниот облик на делото и сите негови елементи, вклучувајќи го и дејствието на извршување е пропишан во ставот 1 од овој член, според кој службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Во ставовите 2 и 3 од овој член од Законикот санкционирани се потешките односно квалифицираните облици на ова дело кои се состојат во прибавување на поголема имотна корист или предизвикување поголема имотна штета или потешка повреда на правата на друг (став 2) за што е предвидена потешка казна (затвор од шест месеци до пет години). Во ставот 3 потешкиот облик на делото се состои во прибавување значителна имотна корист или нанесување на значителна штета, за што пропишаната казна е затвор од една до десет години.

Во ставот 4 на оспорениот член од Законот е предвидена кривично правна одговорност за делата од претходните ставови за одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице кое има претставништво во Република Македонија или лице кое врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност, определено со закон.

Иако со иницијативата се оспорува членот 353-в од Кривичниот законик во целост, во суштина наводите се однесуваат на начинот на кој законодавецот го пропишал дејствието на извршување на кривичното дело несовесно работење во службата. Имено за подносителот на иницијативата проблематично е утврдувањето на казнена одговорност и кога лицето од извршителскиот круг делото ќе го стори на друг начин.

Поаѓајќи од анализата на содржината на оспорениот член, а од аспект на овие наводи во иницијативата, произлегува дека во овој член законодавецот се определил за алтернативно одредување на дејствието на ова кривично дело. Имено од описот на битието на делото (став 1) произлегува дека ова дело може да се изврши со: 1) повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, 2) со пропуштање на должен надзор или 3) со очигледно несовесно постапување на друг начин.

Последниот начин на извршување на делото всушност се состои во свесно неправилно вршење на службата кое може да се манифестира на различни начини, односно со постапување спротивно на законските прописи за работење во службата, непридржување на техничките и другите правила при работењето, непреземање на соодветни мерки за ефикасно обавување на службата, пропуштање на службени должности и слично. Од самиот опис на делото меѓутоа произлегува дека не секое несовесно вршење на службата претставува кривично дело, како што смета подносителот на иницијативата. Имено, самиот закон утврдува определен квалификатив, односно степен на несовесност кој мора да биде исполнет за да постои кривично-правна одговорност. Имено, Законикот бара таквото несовесно постапување во вршењето на службените овластувања и должности да биде очигледно. Тоа практично значи дека секое несовесно вршење на службата сеуште не значи кривично дело, туку само она однесување кое според околностите на случајот, може да се смета за очигледно несовесно постапување на службеното лице. Оттука за определување на овој облик на дејствието на кривичното дело несовесно работење во службата од значење е определувањето на тоа што се подразбира под поимот „очигледно“, што е исто така значајно и за разграничување на ова дело од несовесното постапување за кое постои дисциплинска одговорност. Одредувањето на овој поим пак е задача на судот, кој во секој конкретен случај, со оглед на сите објективни и субјективни околности на делото проценува дали станува збор за очигледно несовесно постапување на службеното лице.

Покрај тоа, кај ова кривично дело законски криминализирано не е само дејствието на извршување. Покрај дејствието (сторување, пропуштање) за постоењето на делото потребно е да настапи и определена последица која се состои во прибавување, за себеси или за друг, на некаква корист или нанесување на штета (обична, поголема или значителна корист односно штета или потешка повреда на правата на друг). Значи станува збор за сложено дело, со комбиниран законски опис определен преку повеќе облици (дејностен и последичен опис).

Оттука произлегува дека законодавецот, иако правно-технички го пропишал дејствието на извршување така што тоа опфаќа, покрај изречно и прецизно определените, и дејствија кои се недефинирани, сепак на прецизен начин определил кога ќе се смета дека е извршено кривичното дело несовесно работење во службата, поради што за Судот се неприфатливи наводите во иницијативата дека одредбата била непрецизна, неподобна за примена и дека овозможувала дискреционо право на јавниот обвинител во нејзината примена.

Аргументите за различно толкување и примена на оспорената одредба од случај до случај истакнати во иницијативата, за Судот се неприфатливи, од причина што примената на одредбите од Посебниот дел на Кривичниот законик во конкретни случаи секогаш е фактичко прашање, односно оценка на судот кој ја води кривичната постапка е дали во конкретниот случај се остварени законските елементи на кривичното дело за кое се товари обинетиот од што ќе зависи и неговата кривична одговорност. Според мислењето на Судот, за примената на одредбата, од уставен аспект е значајно дали таа ги содржи јасно и прецизно сите елементи врз основа на кои може да се утврди казнено-правната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение. Ова особено се однесува на дејствието на извршувањето кое, согласно начелото на законитост, мора да биде утврдено во законскиот опис. Со тоа се обезбедува само поведение што е соодветно со законскиот опис да може да се подведе под таа одредба и да се смета за кривично дело. Изборот на законодавно-правната техника при утврдување на описот на дејствието на извршување пак, е прашање за што одлучува законодавецот, а не Уставниот суд. Впрочем, ваков комбиниран опис на законските битија се сретнува во голем број на други кривични дела предвидени во Кривичниот законик (пр. противправно лишување од слобода – член 140; повреда на тајноста на писмата – член 147; неовластено снимање – член 152; спречување или смеќавање јавен собир – член 155; повреда на авторско право – член 157; спречување на избори и гласање – член 158; повреда на избирачко право – член 159; уништување на изборни исправи – член 164; промена на семејна состојба – член 199; пренесување заразна болест – член 205 и многу други).

Оттука според Судот, во оспорената одредба од членот 353-в од Кривичниот законик несомнено се содржани основните елементи на кривичното дело несовесно работење во службата (сторителот на делото, дејствието на извршување, последицата и казната) поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 10/2008
27 февруари 2008
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски