100/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка постапка за оценување на уставноста на членот 150-а став 2 од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2002, 79/2007, 88/2008, 67/10 и 44/2011).

2. Ленче Маневска од Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 150-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се нарушувала слободата на пазарот и претприемништвото и воедно друштвата за осигурување се ставале во повластена положба во однос на другите субјекти на пазарот, што било спротивно на членот 55 од Уставот.

Во конкретниот случај Републиката наместо да ги поттикне слободата на пазарот и претприемништвото превзела мерки за негово ограничување и се вмешала во односите помеѓу правните субјекти, па така наместо да ја ограничи монополската положба и монополското однесување, државата создала монопол и монополско однесување на осигурителните друштва. Впрочем, осигурителните друштва и осигурителните брокерски друштва, во меѓусебни договори, можеле да ги определат условите под кои ќе работат што го подразбирало и начинот на плаќање и времето на пренос на наплате-ната премија, а не истото да се регулира со оспорената законска одредба. Тука требало да се има предвид дека Републиката можела да ги ограничи слободата на пазарот и претпиемништвото со закон само во интерес на одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 150-а став 2 од Законот за супервизија на осигуру-вањето, осигурително брокерското друштво е должно да изврши пренос на наплатената премија од сметките од ставот 1 на овој член на сметка на друштвото за осигурување најдоцна во рок од 15 дена од денот на наплата на премијата.

4. Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесу-вање на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Репу-бликата, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорената одредба произлегува дека со неа се предвидува должност за осигурителното брокерско друштво да изврши пренос на наплатената премија на сметка на друштвото за осигурување најдоцна во рок од 15 дена од денот на наплата на премијата. Значи во прашање е присилна, задолжителна правна норма донесена од државната власт, чии правила на однесување задолжително и без исклучок мора да се применат онака како што се донесени, па на правните субјекти на кои се однесуваат не им се остава никаква слобода во постапувањето. Таквите правни норми не им оставаат можност на субјектите на кои се онесуваат да избираат дали ќе ги почитуваат и применат или не, туку содржат категорични, цврсти правила на однесување.

Во наведената смисла пред Судот се наметна прашањето поради кои причини државата имала потреба преку присилна, задолжителна норма да го уреди рокот во кој осигурителното брокерско друштво е должно да изврши пренос на наплатената премија на сметка на друштвото за осигурување најдоцна во рок од 15 дена од денот на наплата на премијата, од каде и произлезе потребата за пошироко анализирање на одредбите на Законот за супервизија на осигурувањето.

Имено, согласно член 1 од Законот, со овој закон се уредуваат условите под кои може да се вршат работи на осигурување на живот, неживотно осигурување и реосигурување, работи на заста-пување во осигурувањето, осигурително брокерски работи, основање, работење, супервизија и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување (во натамошниот текст: друштва за осигурување), осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурувањето како и основањето и работењето на Агенцијата за супевизија на осигурување.

Согласно членовите 3 и 4 од Законот, друштво за осигуру-вање се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија под условите утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва и истото може да врши само работи на осигурување и/или реосигурување.

Во членот 5 од Законот се определени 23 класи на осигурување.

Од содржината на членовите 15 став 1 и 77 став 2 од Законот, произлегува дека акционерскиот капитал на друштвото за осигурување треба да биде најмалку во висина на гарантниот фонд кој пак не смее да биде понизок од една третина од потребното ниво на маргина на солвентност од членот 75 (солветност на друштвата за осигурување кои вршат работи на неживотно осигурување), односно од членот 76 (солвентност на друштвата за осигурување кои вршат работи на осигурување на живот) од овој закон. Во смисла на членовите 75 и 76 од Законот премиите се од значење за вршење на законски предвидените пресметки и маргини на солвентност. Инаку, гарантираниот фонд од членот 77 став 1, согласно член 77 став 3 од Законот, во зависност од класата на осигурување се движи од 2.000.000 до 4.500.000 евра и не смее да биде понизок од овие граници.

Во членот 78 од Законот е определено дека премијата за осигурување се состои од техничка премија и дел на премијата за вршење на дејноста на осигурувањето, а техничката премија е дел од премијата наменет за исполнување на обврските од договорите за осигурување.

Во членот 135 став 1 од Законот е определено дека, осигурително брокерски работи во смисла на овој закон се посредување во договарање на осигурително и реосигурително покритие и при реализирање на отштетни побарувања по остварен осигуран штетен настан, при што треба да се има предвид дека согласно членот 147 став 1 осигурително брокерските работи се вршат преку осигурителни брокери. Согласно ставот 3 од член 135 од Законот, одредбите од Законот за облигациони односи кои се однесуваат на договорите за посредување се применуваат и на договорите за вршење на осигурително брокерски работи, доколку не е поинаку предвидено со овој закон.

Во смисла на членот 142 став 1 од Законот, осигури-телниот брокер нема право да наплаќа провизија или друг вид надомест од осигуреникот, освен доколку не е поинаку предвидено со договорот за вршење на осигурително брокерски работи склучен со осигуреникот, а согласно ставот 2 од истиот член од Законот, доколку со договорот за вршење на осигурително брокерски работи склучен со
осигуреникот е предвидено дека осигурителниот брокер има право на провизија, истиот се стекнува со правото на таа провизија со денот на влегување во сила на договорот за осигурување за кој е извршено посредувањето.

Од анализата на цитираните одредби од Законот прои-злегува дека осигурителното друштво и осигурителното брокерско друштво на пазарот влегуваат во взаемни односи на договарање кои се уредени со одредбите на овој закон, но и со одредбите на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 78/2001, 04/2002, 59/2002, 05/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009), бидејќи во прашање е посредување на осигурителното брокерско друштво помеѓу осигуреникот и осигурителното друштво во склучувањето на конкретен договор за осигурување.

Во таа смисла од значење за конкретниот случај, помеѓу другите, се и одредбите од Законот за облигацините односи кои се однесуваат на рамката во која се движи слободата на договарањето во облигационите односи.

Имено, според член 3 од Законот за облигационите односи учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи.

Со членот 12 од истиот закон е определено дека во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, субјектите се должни (кога со вршењето на својата дејност непосредно задоволуваат потреби на граѓаните), своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓуна-родните договори ратификувани од Република Македонија.

Според членот 14 од Законот, учесниците можат својот облигационен однос да го уредат поинаку отколку што е определено со овој закон, ако од одделна одредба на овој закон или друг закон или од нејзината смисла не произлегува нешто друго, а според членот 16 од Законот, врз облигационите односи што се уредуваат со други закони се применуваат одредбите од овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон.

Според членот 19 од Законот за облигационите односи со кој се уредуваат прашањата на задолжителното склучување и задолжителната содржина на договорите, е определено дека “ако некој според законот е обврзан да склучи договор, заинтересираното лице може да бара таквиот договор да се склучи без одлагање. Одредбите на прописите со кои, делумно или во целост се опреде-лува содржината на договорот се составни делови на тие договори и ги надополнуваат или влегуваат на местото на договорните одредби кои не се во согласност со нив“.

Од содржината на цитираните одредби од Законот за облигационите односи произлегува дека во случај кога облигационите односи на учесниците во прометот се уредени со посебен закон тогаш се применуваат одредбите од тој закон, односно во овој случај Законот за супервизија на осигурувањето. Во случај пак кога прашањата не се уредени со посебниот закон, се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи како lex generalis. Исто така, од содржината на погоре цитираните одредби, произлегува дека не е исклучена можноста со посебен закон да биде уредена формата и содржината на определени договори и тие (формата и содржината) се задолжителни во договорите за учесниците во прометот кои влегуваат во такви облигациони односи, чии договорни елементи се пропишани со закон.

Воедно, од значење е што учесниците во облигационите односи не уживаат целосна слобода во договарањето, бидејќи истата мора да се движи во рамките на Уставот, законите и добрите обичаи истите своите права и обврски ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓуна-родните договори ратификувани од Република Македонија.
Во таа смисла од значење е членот 4 од Директивата 2002/92 ЕС на Советот на Европа за осигурително посредување (9 декември 2002 година), во кој меѓу другото е определено дека осигурителното брокерско друштво ја трансферира наплатената премија од осигуреникот преку строго наменски клиентски сметки, кои средства не можат да се користат за друга намена освен како премија платена на друштвото за осигурување со кое е склучен договорот за осигурување, а во случај на стечај истите не смеат да влезат во стечајната маса на осигурителното брокерско друштво.

Имајќи предвид дека Република Македонија е земја со статус кандидат за членство во Европската Унија и има обрска за хармонизирање на домашното законодавство со прифаќање на европската регулатива во повеќе области, меѓу кои и непреченото функционирање на единствениот европски пазар, произлегува дека законодавецот со оспорената одредба пристапил кон усогласување со одредбите од наведената директива.

Во наведената смисла Судот оцени дека должноста да се уплати во законски определен рок наплатената премија од осигуреникот на сметката на осигурителното друштво на ниту еден начин не засега во слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи со оспорената законска одредба не се фаворизира конкретно осигурително друштво, не им се налага на осигурителните брокерски друштва да стапуваат во деловен однос со конкрено осигурително друштво, се овозможува непречено функционирање на осигури-телните друштва, како и нивна солветност, но се овозможува и функционирање на самото брокерско друштво. Тука треба да се има предвид и тоа што станува збор за средства од премии наплатени од осигурениците во корист и за сметка на осигурителното друштво по пат на посредување на брокерското осигурително друштво, кои не се средства на посредникот-осигурителното брокерско друштво, од каде истото и не може да ужива диспозиција во располагањето со така наплатените средства, а провизијата за извршената услуга е само резултат на деловниот однос што се воспоставува помеѓу нив. Но она што е најзначајно е дека со оспорената законска одредба се овозможува сигурна и навремена исплата на премиите на осигурениците, бидејќи во крајна линија од премијата се исполнуваат обврските од договорите за осигурување.

Имајќи предвид дека слободата на договарањето не е апсолутна и неограничена, туку е врзана со обврската за почитување на Уставот, законите, добрите обичаи, меѓународната регулатива, начелата на совесност и чесност, забраната на злоупотреба на правото, заштитата на потрошувачите, произлегува дека не се основани наводите за ограничување на слободата на договарањето, за повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, за создавање на монополска положба на пазарот или пак нееднаквост на субјектите на пазарот. Оттаму, произлегува дека оспорениот член 150-а од Законот е во согласност со членот 55 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2011
6 јули 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски