У.бр.313/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 4 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево за заштита на слободите и правата кое се однесува на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, за коешто смета дека е повредено со:
– Одлука за користење на повластена тарифа на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија УП 1 бр.08-161/13 од 15.07.2013 година, донесена од Регулаторната комисија на Република Македонија;
– Решение за стекнување на статус на повластен производител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија, од 15.07.2013 година, донесено од Регулаторната комисија на Република Македонија;
– Пресуда на Управниот суд, У6.бр.571/2013 од 17.08.2016 година; и
– Пресуда на Вишиот управен суд, УЖ-3.бр.601/2019 од 29.05.2020 година.

2. Во барањето за заштита на слободите и правата се наведува дека со Одлуката за користење повластена тарифа на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија УП1-08-161/13 од 15.07.2013 донесена од Регулаторната комисија за енергетика, на подносителот на барањето му била утврдена неовластена тарифа којашто важела на денот на донесувањето на решението од 12 евро центи за 1 kw/ч, за таа цел Комисијата по поднесеното барање донела незаконит заклучок за прекин на постапката УП1 бр.08-176/12 од 20.07.2012 година, со цел само на подносителот на барањето да му се изменела тарифата од 25 евро центи на 12 евро центи, додека за другите 8 учесници на конкурсот од 16.04.2013 година еден ден пред измената на тарифата на 17.04.2013 година им биле дадени решенија за 25 евро центи, иако нивните централи не биле ни изградени (ЕРДИНГЕР ДООЕЛ од Скопје, СИЕТО ДОО од Скопје, СОЛАРМАК ДОО од Скопје, ТОТАЛ СОЛАР ДООЕЛ од Скопје и ТОП СОЛАР ДООЕЛ од Скопје), а на подносителот на барањето ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево кој работел од 15.08.2012 година бил дискриминиран и му било дадено Решение по новата тарифа од 12 евро центи.

Согласно наводите во барањето истата повреда била сторена и со Пресуда на Управниот суд У6.бр.571/2013 од 17.08.2016 година.

Врз основа на погоре наведеното се предлага, да се утврди повреда на правото на дискриминација по основ на социјална припадност утврдено во член 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлука за користење на повластена тарифа на електрична енергија произведена на обновливи извори на енергија УП1 бр.08-161/13 од 15.07,2013 година, донесена од страна на Регулаторната комисија на Друштво за производство и трговија ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево му се одобрува користење на повластена тарифа на електрична енергија произведена од обновливи изввори на енергија за фотонапонска електроцентрала „СОЛАР 2″ cо инсталирана моќност од 54,72 kw на локација на КП.бр.4039/2 и КП.6р.4039/5, со локација ГП бр.2.1 Градба 2, Блак Б-2, КО Град во стопански комплекс Пилана, Општина Делчево.

Незадоволни од Одлуката, од Друштвото за производство и трrавија ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево изјавиле жалба до Комисија за решавање на жалби од областа на енергетиката, по која е донесено Решение УП2 бр.31-29 од 12.09.2013 година cо кое жалбата на жалителот против Одлуката на Реryлаторната комисија за енергетика на Република Македонија за користење на повластена тарифа на електрична енерrија произведена од обновливи извори на енерrија УП1 бр.08-161/13 од 15.07.2013 rодина, во делот на утврдената висина на повластена тарифа се одбива како неоснована.

Од Друштвото за производство и трговија ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево повеле управен спор пред Управниот суд оспорувајќи ја законитоста на Решението на Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката УП2 бр.31-29 од 12.09.2013 година, Управниот суд со Пресуда У6.бр.571/2013 од 17.08.2016 година, тужбата на тужителот ја одбил како неоснована.

Против пресудата на Управниот суд У6.бр.571/2013 од 17.08.2016 година, од страна на тужителот преку својот полномошник вложена е жалба до Вишиот управен суд, поради суштествени повреди на одредбите на постапката, поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.

На ден 29.05.2020 година Вишиот управен суд донел Пресуда УЖ-3.бр.601/2019 со која се одбива жалбата на подносителот како неоснована и се потврдила Пресудата на Управниот суд.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.

Барањето за заштита на слободите и правата во конкретниот случај е поднесено од правно лице ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево, што е во спротивност со членот 51 од Деловникот, според кој само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд во делот на заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, а имајќи го предвид наведеното барање, неспорно произлегува дека правното лице ГЕО СОЛАР ДОО од Делчево не може да се јави како подносител на барање за заштита на слободи и права, поради што, Судот утврди дека барањето треба да биде отфрлено согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски, и Вангелина Маркудова.

У.бр.313/2020
4 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати