101/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98).

2. Јован Костовски, судија на Основниот суд Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се востановувало повратно дејство, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 51 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95) во постапката за определување на надоместот по предметите по кои не се постигнати спогодби, односно не се донесени правосилни одлуки, надоместот ќе се определи според одредбите на овој закон.

Според оспорената одредба на член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98), во членот 51 на крајот од реченицата, точката се брише и се додаваат зборивите: “на товар на субјектите за чии потреби е експроприрана недвижноста, односно нивни правни следбеници”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 30 став 4 од Уставот во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Законот за експропријација, донесен 1995 година и усогласен со Уставот во однос на прашањето за експропријацијата, целосно се уредува експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижности) заради изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и опредлувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности.

Според член 3 став 1 од Законот, корисник на експропријацијата е државата, а според ставовите 2 и 3 од овој член, како корисиници на експропријацијата се определуваат и јавните служби, јавните претпријатија, јавните фондови, единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица. Со измената на овој член од април оваа година, поконкретно се определува кога експропријацијата може да се врши за потребите на: државата; општините и градот Скопје, како и за правните и физичките лица. Всушност, со Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, само се конкаретизираат веќе востановените односи со основниот текст на Законот. Во таа смисла, надоместот за екпроприраната недвижност и трошоците на постапката за експропријација паѓаат на товар на корисникот на експропријацијата за чии потреби е експроприрана недвижноста (член 11 од Законот).

Според член 51 од Законот (поместен во преодните и завршни одредби), во постапката за определување на надоместот по предметите по кои не се постигнати спогодби, односно не се донесени првосилни одлуки, се упатува надоместот да се определи според одредбите на овој закон, а со оспорената одредба на член 11 од измените со која се дополнува овој член од Законот, се упатува односно појаснува дека тоа ќе се изврши на товар на субјектите за чии потреби е експроприрана недвижноста, односно нивни правни следбеници.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одредба се интерпретира односно појаснува начинот на определување на надоместот за екскпропријацијата по несвршените предмети (по кои не се постигнати спогодби и не се донесени правосилни одлуки) и дека со таа одредба не се востановува нов однос или обврска, Судот оцени дека таа одредба не содржи повратно дејство и не може да се зборува за повреда на принципот за забрана на повратното дејство, поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 52 став 4 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се проширува кругот на корисници на експропријацијата, Судот оцени дека таквите наводи не стојат. Имено, од содржината на Законот, а особено од одредбите на членовите 3, 9 и 11 од Законот за експропријација, односно членовите 2, 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, јасно произлегува дека како корисник на експропријацијата покрај државата, се и други правни субјекти, вклучувајќи ги и правните и физичките лица.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.101/98)