У.бр.100/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 31 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија за греење („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2014).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот член 31 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија за греење, било пропишано дека мерењето на топлинската енергија се вршело во топлинската станица со мерен уред поставен во топлотна станица и дека на ист мерен уред можеле да се приклучат повеќе потрошувачи. Имено, според подносителот на иницијативата, со оваа одредба било предвидено распределбата на надоместокот да се врши преку еден колективен мерен уред, односно било предвидено т.н. „мерење со калориметри“. Според подносителот на иницијативата, овој начин на мерење не бил прецизен и бил основа за астрономски сметки кои граѓаните ги добивале од кога бил предвиден овој начин на мерење.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека законодавецот во Законот за енергетика предвидел целосна слобода за избор на начинот на мерење на количината на потрошената топлотна енергија, но од сите можни начини на мерење ,со одредбата на член 31 бил одбран најнеповолниот начин за потрошувачите бидејќи истиот им предизвикувал штета и им го отежнувал извршувањето на обврските што било во спротивност со член 9 и член 11 став 3 од Законот за облигационите односи.

Поради наведените причини подносителот на иницијативата бара Уставниот суд на Република Македонија да донесе одлука со која ке го укине оспорениот член од Мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија за греење поради негова несогласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за енергетика и Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 31 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија за греење, мерење на топлинската енергија која дистрибутерот ја презема во дистрибутивниот систем од регулираниот производител и од производителите на топлинска енергија се врши со мерни уреди за топлинска енергија за кои Бирото за метрологија има издадено сертификат за верификација кои се во сопственост на дистрибутерот и се поставени на точно дефинирано место на влез во дистрибутивниот систем.

Мерење на топлинската енергија која дистрибутерот ја испорачува на мерните места на потрошувачите се врши со верификувани мерни уреди на топлинска енергија поставени на точно дефинирано место во топлинската станица.

На едно мерно место, односно на една топлинска станица, може да има приклучено повеќе потрошувачи.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за енергетика ги уредува целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, статусот и надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македоија, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновените извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката (член 1).

Според член 3 став 1 точка 66 од Законот, операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија е правно лице кое врши дејност дистрибуција на топлинска енергија и управува со системот за дистрибуција на топлинската енергија и е одговорен за работењето на дистрибутивниот систем, неговото одржување, развој и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за дистрибуција на топлинската енергија, не вклучувајќи го снабдувањето со топлинска енергија.

Според член 115 став 5 од Законот, операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија ја има обврската да ја одржува, надградува и проширува дистрибутивната мрежа на топлинска енергија во системот и е должен да обезбеди набавка, поставување и одржување на мерните уреди на излез од производните постројќи и во топлинските подстаници на кои се приклучени објектите на потрошувачите и мерење на топлинската енергија што се презема или испорачува од топлинскиот систем, во согласност со мрежните правила за дистрибуција на топлинската енергија.

Во член 117 став 5 од истиот закон, е предвидено дека операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика е должен да ги донесе и да ги објави во „Службен весник на Република Македонија“ и на својата веб страница мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија со кои особено се уредуваат, меѓу другото и функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија.

Во член 1 од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење, со кој се регулира предметот на уредување, се предвидува дека:
(1) Со овие Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење (во понатамошниот текст: Мрежни правила) се уредуваат:
1) техничко-технолошките услови за приклучување на потрошувачите и на производителите на топлинска енергија на системот за дистрибуција на топлинска енергија, засновани на начелата на недискриминаторност, објективност и транспарентност,
2) техничките и другите услови што треба да ги обезбедат корисниците на системот за дистрибуција на топлинска енергија,
3) мерките, активностите и постапките во случај на хаварии,
4) условите и начинот за пристап на трети страни на системот за дистрибуција на топлинска енергија, засновани на начелата на недискриминаторност, објективност и транспарентност,
5) функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија во дистрибутивната мрежа и на мерните места на потрошувачите,
6) содржината на плановите за развој на дистрибутивниот систем, како и начинот и постапката според која корисниците на системот ги доставуваат неопходните податоци за изготвување на плановите за развој,
7) начинот и постапката за обезбедување на системската резерва и системските услуги од страна на регулираниот производител,
8) начинот и постапката на размена на податоците меѓу операторот на дистрибутивниот систем, регулираниот производител, производителите и снабдувачите,
9) начинот и постапката за известување на корисниците на системот.

Оспорениот член 31 од Мрежните правила е поместен во точката 5 со наслов: “Функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на преземена и испорачана топлинска енергија во и од дистрибутивниот систем”, чиј поднаслов е „Мерење и мерно место“.

Според оспорениот член 31 од Мрежните правила:
(1) Мерење на топлинската енергија која дистрибутерот ја презема во дистрибутивниот систем од регулираниот производител и од производителите на топлинска енергија се врши со мерни уреди за топлинска енергија за кои Бирото за метрологија има издадено сертификат за верификација (во натамошниот текст мерни уреди) кои се во сопственост на дистрибутерот и се поставени на точно дефинирано место на влез во дистрибутивниот систем.
(2) Мерење на топлинската енергија која дистрибутерот ја испорачува на мерните места на потрошувачите се врши со верификувани мерни уреди на топлинска енергија поставени на точно дефинирано место во топлинската станица.
(3) На едно мерно место односно на една топлинска станица, може да има приклучено повеќе потрошувачи.

Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во контекст на наводите во иницијативата, неспорно произлегува дека оспорениот член 31 од Мрежните правила не е во спротивност со Уставот, ниту со одредбите од Законот за енергетика и Законот за облигационите односи.

Ова, од причина што начинот на мерење на топлинската енергија кој што е предвиден во оспорениот член 31 од Мрежните правила, всушност е мерење на топлинска енергија со сите правни и технолошки нормативи и кој децидно и прецизно ја утврдува количината на потрошена топлинска енергија. Барањето на подносителот на иницијативата за укинување на овој начин на пресметување, упатува на воведување на паушална наплата што навистина, според Судот, е нереален показател за потрошената топлинска енергија. Регулаторната комисија за енергетика, согласно надлежностите од Законот за енергетика има за цел да обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти, како и создавање на ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор.

Мерењето на топлинската енергија, освен што е обврска за операторот на системот за дистрибуција на топлинската енергија, која е предвидена со член 115 став 5 од Законот за енергетика, претставува и основен предуслов за ефикасност на системите и поттик за зголемување на ефикасноста. Според Судот, измерените количини на топлинска енергија се основа во постапката на определување на максималниот приход и цена како и на тарифите за топлинска енергија, согласно Правилникот за цени на топлинска енергија и системски услуги, Методологијата за пресметка на максимален приход за дејностите производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за греење и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.

Од анализата на целината на содржината на оспорениот акт, според Судот, неспорно произлегува дека надоместокот кој го плаќаат исклучените потрошувачи од користење на топлотната енергија, на што се укажува во иницијативата, не е предмет на уредување на оспорените Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија, туку покренатото прашање е предмет на уредување со Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на РМ“ бр.97/2012 и 109/2013) и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на РМ“ бр.99/2013 и 113/2014) и од оваа причина не може да бидат оспорувани Мрежните правила.

Врз основа на направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека членот 31 од оспорените Мрежни правила не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на Република Македонија и Законот за енергетика, ниту со одредбите од Законот за облигационите односи на кои само начелно се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2014
10 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева