У.бр.91/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Петар Бошевски од Скопје за заштита на слободите и правата.

2. Петар Бошевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата во кое наведува дека во државните институции, со децении наназад, била вообичаена практика Денот на жената (8-ми март) да се третира како некој неофицијален државен празник, што на прв поглед делувало и симпатично. Но, кога на овој ден, како странка се наидувало на затворени врати и немало да се заврши работата за која граѓаните се упатиле во државните институции, како што тоа нему му се случило на 8-ми март оваа година, (просториите на град Скопје-барака бр.16), тоа веќе не била симпатична ситуација.

Со оглед на тоа што неколку пати се погодило подносителот на барањето, на овој датум, да не може да заврши некоја административна работа, не само тој, туку и илјадници грѓани ширум државата, решил повеќе да не молчи и писмено се обратил до градоначалникот на град Скопје (согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер), а со цел да преземе нешто против таа „бирократска анархија и поткопување на државата“.

Со допис бр.21-974/4 од 29 март 2011 година градона-чалникот на град Скопје, Коце Трајановски, го известил подносителот на барањето дека согласно член 50 став 1 точка 14 од Законот за градот Скопје донел одлука во форма на усмено известување, жените вработени во општинската администрација на 8 март 2011 година да работат до 14,00 часот, а во периодот од 14,00 до 16,30 часот, на работните места каде што работата не трпела прекин, вработените мажи да ја преземат работата.

Сето горе наведено подносителот на иницијативата го споменувал попатно и немал намера да го докажува, бидејќи овој настан и не бил причина за покренување на постапката, но тој сакал Судот да утврди дека градоначалникот преземал неколку спорни дејствија:

-одлучил жените на тој ден да работат два и пол часа помалку од мажите, за што немал законска и уставна основа, на кој начин ги повредил член 9 и 110 од Уставот и гарантираната еднаквост на граѓаните назависно од нивниот пол,

– го променил работното време, со што преземал ингере-нции кои не му припагале, со што го повредил врадеењето на правото од членот 8 од Уставот и

– со усмен акт го скратил работното време, како да станува збор за негова приватна фирма, и не ги известил граѓаните на соодветен начин за скратувањето на работното време, со што повторно го нарушил врадеењето на правото.

Барањето го поднесува со надеж дека Уставниот суд со својата одлука ќе оневозможел натамошна злоупотреба на Денот на жената (во државните институции) за повеќекратно кршење на уставните права на граѓаните.

Вака поднесеното барање во Судот е заведено под Р.бр.36/2011, па со допис од под истиот број од 19 април 2011 година побарано е од подносителот да појасни за кои слободи и права од наведените во членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот бара заштита.

Во определениот рок, доставено е појаснување од чија содржина произлегува дека со преземеното дејствие од страна на градоначалникот на град Скопје се вршела противзаконска дискри-минација на вработените (ниту еден закон не предвидел скратување на работното време врз основа на полот) од каде накусо произле-гувало дека била практикувана дискриминација врз мажите по основ на полот. Со оглед на раширеноста на наведената појава, моли Судот да има предвид дека не само мажите, туку и жените вработени во приватниот сектор биле дискриминирани, како и сите граѓани (мажи и жени) кои на овој датум наидувале на затворени врати во државните органи и институции. Поради сето наведено бара Уставниот суд да го санкционира, не само однесувањето на градоначалникот Коце Траја-новски, туку и воопшто ваквиот начин на дискриминација кој се спроведувал во сите државни органи и интитуции.

3. Во членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд. Според алинеите 1 и 2 од овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во конкретниот случај, подносителот на барањето наведува дека преземеното дејствие на градоначалникот на градот Скопје да го скрати работното време на 8-ми март 2011 година, но и воопшто практиката во државната администрација вработените жени на овој ден да работат пократко доведувале до дискриминација на: вработените мажи во државните органи и институции, на жените вработени во приватниот сектор, како и на сите граѓани (мажи и жени) кои на овој ден не можеле да ги завршат своите работи и остварат своите потреби во државните институции, затоа што работното време на тој ден се скратувало. Исто така, во барањето се потенцира дека неговото лично искуство не било причина за покренување на оваа постапка, туку тој имал за цел да се оневозможи натамошното злоупотребување на Денот на жената во државните институции и да престане повеќекратното кршење на уставните права. Воедно, од содржината на барањето не произлегува тврдење дека така преземеното дејствие на градоначалникот на град Скопје било насочено кон подносителот на барањето или со цел тој, како припадник на машкиот пол да не може да оствари свое барање или право пред општинската администрација на критичниот ден и време. Напротив барањето тврди дека постоела општа дискриминација.

Тргнувајќи од содржината на членот 51 од Деловникот на Судот произлегува дека Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права (на подносителот на барањето), но не и на повредени слободи и права на неограничен и неопределен круг на субјекти, како што се тврди во барањето. Ова и од причина што постоењето на повреда на правата на неограничен круг на субјекти е прашање кое се разгледува во друг вид на уставно-судска постапка-постапката за оценување на уставност, односно уставност и законитост. Постоењето на евентуална злоупотреба во примената, исто така, не е прашање од областа на уставно-судската надлежност, туку е прашање за кое надлежност имаат други државни органи.

Имајќи предвид дека Уставниот суд во ваков вид постапката (заштита на слободите и правата повредени со поединечен акт или дејствие) може да даде заштита само на лично повредени слободи и права, како лично право на поединец, но не и да даде заштита на некаква појава на општа и сеопфатна дискрими-нација, каква што прикажува подносителот на барањето, произлегува дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот за натамошно постапување по барањето.

Врз основа на наведеното произлеа барањето за заштита на слободите и правата да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.91/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски