101/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА

а) иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за преобразба на Јавното претпријатие за телекомуникации “Македонски телекомуникации” во акционерско друштво во државна сопственост, донесена од Владата на Република Македонија на седницата од 30 декември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/97);

б) барањето Судот да и наложи на Владата и на стручните служби на АД “Македонски телекомуникации” да направат делбен биланс, односно одново да се определи бројот на акциите на сите кои учествувале во стварање на имотот на компанијата и

в) барањето Судот да ја запре продажбата на Компанијата.

2. Клубот на пензионерите на ПТТ од Македонија, застапуван од Тодор Смилевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била донесена од ненадлежен орган и со неа се предвидувала преобразба на акционерското друштво во државна сопственост, поради што не била согласна со Уставот и со закон.

Едновремено, со иницијативата се бара Судот да и наложи на Владата да направи нов делбен биланс во смисла што одново ќе се определи бројот на акциите на сите кои учествувале во стварање на имотот на компанијата и да се запре нејзината продажба.

3. Судот на седницата утврди дека Јавното претпријатие за телекомуникации “Македонски телекомуникации” основано со Одлука на Владата на Република Македонија бр.23-3509/1 од 30.12.1996 година се преобразува во Акционерско друштво во државна сопственост, кое ќе работи под фирма: Акционерско друштво за телекомуникации “Македонски телекомуникации” во државна сопственост; дека постојното Друштво ќе врши дејност на јавни телекомуникациски услуги во внатрешниот и меѓународниот сообраќај; се определуваат органите на управување и се уредуваат прашања од организационен карактер.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Со оглед на тоа дека оспорената одлука, по својата правна природа претставува акт на основање, односно не е пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.

Што се однесува, пак, до барањето Судот да и наложи на Владата да направи делбен биланс во смисла што одново ќе се определи бројот на акциите на сите кои учествувале во стварање на имотот на компанијата и да ја запре нејзината продажба, согласно погоре посочениот член од Уставот, овие прашања, исто така, излегуваат надвор од доменот на неговата надлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.101/2000
22 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов