У.бр.98/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 5 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јадранка Накова од Скопје за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на пол, брачна и семејна состојба, повредени со дејствија (чинење или пропуштање) од Дејан Добрев, чувар-работник на обезбедување во Агенцијата за обезбедување лица и имот Никоб обезбедување – Скопје; Златко Муцунски од Скопје и Кристоф Холцингер, управители на компанијата Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје; компанијата Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје и Агенцијата за обезбедување лица и имот Никоб обезбедување – Скопје.

2. Јадранка Накова од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на пол, брачна и семејна состојба, повредени со дејствија (чинење или пропуштање) од следните лица:

– Дејан Добрев, чувар-работник на обезбедување во Агенцијата за обезбедување лица и имот Никоб обезбедување – Скопје, во кругот на Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје, за активни дејствија на дискриминација непосредно преземени према подносителката на барањето како работник на компанијата Порше Македонија ДООЕЛ Скопје;
– Златко Муцунски од Скопје, управител на компанијата Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје; како наредбодател на Дејан Добрев, за дејствија кои значат негово поттикнување на дискриминација на штета на подносителката на барањето, што се гледало од севкупното негово однесување кон подносителката пред настанот на 21 март 2014 година и потоа;
– Кристоф Холцингер, управител на компанијата Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје заради пропуштање да се спречи дискриминацијата кон подносителката, во услови кога и двата управители на компанијата одговараат за законитоста на работењето на компанијата;
– Компанијата Порше Македонија – ДООЕЛ – Скопје, како работодавач на подносителот на барањето и управителите Златко Муцунски и Кристоф Холцингер, заради пропуштање да се спречи опишаната дискриминација кон подносителката, во услови кога таа како правно лице и како работодавач одговара за законитоста на своето работење и работењето на своите управители и
– Агенцијата за обезбедување лица и имот Никоб обезбедување – Скопје, како работодавач на Дејан Добрев, заради пропуштање да ја спречи опишаната дискриминација кон подносителката, во услови кога таа како правно лице и како работодавач одговара за законитоста на своето работење и работењето на својот работник.

Според наводите во барањето, подносителката на барањето, во континуитет, особено од мај 2013 година, како вработена во „Порше Македонија“ имала сериозни проблеми со нејзиниот директно претпоставен Златко Муцунски – еден од управителите на компанијата. Во континуитет била омаловажувана, навредувана со погрдни зборови, карактеризирана како неспособна. Постојано била изложувана на дискриминирачки обраќања со викање и шовинистичка содржина. Сето тоа се случувало како на интерни состаноци пред колеги, така и пред надворешни соработници. Често пати ситуацијата излегувала од контрола и се претворала од обичен разговор во неподносливо викање и закани дека ќе останела без работа. Се случувало дури и да фрла по неа со својот мобилен телефон. Останатите колеги гледале што се случува, но едноставно не реагирале, бидејќи се плашеле за своите позиции. Во зависност расположението на Муцунски, била изложена на директни и отворени навреди за интелигенцијата како жена. Ја оставал да чека кај него пред канцеларија што некогаш траело со часови, додека сите останати имале приоритет. Кога ќе влезела во канцеларија иако повикана, тој воопшто не и се обраќал туку седел на компјутер и си работел. Се јавувал после завршување на работното време да се врати на работа, бидејќи дошло време на маркетинг темите. Често пати тоа било и по 19 часот.

Јавното и отворено бламирање ја вознемирувало сериозно и покрај тоа што реално немало никаква основа. Работата била завршена и резултатите постојано оделе во нагорна линија. Често пати по состаноците морала да се скрие во тоалет за да се исплаче. За да може да ја извршува својата работа, т.е.да се вклопи во тимот, почнала да оди на психијатар и да пие терапија, но тоа не траело долго бидејќи почнало сериозно да влијае на нејзиното здравје и целокупниот семеен живот.

Почнувајќи од јуни 2013 година, покрај вербалните закани, подносителката била изложена на финансиско „казнување“ од страна на Муцунски, кое се манифестирало со одземање на службеното возило, кое поради природата на нејзината позиција било едно од основните средства за работа, како и намалувањето на личниот доход без објаснување и одлука. Ова траело заклучно со нејзиното заминување. Станала свесна дека без оглед на сработеното, одличните остварени резултати, нејзината исполнителност, чесна работа и пожртвуваност за компанијата во сите пет години колку што била таму, што и да направела, колку и да се трудела, никогаш немало да добие реална валоризација на својот труд, ниту пак дека ќе се променел неговиот однос кон неа.

Својот отказ кај Муцунски го најавила на 5 март, при што тој и кажал дека може да си оди, ама исклучиво спогодбено и тој ќе и дадел да потпише спогодба за престанок на работниот однос. Истото таа го одбила бидејќи причината за нејзиното заминување била поради психичкото вознемирување, односно под притисок, па таа не го гледала тоа како околност каде би се спогодувала. На 17 март 2014 година, истата поднела барање за отказ во архивата, но таму не сакале да го примат нејзиниот отказ на договорот за работа без одобрение на управителот кој бил на пат.

На 21 март 2014 година околу 16 часот имала работен состанок со Муцунски во неговата канцеларија на кој учествувале и колеги од другите сектори. По завршувањето на разговорот и излегувањето на колегите од неговата канцеларија, уште еднаш најавила едностран отказ на договорот за работа и нејзино заминување од фирмата, а тој изјавил дека имал други обврски, се брзал и требало да излегува и дека во понеделник 24 март 2014 година очекувал да му достави официјално писмено барање за отказ.

По овој разговор, подносителката се вратила на своето работно место во објектот Ауди. Останала уште час и половина праќајќи е-меилови и привршувајќи со работните обврски. Некаде пред 17:30 часот се упатила кон објектот Фолксфаген за да се оттчука – одјави (редовна обврска при доаѓање и заминување од работа). Во договор со колешката од Финансии, Славица Митревска, требало да се упатат кон центарот на градот, таа требало да ја префрли со своето возило. Бидејќи поблиската капија каде што била таа паркирана била затворена, тргнале пешки и во кругот на објектот се нашле со две други колешки, Наташа Ристиќ-секретарка и Марта Николовска-продажба Ауди која го чекала својот сопруг да ги земе за да одат накај дома. Со нив имале краток разговор, а потоа еден од колегите од продажба-Филип Поповиќ заедно со колегата Ванчо Умленски застанале, но не можеле да ги однесат до возилото на колешката Славица бидејќи немало место-имало две детски седишта во возилото.Следен кој застанал бил колегата Миле Станчев, бренд менаџер за брендот Шкода, кој се понудил да ги однесе до возилото на колешката Славица. Влегле во неговото службено возило, подносителката на задното седиште, колешката Славица напред. Тргнале и по 50 м. чуварот Дејан пришол, го запрел возилото и рекол дека подносителката мора да излезе, бидејќи имал налог од г-динот Муцунски да ја претресе пред да си оди од работа. Таа излегла од возилото, а тој ја одвел со него во чуварската куќичка која се наоѓа близу капијата во кругот на објектот каде што ги запрел чуварот.

Влегле во куќичката и и било наложено да ја стави чантата на маса што таа и го сторила. Чуварот ја отворил, ги извадил сите нејзини лични работи кои биле внатре, роковник, несесер, ја тресел, претурал. Потоа го отворил несесерот и од него извадил се. Потоа почнал да ја претресува по џебовите од нејзиното сако, да ја допира по целото тело за детално да видел што има кај себе. Ја допирал и по нозете и по џебовите од панталоните. Во десниот џеб имала УСБ и тампон. Ги напипал, УСБ-то го извадил и го одземал. За целото тоа време, подносителката плачела и викала да не ја допира. Потоа излегол надвор и се јавувал некому да каже што нашол и дека подносителката не сакала да ги остави предметите. Таа исто така излегла од чуварската куќичка надвор по него. Тогаш и кажал дека има налог од Муцунски да и задржи се што ќе најде од документи и УСБ-а. Дури и рекол дека:„ти мене ми се лутиш, но така ми е наредено од Муцунски.“ Колешката Славица која во меѓувреме си ја имала донесено колата и се наоѓала на другата страна на затворената капија, ја прашала подносителката дали да ја чека, но таа и рекла да си оди. Другите колешки и колегата Станчев веќе биле заминати.

По таквиот третман и заканите кои и биле упатени, понижена, навредена и уплашена, плачела. Но успеала да собере сили да се јави кај својот адвокат. Му објаснила што и се случува и му го дала на чуварот својот мобилен телефон за да поразговараат. И нему слушнала како му кажал дека постапува како му било наложено од Муцунски. Откако завршил со него, чуварот Дејан повторно се јавил некому кажувајќи му дека разговарал со нејзиниот адвокат.

Од некаде се појавиле колегите Антоние Николовски и Ѓоко Панов кои дошле да видат што се случува. Нејзиното УСБ го задржале и рекле дека таа може да си оди. Тогаш пристигнал и другиот чувар-Киро и почнал да пишува записник дека и одземале УСБ. Таа била вознемирена и револтирана и не потпишала, одвај чекајќи да замине. Никако не сакала да потпише записник после тој настан без присуство на адвокат. Антоние Николовски се понудил да ја однесе каде сака, но таа го одбила. Колегата кој поминувал оттаму – Дејан Враниќ, бренд менаџер за Фолксфаген комерцијални возила, инсистирал да ја однесе каде што сака. Таа влегла во неговото службено возило и тој ја распрашувал што се случило. Таа му раскажала дека најавила свое заминување и дека потоа пред да си замине чуварот не ја пуштал да си замине додека не ја претресе како што му било наложено од Златко Муцунски. Тој и рекол: „сите ние знаеме која си и што си, смири се и не се нервирај“. Ја прашувал дали нашла друга работа, но таа му објаснила дека не си оди зашто нашла друга работа, туку затоа што не може веќе да го поднесува малтретирањето и понижувањето од страна на нејзиниот претпоставен Златко Муцунски, кое сериозно влијаело на нејзиното здравје.

Тој ја оставил во центарот на градот и додека стигнала до канцеларијата на нејзиниот адвокат, почнало да и се врти, да и се гади и да чувствува срцебиење. Кога пристигнала во неговата канцеларија во ГТЦ, почнала да ја губи свеста и тој веднаш ја однел во најблиската болница – Градска. Таму ја примиле и итно ја сместиле во шок соба каде и била дадена терапија за смирување. Некаде околу 21 часот додека сеуште била во болница, и се јавил колегата од ИТ Иван Јанкијевиќ, со кој практично делеле иста канцеларија од океански тип. Се интересирал што се случило и и кажал дека му било донесено на проверка од страна на Антоние нејзиното УСБ, при што и ја потврдил содржината т.е.неколку епизоди од серијата House of cards што тој и ја имал префрлено неколку дена претходно. Потоа и кажал дека ќе заминува за Белград, дека починала баба му и дека ќе оди на погреб. Болницата ја напуштила доцна вечерта со препорака следниот ден да се јави на психијатар за понатамошно испитување и терапија. Согласно препораката од дежурните лекари, под силен стрес, следниот ден, во сабота, се јавила во Поликлиниката Букурешт каде добила терапија и препорака за боледување од спец. невропсихијатар Илија Јовев од 22 март 2014 година. Имајќи ја во вид сериозноста на нарушувањето на нејзината здравствена состојба, нејзиниот матичен лекар и отворил боледување.

На ден 24 март 2014 година инцидентот од 21 март 2014 година го пријавила во МВР Скопје, со точно укажување дека станува збор за дискриминација. Истиот ден поднела и Барање за враќање на противправно одземени предмети и надомест на штета до Порше.

Од 8 април 2014 година започнале интензивни телефонски позиви со закани да не презема ништо и да не комуницира со својот адвокат! Да се повлече од постапките, како и смс пораки!

Детали за пораките и телефонските јавувања од различни странски и македонски мобилни телефони почнале на 8 април (по пратениот е-маил од нејзина страна до Наташа Росиќ-секретарка на Муцунски во Порше, со кој известила за продолжување на боледувањето и го оставила својот приватен мобилен број). Најпрво таа се јавила во 15:11 часот, ја прашала како се чувствува, но било очигледно дека сакала да провери дали може да ја бара на тој број. Потоа во 15:37 часот од сокриен број и се јавил човек кој се претставил како посредник од Порше кој ја предупредил дека не треба да бара ништо од таму. Потоа од странски броеви испраќале пораки со вознемирувачка содржина и од македонски мобилен во два наврати на 10 и на 14 април. Упорно се пласирале закани.

За сиот период подносителката била вознемирувана, но одлучила да добие ефикасна разврска на спорот.

Била дискриминирана од чувар во Порше, вработен во Никоб, за потреби на Порше со нагласено вознемирување.

Била жртва на директната дискриминација при претресот од машко лице! Државата имала обврска да ги заштити нејзините права. Вознемирувањето и понижувачкото постапување претставувало повреда на нејзиното достоинство кое произлегувало од дискриминаторска основа и создавало заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина.

Вознемирувањето било несакано однесување од полов карактер, кое се изразувало физички и вербално или на кој било друг начин, а имало за последица повреда на нејзиното достоинство, па се создавала непријателска, заканувачка, деградирачка или понижувачка средина. Оваа дискриминација вклучувала физичка и ментална агресија, емоционално и психолошко малтретирање, сексуално малтретирање, заплашување на работа.

Сексуално малтретирање (вознемирување) значело секое навредливо вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер што претставувало повреда на личното достоинство, особено кога предизвикувало заплашување, одбивност, деградирање, понижување. Сексуалните права се содржеле во човековите права кои се веќе признаени во националните закони, меѓународните документи за човековите права и други консензуални документи. Тие содржеле права за сите луѓе, ослободени од присила, дискриминација и насилство. Неповредливоста на телесниот и менталниот интегритет било право кое начелото на забрана од дискриминација барало сите личности да ги почитуваат како права на другите.

Според Директивата за еднаков третман, незаконската дискриминација вклучувала: вознемирување врз основа на полот и сексуално вознемирување. Главната разлика помеѓу дискриминација врз основа на полот и сексуалното вознемирување лежела во тоа што во случаи на вознемирување врз основа на полот лицето било неповолно третирано, бидејќи тој или таа бил маж односно жена. Во случај на сексуално вознемирување, пак, жртвата била подложена на непожелно сексуално наметнување, или на пример, виновникот барал сексуални услуги преку своето однесување.

Членот 14 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) подразбирал дека ќе се открие повреда кога неспорно постојат докази дека определен третман бил неосновано дискриминаторски. Членот 14, исто така, се применувал и од процедурален аспект, односно Судот можел да утврди повреда кога државата немало да преземе ефикасна истрага со цел да ја утврди жалбата за дискриминација од жалителите.

Членот 1 од Протоколот бр. 12 предвидувал генерална забрана за дискриминација, односно „уживање на сите права предвидени со закон треба да биде заштитено од дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко и друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, имотна состојба (сопственост), раѓање или друг статус“. Протоколот 12 имал за цел да ја прошири забраната за дискриминација опфаќајќи ги сите права и слободи предвидени со ЕКЧП и со домашниот закон.

После отпочнувањето со малтретирањата и дискриминаторските постапки, значително била влошена психичката состојба на подносителката.

Имајќи го предвид наведеното, подносителката му предлага на Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди постоење на повреда на правото на недискриминација против подносителката и да обезбеди заштита на нејзините слободи и права. Притоа, се нагласува дека уставната жалба е поднесена под закана со многу интензивен стрес и со многу страв од нејзина страна, последниот ден од рокот за нејзино поднесување.

Во поднесокот за прецизирање на поднесената уставна жалба (барање), се укажува дека забраната за дискриминација и еднаквоста на граѓаните независно од пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба, биле уставна гаранција во Република Македонија. Дискриминацијата била апсолутно забранета од страна на сите лица (правни и физички) спрема било кого.

Член 6 став 1 од Законот за работните односи изречно забранувал дискриминација, односно ставање на работникот во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичкото или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.

Член 6 став 2 од Законот за работни односи категорично наложувал еднакви можности и еднаков правен третман на жените и мажите во врска со: 1) пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата; 2) условите за работа; 3) еднаква исплата за еднаква работа; 4) професионални шеми за социјалното осигурување; 5) отсуство од работа; 6) работно време и 7) откажување на договорот за вработување.

Член 7 од Законот за работни односи ги прецизирал забранетите форми на директна и индиректна дискриминација.

Според подносителката, од интерес за случајов била и содржината на член 9 од Законот за работни односи, со своите одредби за вознемирувањето и половото вознемирување, како и член 9-а од истиот закон, со своите одредби за психичко вознемирување на работното место, познато под поимот и терминот „мобинг“.

Подносителката на барањето очекува Уставниот суд да и пружи правна заштита врз основа на цитираните меѓународни и домашни правни норми на начин што ќе констатира повреда на нејзините слободи и права и ќе ги забрани дејствијата кои се сторени со повредите.

3. Судот на седницата, врз основа на наводите во барањето и одговорите на истото, утврди дека:

Подносителката на барањето Јадранка Накова била вработена на неопределено време во компанијата Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, на работно место маркетинг менаџер, сметано од 01.03.2009 година.

Според наводите во барањето, истата во континуитет, особено од мај 2013 година, на работа имала сериозни проблеми со нејзиниот претпоставен Златко Муцунски, еден од управителите на компанијата, во смисла што била омаловажувана, навредувана, карактеризирана како неспособна, била физички „казнета“ со тоа што и било одземено службеното возило кое поради природата на нејзината позиција било едно од основните средства за работа, како и со намалување на платата без објаснување и одлука.

