10/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се извршувала смртна казна и тоа непосредно без никаков процес и пресуда со стрелање над наводниот извршител на некое дело од страна на овластено службено лице, спротивно на одредбата на член 10 од Уставот на Република Македонија, според која животот на човекот е неприкосновен. Во Република Македонија неможе да се изрече смртна казна ниту по еден основ. Оваа уставна норма, според подносителот на иницијативата, била издигната на рамниште на кое секој мора да ја почитува, што значи и овластеното службено лице, согласно член 51 став 2 од Уставот, затоа што слободите и правата биле категории кои со закон и постапка не можеле да бидат стеснувани, ограничувани или одделени, а нивно ограничување било можно само во случаи утврдени со Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека бидејќи не можело да се изрече смртна казна по ниту еден основ, на тој начин не би смеело со закон да се дозволи овластеното службено лице да употреби огнено оружје, односно да убие човек без изречена смртна казна од страна на надлежен суд.

Од овие причини, подносителот смета дека оспорената законска одредба е неодржлива од уставноправен аспект, бидејќи со неа се повредувале основните слободи и права на човекот и темелните принципи на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеи 1 и 3, 10, 11 став 1 и 2, 13 став 1, 51 и 54 став 1, 2 и 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 35 од Законот за внатрешни работи се утврдува дека овластеното службено лице ќе употреби огнено оружје, ако со други средства на присилба не може:

1) да го заштити животот на граѓаните;
2) да одбие од себе непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот;
3) да одбие напад на објект или личност што се обезбедува и
4) да се спречи бегство на лице затечено во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, како и бегство на лице лишено од слобода и лице за кое е издаден налог за лишување од слобода “заради извршување на вакво кривично дело”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се
основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 10 од Уставот животот на човекот е неприкосновен. Во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновеноста, а според ставот 2 на овој член, се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Законот за внатрешните работи ги утврдува внатрешните работи и нивното вршење така што според член 6 од овој закон, работниците на Министерството за внатрешни работи работите и задачите ги извршуваат во согласност со правата, должностите и овластувањата утврдени со закон и други прописи донесени врз основа на закон и тие се должни да ги извршуваат тие работи, освен ако извршувањето на наредбата претставува кривично дело.

Според член 7 од Законот, работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да го штитат и чуваат животот и имотот на граѓаните, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени.

Во Глава ИИИ од Законот, конкретно се пропишани посебните должности и овластувања на министерството и права и должности на овластените службени лица.

Со одредбите на членовите 34 до 39 од Законот (во кои е содржан и оспорениот член 35) се определува дека овластеното службено лице може да употреби средства на присилба пропишани со акт на Владата заради воспоставување на нарушен јавен ред и мир – овластеното службено лице ќе употреби огнено оружје, ако со други средства на присилба не може: да го заштити животот на граѓаните, да одбие од себе непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот; да одбие напад на објект или личност што се обезбедува и да се спречи бегство на лице затечено во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, како и бегство на лице лишено од слобода и лице за кое е издаден налог за лишување од слобода “заради извршување на вакво кривично дело”.

Во членот 39 се предвидува дека ако средствата на присилба или огненото оружје се употребени во границите на овластувањата и во согласност со одредбите на Законот, исклучена е одговорноста на овластеното службено лице кое ги употребило и на одговорниот работник кој ја наредил нивната употреба, како и на лице кое на повик на Министерството или на овластено службено лице укажало помош во извршувањето на службените работи.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба и причините за нејзино оспорување, Судот утврди дека јасно произлегува дека тоа не може да се третира надвор од контекстот на другите одредби од Законот, ниту пак, од нејзината содржина произлегува можност за самоволно постапување на државните органи и исклучување на кривична и друга одговорност на овластените службени лица за незаконита употреба на средства за присилба или огнено оружје.

Неприкосновеноста на животот на човекот и неговиот физички и морален интегритет се негово основно и суштествено право, кое е реална основа за остварување на другите негови основни слободи и права. Остварувањето на таквото право не може да биде на штета на истото такво право на другите лица. Оттука, логичен е заклучокот дека овластеното службено лице кое е доведено во опасност, односно кога кон истото е упатен напад кој е непосреден и се уште трае, со употребата на огнено оружје не го повредува животот на човекот, ниту неговиот физички и морален интегритет, туку истото е преземено кога со други средства на присилба не може да го заштити животот на граѓаните, ниту од себе да одбие непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот.

Поаѓајќи токму од таквата основа и причина, секое општество, вклучувајќи го и нашето ги задржува средствата за присилба, строго определувајќи ја со закон нивната употреба и тоа во функција на остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Во таа смисла, употребата на средствата за присилба, вклучувајќи го и огненото оружје, во со закон строго определени граници и конкретно пропишани постапки, не може да се спротивставува на уставната неприкосновеност на правото на живот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот.

Од анализата на содржината на оспорената законска одредба произлегува дека истата не е во колизија со основните слободи и права на човекот и граѓанинот, од причина што во истата јасно и прецизно се наведени случаите во кои овластеното службено лице ќе употреби огнено оружје, односно децидно се наведени условите под кои може да се употреби истото од страна на овластено службено лице на Министерството за внатрешни работи.

Имено, во оспорената законска одредба употребата на огненото оружје од страна на овластеното службено лице е дозволено само ако е нужно во наведените случаи. Оттука, следува логичен заклучок дека не секогаш употребата на огнено оружје од страна на овластените службени лица значи повреда на загарантираната неприкосновеност на животот на човекот, а особено не тогаш кога тоа било нужно да се заштитат интересите на граѓаните и општеството од криминалот. Средствата на присилба, начинот на нивната употреба, уредувањето на употребата на огненото оружје во случаите утврдени со закон од страна на овластени службени лица на Министерството за внатрешни работи, се определени во Уредбата за употреба на средствата на присилба и огнено оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/1998 и 17/2004).

Во наведената Уредба, која всушност претставува операционализација на Законот за внатрешни работи во Глава ИВ со наслов “Употреба на огнено оружје” се регулира кога и на кој начин, односно како ќе се употреби огнено оружје од страна на овластеното службено лице.

Така, во членот 22 од Уредбата е предвидено дека овластеното службено лице, ако со други средства на присилба не може да го заштит животот на граѓаните или да одбие од себе непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот, ќе употреби огнено оружје ако е физички нападнато на начин или со средство (оружје, опасно орудие или друг сличен предмет) со кој може да се загрози животот, кое претставува непосредна опасност по животот ако нападот по живот го вршат две или повеќе лица, односно напад од очигледно посилно лице или лице кое се служи со посебни вештини. Во ставот 2 од истиот член, се предвидува дека пред употребата на огненото оружје, лицето гласно се предупредува за тоа.

Во членот 23 став 1 од Уредбата, е предвидено дека овластено службено лице ќе употреби огнено оружје кон лице што врши напад врз објект или личност што се обезбедува, ако нападот е непосреден и се уште не престанал, а напаѓачот претходно бил гласно предупреден за употребата на огнено оружје.

Од анализата на наведените одредби може да се заклучи дека законодавецот при утврдување на правото на употреба на огнено оружје, во целост ги почитувал вредностите на уставниот поредок кои се однесуваат на почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот, како и начелото на владеењето на правото предвидени во членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со околноста кои објекти и личности овластеното службено лице ги обезбедува, Владата на Република Македонија врз основа на член 73 од Законот за внатрешни работи донесе Одлука за определување на личностите и објектите што се обезбедуваат (“Службен весник на Република Македонија” бр.88/2002 и 28/2005). Имено, во членот 1 од оваа одлука е предвидено дека со оваа одлука се определуваат личностите и објектите што се обезбедуваат. Во членовите 5, 6 и 7 од оваа одлука децидно се наведени објектите кои Министерството за внатрешни работи, односно овластено службено лице од него ги обезбедува.

Во оспорената законска одредба строго се лимитира употребата на огнено оружје и се утврдени случаи кога практично не е можно целта да се постигне со други средства на присилба, заради што посебно е акцентирана одговорноста на лицето кое употребува вакво средство, особено од аспект на основаноста, оправданоста и правилноста во секој конкретен случај.

Имено, децидно прецизираните случаи на употреба на огнено оружје, според дикцијата на законодавецот не се со цел да се “изврши смртна казна” без постапка и пресуда, како што се наведува во иницијативата, туку оспорената законска одредба е основ за прецизно разработување на случаите кога овластеното службено лице може да употреби огнено оружје. Во случај на пречекорување, злоупотреба на средствата за присилба, односно огнено оружје, неговата употреба надвор од границите на овластувањата, од случаите предвидени во Законот, одговорноста на овластеното службено лице се утврдува во секој конкретен случај, врз основа на определени факти и околности.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека неприкосновеноста на животот на човекот, како основно право на човекот и граѓанинот, уставноправно загарантирано со членот 10 од Уставот на Република Македонија не се повредува со оспорената законска одредба, ниту пак се повредуваат членовите 51 и 54 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на членот 35 точка 3 во делот “објект”, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.10/2006
22 март 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова