У.бр.97/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонијa и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 04 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, број 07-2555/1 донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година и објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2012.

2. Слободан Близнаковски од Скопје, советник во градот Скопје од ВМРО- Народна Партија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Одлука била донесена во спротивност на член 5 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти каде било предвидено името на улица, плоштад, мост и на друг објект на подрачјето на општината, односно на подрачјето на градот Скопје можело да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката, културата, и други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Листата ја утврдувал советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, потребно било општините од подрачјето на градот Скопје да достават мислење по истата.

Подносителот на иницијативата смета дека во конкретниот случај, оспорената Одлука била донесена без дадено мислење од страна на советите на сите општини во состав на градот Скопје. Понатаму во иницијативата е наведено дека мислења биле доставени само од одредени градоначалници на општините во градот Скопје, односно од страна на комисии овластени од градоначалниците и вработени лица во општините. Ова дотолку повеќе што предметната одлука била донесена од страна на Советот на градот Скопје, па отука било сосема логично и мислењата по оспорената одлука да бидат доставени од советите на општините во градот Скопје, а не од градоначалниците и вработените лица во општините. Исто така, во иницијативата е наведено дека требало да се има во предвид и членот 32 од Законот за локалната самоуправа, каде било утврдено дека советот бил претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Во иницијативата се наведува дека била направена битна повреда на постапката за донесување на оспорената одлука и истата не била во согласност со Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти и поради тоа предлага одлуката да биде укината.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ“број 5/02) и член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти („Службен весник на РМ„ бр. 66/04, 55/07,145/10 и 136/11) Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година, донесе

ОДЛУКА
за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје

Член 1

Со оваа одлука се врши промена на имињата на следните улици и мостови на подрачјето на Град Скопје:

Р.бр. досегашно име тех.бр. ново име тех.бр.
1 Маршал Тито 0100 Македонија 0100
2 Мито Хаџивасилев Јасмин 0001 Св. Кирил и Методиј 0001
3 Водњанска 0249 Мајка Тереза 0249
4 Стив Наумов и
Војвода Васил Аџиларски 1493 0490 Филип Втори Македонски 0490
5 Салвадор Аљенде 0431 Тодор Александров 0431
6 Бихачка 0254 Павел Шатев 0254
7 Адолф Циборовски 1249 Војвода Васил Чакаларов 1249
8 Мексичка 0924 Петре Пирузе 0924
9 Првомајска 0470 Борис Трајковски 0470
10 Железничка 0256 Јордан Мијалков 0256
11 27 Март 0239 Никола Кљусев 0239
12 Војводина 1491 Киро Глигоров 1491
13 Социјалистичка зора 1258 Христо Батанџиев 1258
14 Ленинова 0217 Аминта III 0217
15 Жарко Зрењанин 1412 Антон Димитров 1412
16 Ратко Митровиќ 1362 Иван Хаџиниколов 1362
17 Каирска 0290 Генерал Михајло Апостолски 0290
18 Драчевска 1431 Јустинијан I 1431
19 Шуто Оризари 1210 Индира Ганди 1210
20 Вергино 0148 Фан Ноли 0148
21 Дрварска 0121 Азем Хајдари 0121
22 Подграѓе 0107 Салих Асим 0107
23 Роман Каскалиевиќ 0860 13 Август-Охридски договор 0860
24 Рифат Бурџевиќ 0129 Исмаил Кадаре 0129
25 Севастополска 0131 Кумбара 0131
26 Васил Чакаларов 0768 Роналд Реган 0768
27 Павел Шатев 0286 Владимир Полежиновски 0286
28 Мајка Тереза 0289 Адолф Циборовски 0289
29 Христо Батанџиев 1113 Галичник- нов дел 1123
30 Ленинградска 0018 Стив Наумов 0018
31 Постоечка со број се протега од Партизанска до Димитрие Чуповски 1736 Мито Хаџивасилев Јасмин 1736
Мостови
Р.бр. досегашно име ново име

1 Република Мајка Тереза
2 Близнак Тодор Александров

Член 2

На парковскиот простор на аголот помеѓу улиците „Самоилова„ и „Св.Прохор Пчински„ му се определува име „Мустафа Кемал Ататурк“.

Член 3

Се задолжува Градоначалникот на Град Скопје да ги преземе потребните активности за реализација на оваа Одлука, согласно Закон.

Член 4

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

Број 07- 2555/1                                                                                                                                            Совет на Град Скопје
14 јуни 2012 година                                                                                                                                            Претседател
Скопје                                                                                                                                                               м-р Ирена Мишева

4. Судот во текот на претходната постапка, и по претходно прибавената писмена документација од Советот на Град Скопје, ја утврди следната фактичка состојба:

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 03 април 2012 година го разгледа Барањето за давање на согласност на Предлог-листата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на градот Скопје и со писмо заведено под број 41-2385/1 од 03 април 2012 година беше доставена писмена согласност за листата до Советот на Градот Скопје.

Со писмо заведно под број 21-1437/2 од 07 март 2012 година доставено е мислење по овластување на градоначалникот по број 08-6491/1 од 12 јули 2011 година потпишано од раководителот на Одделението за комунални работи на Општина Аеродром. Примено и заведено под број 07-1021/12 во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-333/3 од 13 март 2012 година доставено е едногласно мислење од страна на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Бутел. Примено и заведено под број 07-1021/11 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-643/2 од 13 март 2012 година доставено е едногласно мислење од страна на Комисијата Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Гази Баба. Примено и заведено под број 07-1021/07 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-105/2 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Ѓорче Петров потпишано од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров. Примено и заведено под број 07-1021/10 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со известување заведно под број 08-1797/2 од 14 март 2012 година и потпишано од градоначалникот на Општина Карпош доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Карпош која била разгледана на 50-та седница на Советот на Општина Карпош, одржана на 27 март 2012 година. Примено и заведено под број 07-1021/3 и 4 од 14 март и 02 април 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-1629/2 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Кисела Вода потпишано од градоначалникот на Општина Кисела Вода. Примено и заведено под број 07-1021/13 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-405/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Сарај потпишано од градоначалникот на Општина Сарај. Примено и заведено под број 07-1021/7 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-405/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Центар потпишано од градоначалникот на Општина Центар. Примено и заведено под број 07-1021/5 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-645/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Чаир потпишано од градоначалникот на Општина Чаир. Примено и заведено под број 07-1021/5 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

Со писмо заведно под број 08-645/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Шуто Оризари потпишано од градоначалникот на Општина Шуто Оризари. Примено и заведено под број 07-1021/10 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје.

До Уставниот суд на Република Македонија, со цел, прецизно да биде утврдена фактичката состојба е доставена целокупната документација со писмо заведно под број 09-2555/5 од 16 април 2013 година. Од записникот од одржаната 66-та седница на Советот на Град Скопје на ден 14 јуни 2012 година, се утврдува дека од 45 членови на Советот присутни се 44 члена што значи дека Советот го имал потребното мнозинство за одржување на седницата. На седницата бил предложен дневен ред со вкупно 21 точка на дневен ред. Во фаза на усвојување на дневниот ред истиот е изменет по однос на редоследот на предложените точки и истовремено е побарано и дополнување на точката 20 на дневниот ред во однос на оспорената одлука. Вака изменетиот и дополнетиот дневен ред со вкупно 20 точки е усвоен со 24 гласа „за“ од страна на Советот и започнала расправа по усвоените точки од дневниот ред.

Советот на Град Скопје, одлучувајќи по Предлог- Одлуката како 20-та точка од дневниот ред на 66-та седница на Советот, го стави на гласање и Амандманот 1 поднесен од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, претставена од страна на кординаторот Дафинка Саздова. Амандманот 1 гласи: “Во табеларниот приказ на предлозите за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, по предлогогот под реден број 29, да се додадат уште два предлога: под реден број 30, досегашна улица “Ленинградска“ со технички број 0018, да биде “Стив Наумов“ со технички број 0018 и под реден број 31, досегашна улица–постоечка со број се протега од “Партизанска“ до “Димитрије Чупоски“ со технички број 1736, да биде “Мито Хаџивасилев Јасмин“,со технички број 1736“. Согласно член 132 од Деловникот на Советот на Град Скопје беше спроведено гласање, по кое претседателот констатира дека со 25 гласа “за“ била прифатена оправданоста на поднесениот амандман и тој стана составен дел на Предлог-Одлуката.

По заклучувањето на претресот на Предлог – Одлуката согласно одредбите на член 83 и 93 од Деловникот на Советот на Град Скопје и по спроведеното поименично гласање, претседателот на советот констатира дека од присутните 10 членови на Советот на Град Скопје кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во град Скопје, за Предлог-Одлуката со 10 гласа “за“ гласаа сите 10 члена.

Со оглед на тоа дека со потребното мнозинство од припадниците на заедниците кои не се мнозинско население во град Скопје, се пристапи кон поименично гласање на мнозинскиот дел на членови на Советот на Град Скопје, кои беа присутни на седницата и се констатира дека со 25 гласа “за“ Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, број 07-2555/1 донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година , беше донесена и истата беше објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2012. Одлуката е потпишана од страна на претседателот на Советот на Град Скопје.

5. Според член 114 од Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а единици на локалната самоуправа се општините. Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (Амандман XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот на Република Македонија).

Согласно член 115 став 1 од Уставот, кој е заменет со точката 1 на Амандман XVII, во единиците на локалната самоуправа, граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според членот 117 став 1 од Уставот, градот е посебна единица на локалната самоуправа, чија организација се уредува со закон. Во став 2 на член 117 од Уставот, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од значење за градот Скопје, особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитание, основното воспитание, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ„ бр. 5/2002) ги уредува: надлежностите на општините, непосредното учество на граѓаните во одлучувањето, организацијата и работата на органите на општината, општинската администрација, актите на органите, имот-сопственост на општината, надзорот над работата на органите над општината, распуштање на советот на општината, механизмите и соработката меѓу општините и Владата на Република Македонија, месната самоуправа, заштитата на локалната самоуправа, утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Во членот 4 став 1 од овој закон, Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа во која се остваруваат заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на Градот Скопје, како главен град на Република Македонија. Одредбите од овој закон се однесуваат и на Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, доколку со Законот за Градот Скопје поинаку не е уредено.(став 2)

Во Глава III од Законот, со наслов: „Надлежности на општините“ е содржан и член 22 во кој во став 1 точка 4 се предвидува дека општините се надлежни за вршење, меѓу другото и во работите во областа на комуналните дејности, како што е определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Во член 31 од Законот е предвидено дека органи на општината се: советот и градоначалникот.

Согласно членот 32 став 1 од Законот се утврдува начинот на работа на советот на општината така што советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии (став 2). Составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот 2 на овој член се уредуваат со статутот (став 3). Составот на комисиите од ставот 2 на овој член соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во советот (став 4).

Според член 36 став 1 од овој закон, се утврдува надлежноста на советот дека го донесува статутот на општината и други прописи.

Согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон. Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон. (став 2) Прописите за чие извршување се потребни финансиски средства мораат да содржат и одредби со кои се утврдуваат изворите и висината на средствата за нивно извршување. (став 3) Прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. (став 4) Прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено. (став 5) Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид(став 6)

Според член 4 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на РМ„ бр. 66/2004, 55/2007 и 145/2010), определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината, а за подрачјето на градот Скопје, со одлука донесена од Советот на градот Скопје. Одлуката од ставот 1 на овој член се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во градот Скопје.(став 2)

Согласно член 5 став 1 од овој Закон, е предвидено дека името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.(став 2) При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата.(став 3)

Судот утврди дека од анализата на содржината на наведените законски одредби, како и од увидот врз целокупната документација доставена од Советот на Град Скопје, а особено во записникот од одржаната 66-та седница на Советот на Град Скопје на ден 14 јуни 2012 година и наводите во иницијативата неспорно произлегува дека оспорената одлука не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со Законот за локалната самоуправа и Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфра-структурни објекти.

Судот констатира дека видно од записникот од одржаната седница на Советот на ден 26 јануари 2012 година, јасно произлегува дека Советот на Град Скопје, постапил во согласност со член 31, член 32 и член 62 од Законот за локалната самоуправа и член 5 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

Понатаму, Судот оцени дека од утврдената фактичка состојба јасно произлегува дека постапката за определување на имињата на улиците е утврдена според одредбите на член 5 став 3 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, според кој при утврдување на листата на имиња од страна на Советот на Град Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење. Судот утврди дека од доставената документација од страна на градоначалникот на град Скопје, доставени се мислења од сите десет општини. Исто така, според Судот, не се основани наводите во иницијативата дека била направена битна повреда во постапката на донесување на оспорената одлука, само од причина дека мислењата по Предлог-Одлуката биле доставени од страна на различни органи, советот или градоначалникот на општините од подрачјето на градот Скопје. Ова од причина што согласно одредбите во Законот за локалната самоуправа каде е предвидено дека органи на општината се: советот и градоначалникот со точно утврдени надлежности да ги претставуваат и застапуваат општините и градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа.

Врз основа на направената уставно-судска анализа Судот оцени дека основано не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за локалната самоуправа и Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.97/2012
04 јуни 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.97/2012