Поради наведеното, подносителката на 21 март 2014 година околу 16 часот на претпоставениот Златко Муцунски му најавила едностран отказ на договорот за вработување и нејзино заминување од фирмата, за што тој изјавил дека очекува официјално писмено барање за отказ во понеделник, на 24 март 2014 година.

Истиот ден (21 март 2014 година), околу 17:30 часот, подносителката, при заминување од работа, во портирницата која се наоѓа во кругот на објектот, била подложена на претрес од страна на службата за обезбедување – чуварот Дејан Добрев, кој претрес се состоел во отварање и проверка на содржината на чантата на подносителката и според наводите на подносителката, со претресување по џебовите на нејзиното сако при што била допирана по целото тело. При претресот, на именуваната и е одземен УСБ стик. За одземањето на стикот бил сочинет записник, во присуство и на другиот чувар Киро Димитриев, кој именуваната одбила да го потпише.

Инцидентот од спорното претресување именуваната го пријавила во МВР на 24 март 2014 година. За инцидентот чуварите Дејан Добрев и Киро Димитриев биле повикани на сослушување пред јавен обвинител на 04 јули 2014 година, за што се приложени записници.

Подносителката смета дека со спорното претресување била дискриминирана од страна на чуварот, со нагласено вознемирување, како жртва на директна дискриминација при претресот од машко лице, дискриминаторско дејствие поттикнато од страна на непосредно претпоставениот Златко Муцунски. Поради наведеното, истата побарала лекарска помош и со дијагноза посттрауматско стресно растројство и било отворено боледување за период од 24.03.2014 година до 22.04.2014 година.

Компанијата Порше Македонија поради содржината на одземениот стик при претресот, против подносителката спровела дисциплинска постапка, на која била распрашана и именуваната, која постапка резултирала со одлука за откажување на договорот за работа без отказен рок.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наведените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ги штити сите утврдени со Уставот основни слободи и права на човекот и граѓанинот, туку само оние кои се децидно наведени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Со барањето поднесено од Јадранка Накова се бара од Уставниот суд заштита од дискриминација по основ на полова припадност и семејна и брачна состојба, поврзани со настанот од 21 март 2014 година, кога именуваната, при напуштањето на работното место, била подложена на претрес од страна на чуварската служба во компанијата каде истата била вработена.

Заштитата од дискриминација по однос на семејна и брачна состојба не спаѓа во правата и слободите на човекот и граѓанинот што се штитат пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што Судот оцени дека наводите во барањето за заштита на овие слободи и права треба да се отфрлат.

Во однос на барањето за заштита од дискриминација по основ на полова припадност, Судот оцени дека спорното дејствие – физички претрес на именуваната од страна на чуварската служба (службата за обезбедување) во компанијата каде истата била вработена, не може да се прифати како дејствие на дискриминација по основ на пол чија заштита се обезбедува пред Уставниот суд. Ова затоа што станува збор за дејствие кое чуварската служба (службата за обезбедување) вообичаено го презема кон сите вработени во компанијата, без оглед на полот, во согласност со Договорот за вршење на услуги – физичко обезбедување склучен помеѓу НИКОБ ДОО Скопје, како давател на услугите и Компанијата Порше Македонија, како корисник на услугите. Подносителката на барањето, како долгогодишен вработен во компанијата, била запознаена со надлежностите на чуварската служба. Дали во конкретниот случај чуварската служба ги пречекорила своите овластувања, односно несоодветно го спровела претресот, со физички претрес и допир на подносителката, без присуство на службено лице од женски пол и со тоа предизвикала вознемирување и повреда на достоинството на лицето кое било претресувано, е фактичко прашање кое може да се утврди и соодветно санкционира во постапка пред надлежните судски и други институции, а не е прашање кое би можело да се третира како забрана на дискриминација во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот.

Другите наводи во барањето кои се однесуваат на несоодветен однос на непосредно претпоставениот кон подносителката на барањето, односно мобинг, што се основ во барањето за утврдување на одговорност за дискриминација по основ на полова припадност кон подносителката на барањето од страна на двајцата управители на компанијата Порше Македонија ДООЕЛ Скопје и на самите правни лица Порше Македонија ДООЕЛ Скопје и Агенцијата за обезбедување лица и имот Никоб обезбедување Скопје како работодавачи на чуварите и управителите, во барањето не се поткрепени со докази кои би потврдувале дискриминација, повик или поттикнување на дискриминација по основ на пол, туку се само декларативно наведени, во функција на дејствието кое е цел на барањето пред Уставниот суд, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки да се произнесе по истите во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.98/2014
5 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева