У.бр.68/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеja 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 137 став 1 точка 4 и член 144 став 4 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013).

2. Борче Нечовски, Владимир Дојчиновски, Дарко Тасев и Кристијан Габровски, сите од Скопје, преку полномошник Адвокатско друштво Доневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, одредбата од член 137 став 1 точка 4 од Законот за авторското право и сродните права, ги ставала домашните автори во понеповолна положба во однос на странските автори, бидејќи за користењето на авторските дела на домашните автори (авторите на музички дела на македонски јазик, односно на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија), радио-телевизиските организации ќе требало да и платат на организацијата за колективно управување со авторски музички десеткратно помал износ отколку што ќе плаќаат за користење на авторските дела на странските автори. При распределбата на надоместоците од страна на организацијата за колективно управување, домашните автори ќе добивале десеткратно помал износ отколку што ќе добивале странските автори согласно оспорената одредба. Со оспорената одредба се воспоставувал и нееднаков третман (дискриминација) на македонските автори и на авторите кои припаѓаат на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, во однос на странските автори што било спротивно и на уставната одредба од член 9 од Уставот на Република Македонија, со која е загарантирана еднаквост на граѓаните и се забранувал секаков вид на дискриминација.

Оспорената одредба не ги стимулирала домашните автори да го зголемат обемот на своето творештво со цел да добијат правичен авторски надомест (имотна корист) од користење на нивните дела, туку им го ограничувала правото на правичен надомест за користење на нивните авторски дела.

Оспорената одредба била спротивна на целта поради која биле донесени измените на Законот за авторското право и сродните права од 2013 година, како и на целите на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за поддршка на домашната музичка продукција, како закони од системски карактер. Притоа, вакво решение со кое се ограничувале материјалните права на домашните автори не било предвидено во законодавството на ниту една земја членка на Европската Унија. ниту пак во земјите на Балканот како земји од нашето окружување.

Со Директивата 2004/48/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 29 април 2004 година, се гарантирало остварување на авторските права во целост како неприкосновени права на авторот, посебно правото на авторот на остварување имотна корист за секое јавно користење на неговото авторско дело, неговата интелектуална сопственост, без притоа да се прави разлика помеѓу авторите врз основа на националноста.

Со тоа, оспорената одредба била спротивна на одредбата од член 54 став 1 од Уставот на РМ согласно која слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, односно спротивна на ставот 3 од истиот член, каде што е уредено дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Оспорената одредба, исто така, била спротивна и на одредбата од член 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со неа се ограничувало правото од интелектуалната сопственост на домашните автори. Истовремено, таа била спротивна и на член 47 став 2 од Уставот, кој ја гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Со оспорената законска одредба се ограничувало уставно загарантираното авторско право на авторите составено од морални и материјални овластувања, односно на авторите им се ограничувало остварувањето на материјалното право или имотната корист која им следи за секој вид користење на нивната интелектуална сопственост.

Со оглед на наведеното неспорно било дека оспорената одредба од Законот за авторското право и сродните права, ја деградирала приватната природа на авторските права и го попречувала законското и уставно загарантирано право на авторот самиот да ги одредува економските услови за користење на своите авторски дела. Подносителите сметаат дека Уставниот суд не смее да дозволи законодавецот да го ограничува уставно загарантираното право на авторот да ги оствари во целост своите материјални права, односно да го оствари во целост надоместокот кој му следи за секој вид користење на неговото дело. Дотолку повеќе што, со Законот за авторското и сродните права се штитат правата и интересите на авторите, а не економските интереси на радио-телевизиските организации, за сметка на економските интереси на авторите.

Поради наведеното одредбата од член 137 став 1 точка 4 од ЗАПСП била спротивна на уставните одредби од член 8 став 1 точка 1, член 9, член 30 став 1 и 3, член 47 став 2 и член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, како и на постојните законски одредби од член 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2014, 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014 и 132/2014), член 3 од Законот за поддршка на домашната музичка продукција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 119/2013), член 3, член 26 став 1 и член 188 став 3 и 5 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, бр.140/2010, бр.51/2011 и бр.147/2013) и спротивна на ЕУ Директивата како и на меѓународната пракса во полето на колективната заштита, поради што се предлага Уставниот суд да ја поништи како противуставна.

Во однос на оспорената одредба од член 144 став 4 од Законот за авторските права и сродните права, во иницијативата се наведува дека и со неа се ограничувале материјалните права на авторите чии дела биле јавно користени, бидејќи тие немало да остварат 100 % од износот кој што е остварен од нивните средства вложени во банка од страна на организацијата за колективно управување, за нивна сметка, туку ќе добиеле само 70% од тој износ, а за сметка на авторите чии што дела не биле користени и кои што немале право согласно законот да остваруваат имотна корист од користењето.

Во иницијативата се наведуваат релевантните одредби од Законот кои се однесуваат на распределбата на надоместоците за користење на авторските дела од страна на организацијата за колективно управување со авторските права врз основа на кои одредби подносителите на иницијативата го изведуваат заклучокот дека, прибраните авторски надоместоци за користење на авторските дела на авторите од страна на организацијата за колективно управување, биле исклучиво средства на авторите чии дела биле користени, поради што и средствата остварени од камати на прибраните средства по тој основ се исклучиво средства на носителите на правата, поради што тие имаат 100% право на овие средства. Авторите чии дела не биле користени не се носители на правата за да имаат право да остваруваат имотна корист од користење на туѓи авторски дела, поради што оспорената одредба во која се предвидува 30 % од остварените средства од вложените средства на авторите чии дела биле користени да се распределат на авторите чии што дела не биле користени, немала основа ниту во законот, ниту во Уставот на Република Македонија.

Со оспорената одредба им се ограничувало законски и уставно загарантираното материјално право на авторите чии дела биле користени, поради што таа била спротивна на член 54 став 1, член 30 ставови 1 и 3 и член 47 став 2 од Уставот.

Поради наведените причини, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од член 144 став 4 од Законот за авторските права и сродните права била спротивна на одредбите од член 8 став 1 точка 1, член 30 став 1 и 3, член 47 став 2 и член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и на позитивните законски одредби од член 3, член 26 став 1, член 132 став 1 и член 133 став 1 точка 6 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 40/2010, 51/2011 и 147/2013) и се предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја поништи како противуставна.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 137 став 1 точка 4 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011 и 147/2013), надоместоците за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права се определуваат според следниве основи:
…..

4) кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права се врши од страна на радио-телевизиските организации кои со закон се обврзани да емитуваат вокално и/или вокално-инструментални музички дела на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, во законски определени периоди и траење, за користењето на авторското дело и/или предметот на сродните права во овие случаи, надоместокот се определува во износ за десет пати намален од износот што е определен за радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права согласно со основите од ставот 1 точка 3 на овој член.

Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 144 став 4 од истиот закон, средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 50% се распределуваат меѓу авторите и носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став 1 од овој закон и согласно со електронската евиденција од членот 135-а став 1 од овој закон, а останатите 50% од средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи се распределуваат на начин што 70% се распределуваат меѓу авторите и носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со податоците за користени дела од членот 135 став 1 од овој закон и согласно со електронската евиденција од членот 135-а став 1 од овој закон, а 30% се распределуваат подеднакво на сите автори и носители на сродни права кои се застапени во евиденцијата на автори и носители на сродни права на организацијата.

5. Судот на седницата утврди дека по поднесувањето на иницијативата (31 јули 2015 година) оспорените одредби биле изменети два пати – во септември 2015 година и во февруари 2016.

Во член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2015) е определено дека точката 4 од член 137 станува точка 7 и дека во точката 4 која станува точка 7 зборовите: „Вокално и/или вокално-инструментални музички дела на македонски јазик или на јазиците на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „инструментална музика од македонски автори и автори на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, вокална и/или вокално-инструментална музика на македонски јазик или на јазиците на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“.

Во членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2016) е определено дека во член 137 точката 7 се брише.

Во членот 7 од истиот Закон за изменување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2016) е определено дека во член 144 ставот 4 се менува и гласи: „(4) Средствата на организацијата остварени од камати на вложени средства во банка и други приходи, во износ од 30% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле согласно со поатоците за користени дела од членот 135 став 1 од овој закон, а во износ од 70% се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права, во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција, односно во согласност со податоците од член 135 ставови 6 и 7 од овој закон.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека оспорената одредба од членот 137 став 1 точка 4 од Законот за авторското право и сродните права во септември 2015 година била најпрвин изменета, а со измените на Законот од февруари 2016 година, била избришана и не е повеќе во правниот поредок.

Оспорената одредба од членот 144 став 4 со измените на Законот за авторско право и сродните права од февруари 2016 година добила нова содржина, односно била изменета и тоа во насока на која што упатуваат наводите во иницијативата.

Со оглед на тоа што првооспорената одредба од член 137 став 1 точка 4 од Законот за авторското право е избришана и не е повеќе во правниот поредок, а второоспорената одредба од член 144 став 4 од истиот закон во меѓувреме е изменета, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.68/2015
11.05.2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева