101/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, во членот 6 став 2 од Законот, можеле да се прифатат областите кои се наброени како предмет на класификација на информации, но не можеле да се прифатат „научните истражувања и технолошките, економските и финансиските работи од значење за Република Македонија“, да бидат области во кои ќе имало класифицирани информации. За подносителот на иницијативата, неприфатливоста на овој дел од законското решение била поради тоа што научно истражувачките, технолошките, економските и финансиските работи биле преопшти, неопределени, нејасни и непрецизни работи кои не можеле како такви да се наведат во Законот, па поради тоа законското решение во овој дел од одредбата било неуставно. Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 6 став 2 од Законот, како несогласен со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок, членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и членот 54 од Уставот, според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во делот од Законот, кој е насловен како „Класификација на информации“ (членови 6 – 22), со членот 6 е предвидено:

„Со класификација на информацијата се определува степенот на заштита на информацијата која треба да биде соодветна со степенот на штетата што би настанала за Република Македонија со неовластен пристап или неовластена употреба на информацијата.

Информациите кои се предмет на класификација се однесуват особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на органите на државната управа на Република Македонија; системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Македонија“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Законот за класифицирани информации е донесен и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2004 од 27 февруари 2004 година, а подоцна се извршени и две измени и дополнувања на Законот, во 2007 и 2010 година. Со членот 1 од овој Закон е определено дека со него се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации, меѓународната размена, како и други прашања во врска со користењето на класифицираните информации.

Според членот 2 од Законот, цел на овој закон е обезбедување на законито користење на класифицирани информации и оневозможување на секаков вид незаконски пристап до информациите.

Во член 6, во ставот 1 е утврдено дека со класификација на информацијата се определува степенот на заштита на информацијата која треба да биде соодветна со степенот на штетата што би настанала за Република Македонија со неовластен пристап или неовластена употреба на информацијата, а со ставот 2 на овој член е утврдено дека информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност, одбраната, надворешните работи, безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на органите на државната управа на Република Македонија, системи, уреди, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната и надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Македонија.

Законодавецот во членот 6 од Законот ги утврдил односно ги набројал областите во кои предмет на класификација ќе бидат информации за работи од значење за Република Македонија и со чиј неовластен пристап или неовластена употреба би настанала штета за интересите на Република Македонија, од што произлегува дека не се работи за јавни информации, туку за информации добиени меѓу другото и од научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи кои се од значење за Република Македонија и тоа од безбедносен аспект.

Набројувањето на областите на начин како што е утврдено во членот 6 од Законот е целисходно и заради потребата на одредена информација, без постоење на ограничување на областите на кои таа би се однесувала, да се заштити од неовластен пристап или употреба и да и се определи степен на класификација од страна на создавачот, со оглед дека степенот на класификација треба да е соодветен на штетата која би настанала за Република Македонија со евентуален неовластен пристап или откривање на информацијата.

Во врска со наведеното е и членот 5 од овој Закон што и подносителот на иницијативата требало да го има предвид во кој се дадени дефинициите односно значењето на изразите употребени во овој закон, особено дефиницијата „Информација од интерес за Република Македонија“, под која се подразбира секоја информација или материјал изготвен од државните органи, орган на единицата на локалната самоуправа, јавно претпријатие, јавна установа и служба, правно и физичко лице, како и странски државни органи, странски правни и физички лица, кои се однесуваат на безбедноста и одбраната на државата, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, уставниот поредок, јавниот интерес, слободите и правата на човекот и граѓанинот, како и дефиницијата „Штета“, под која се подразбира нарушување на интересите на државата како последица од загрозување на класифицираните информации од интерес за Република Македонија или информациите кои Република Македонија е обврзана да ги заштити согласно со меѓународни договори.

Поаѓајќи од предметот на уредување на Законот за класифицирани информации, Судот оцени дека неосновани се оспорувањата во иницијативата на законскиот дел дека тој бил преопшт и неопределен, и како таков неспроведлив во практиката. Ова од причини што право на законодавецот е да ја оцени целисходноста и потребата од областите на информации кои ќе се класифицираат заради заштита на интересите на Република Македонија и со тоа не е потребно да се исклучат наведените области: „научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи“. Во контекст на изнесеното, треба да се наведе дека класифицирана информација не е исклучиво пишан документ. Имено, со одредбата од член 5 став 1 точките 1, 3, 4 и 5 од Законот, прецизно е дефинирано што може да претставува класифицирана информација, односно дека тоа можат да бидат документи, технички средства, машини, опрема, оружје, алати, потоа дека под документ се подразбираат и скици, карти шеми, фотографии, слики, цртежи, гравури, работни материјали, звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видео снимки и сл.

По однос на наводите во иницијативата дека со оспоруваниот дел од членот 6 став 2 особено се ограничувале слободите и правата на граѓанинот при вршење на безбедносна проверка, Судот оцени дека се неосновани од причини што овој член од Законот само ги определува информациите кои се предмет на класификација, а со тоа и посебен начин на достапност до нив и користење. Имено, според член 41 став 1 од Законот, исполнување на условите за издавање на безбедносен сертификат на лице се утврдува преку безбедносна проверка. Според став 2 на овој член, безбедносната проверка на лице се врши врз основа на претходна писмена согласност на лицето на кое треба да му се издаде безбедносниот сертификат, која согласност е составен дел на барањето од членот 35 став 2 на овој закон. Оваа безбедносна проверка се спроведува со цел да се утврди постоење или непостоење на околности што го ограничуваат пристапот или користењето на класифицираните информации. По спроведување на безбедносните проверки и исполнетоста на условите за добивање на безбедносен сертификат, согласно член 52 од Законот, се добива безбедносен сертификат со соодветен степен: „државна тајна“, „строго доверливо“ или „доверливо“. Лицата кои поседуват безбедносен сертификат имаат пристап до класифицираните информации со соодветниот степен на класификација, согласно принципот „потребно е да знае“, предвиден во членовите 22 и 37 од Законот, со што корисниците на класифицираните информации се ограничуваат во пристапот до класифицирани информации заради извршување на функцијата или службените задачи.

Од изнесената уставно судска анализа Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорениот законски дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.101/2011
28 септември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски