У.бр.89/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јошевска Ангелина, адвокат од Битола за заштита на слободите и правата на лицата Златко Николовски, Коле Митровски, Аце Богдановски и Љупчо Стојковски, сите од Битола.

2. Јошевска Ангелина, адвокат од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на група граѓани од Битола.

Според подносителот на барањето повредата на слободите и правата била сторена на начин што Апелациониот суд Битола, во означената одлука, меѓу другото, ја преиначил одлуката на Основниот суд Битола Ро.бр.5/13 од 12 декември 2012 година, во делот на изреката за трошоците во постапката и ги задолжил тужителите (Златко Николовски, Коле Митровски, Аце Богдановски и Љупчо Стојковски) да му надоместат на тужениот општина Битола износ од 78.962,оо денари на име трошоци во постапката и износ од 18.560,00 денари на име второстепени трошоци, во рок определен со одлуката.

Со оглед на тоа што во означената одлука Апелациониот суд Битола, „застанал во одбрана на работодавецот“, кој не им исплаќал на наведените лица надоместоци од прекувремена работа, работа на празник и слично биле сторени повреди на членот 32 од Уставот, членот 106 и 117 став 4 од Законот за работните односи и колективните договори во кои биле предвидени соодветните надоместоци за прекувремена работа и работа за време на празник, како и човековите права загарантирани со Уставот.

3. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Во конкретниот случај на 4 јули 2013 година, со препорачана пратка, до Уставниот суд на Република Македонија е поднесено барање за заштита на слободите и правата од страна на Јошевска Ангелина, адвокат од Битола во име на лицата Златко Николовски, Коле Митровски, Аце Богдановски и Љупчо Стојковски, сите од Битола.

Во прилог на барањето за заштита на слободите и правата не беше приложено полномошно за застапување на интересите на странките во постапката пред Уставниот суд, од кои причини од адвокатот Јошевска Ангелина со допис У.бр.90/13 од 8 јули 2013 година Судот побара во рок од 5 дена по примеот на писмото да го отстрани утврдениот недостаток и да приложи уредно полномошно.

Во определениот рок Јошевска Ангелина, адвокат од Битола приложи 5 поединечно издадени полномошна од 25 мај 2012 година со идентична содржина, според која истата е овластена да достави тужба до Основниот суд Битола, да ги застапува странките по истата, да достави барање за извршување кај извршител, како и да ги презема сите процесни дејствија во текот на постапката.

Од содржината на секое поединечно полномошно произлегува дека во него не е содржано овластување за Јошевска Ангелина, адвокат од Битола да поднесе барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на Република Македонија и да презема дејствија во постапката пред Судот, која е одделна и различна постапка од онаа што се води пред редовните судови.

Поаѓајќи од содржината на цитираните одредби од Деловникот на Судот произлегува дека, полномошник во постапката за заштита на слободите и правата може да застапува само индивидуални права, но не и колективни (во име на петмина) како што е во конкретниот случај, а од друга страна полномошното за застапување на конкретно лице во постапката за заштита на слободите и правата мора да има конкретна содржина од која несомнено ќе може да се утврди јасно изразена волја за водење ваков вид постапка преку полномошник пред Уставниот суд на Република Македонија.

Спротивно на тоа, во постапката се прилагаат полномошна составени на 25 мај 2012 година, или една година пред поднесувањето на барањето пред Уставниот суд, во кои не е содржано овластување за преземање на било какви дејствија во постапката пред овој суд.

Оттуму, Судот оцени дека во името на Златко Николовски, Коле Митровски, Аце Богдановски и Љупчо Стојковски, сите од Битола не е поднесено уредно полномошно за поднесување барање за заштита на слободите и правата, како што е определено во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд и таквиот недостаток претставува процесна пречка за одлучување по барањето.

Врз основа на наведеното Судот одлучи барањето за заштита на слободите и правата да го отфрли согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2013
25 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски