У.бр.91/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 октомври и 7 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 12 став 2 и 3 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” 6р.12/98).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 12 став 1 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 12/98).

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 25 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи .

4. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите од Правилникот означени во точката 1 и 2 од ова решение. Подносителот на иницијативата го оспори член 12 од Правилникот во целина и посебно неговиот став 3 затоа што со него, прво, се уредувале прашања што може да бидат предмет на уредување само со закон и, второ, затоа што член 12 став 3 не бил во согласност со член 176 и 177 од Законот за кривичната постапка .Член 25 се оспорува затоа што приведувањето на воените лица можело да се изврши само од страна на воената команда, а не и од МВР, поради што тој не бил во согласност со Уставот и со член 177 став 5 од Законот за кривичната постапка.

5. На седницата Судот утврди дека во член 12 став 1 од Правилникот е предвидено дека повикување на граѓани се врши заради барање потребни известувања во врска со сторено3. кривично дело или заради собирање известувања што 6и можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка.Според став 2 на овој член, повиканото лице на јазик што го разбира ќе се извести за причините за повикувањето и ќе се поучи за неговите права: правото да молчи, да се советува со адвокат, да има бранител по негов избор за време на давањето на известувањето. Лицето кое е повикано не може да биде сослушувано во својство на обвинет, сведок или вештак, освен ако јавниот обвинител не побара од Министерството да преземе одделни истражни дејствија во кој случај за преземените истражни дејствија од Министерството се составува записник и истиот се доставува до јавниот обвинител.Согласно став 3 на овој член, лицето може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.Според член 25 од Правилникот во случаите кога се исполнети условите за приведување со наредба или без наредба, овластеното службено лице може да приведе и воено лице ако тоа не можат да го извршат овластени воени лица, за што по најбрз можен пат за таквото приведување се известува неговата претпоставена воена команда, по чие доаѓање лицето се предава во нивна надлежност.

6. Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а согласно став 2 на овој член никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдени со закон.Согласно став 3 на овој член од Уставот од лицето што е повикано, помеѓу другото, не може да се бара изјава во било кое својство .Во член 142 од Законот за кривична постапка се уредуваат условите под кои МВР може да презема дејствија во преткривичната постапка. Во став 3 на овој член е предвидено дека лицето може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.

7. Поаѓајќи од означените уставни и законски одредби Судот оцени дека со член 12 став 2 и 3 од Правилникот се уредуваат прашања што се однесуваат на условите за ограничување на слободата и положбата на повиканите лица, што се уредуваат или со Уставот или со Уставот и со закон , но не и со подзаконски пропис. Член 12 став 2 од Правилникот предвидува исклучок од забраната за барање изјава од повикано лице и тоа врз основа на барање на Јавниот обвнител, а не врз основа на судски акт во истражна постапка. Исто така, со член 12 став 3 од Правилникот се уредуваат услови за ограничување на слободата на граѓаните, што согласно Уставот, може да биде предмет на уредување само со закон. Притоа, Судот го има предвид фактот што член 12 став 3 од Правилникот е идентичен со член 142 став 3 од Законот за кривичната постапка, но тоа не е причина за релативизирање на уставните одредби. Поради тоа, Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на член 12 став 2 и 3 од Правилникот со член 12 став 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.8. Разгледувајќи ја одредбата од член 12 став 1 од Правилникот Судот оцени дека со неа не се регулираат прашања што засегаат во слободата на граѓаните, туку начин наспроведување на определени дејствија насочени кон осварување комуникација со граѓаните, чие уредување може да биде предмет и на подзаконски пропис, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со законот.

9. Во поглед на член 25 од Правилникот Судот утврди дека веќе ја оценувал неговата уставност и законитост и со решение У.бр.75/2000 од 18 октомври 2000 не повел постапка за оценување неговата уставност и законитост, затоа што со тој член само се овозможува приведување и предавање на воено лице на воената команда, што ја исполнува функцијата и на член 177 став 5 од Законот за кривичната постапка, почитувајќи ги условите за приведување пропишани со закон.

Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на член 25 од Правилникот, а не наоѓа причини за поинакво одлучување, одлучи во тој дел иницијативата да ја отфрли.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 на ова решение.

11. Ова решение во точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а во точката 2 и 3 едногласно во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами,  д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.6р.91/2001
24 октомври и 7 ноември 2001 година
С ко пј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов