Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Развигор Јосифов од Кавадарци, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, за кои смета дека му се повредени со Пресудата ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје со која е потврдена пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година.
2. Развигор Јосифов од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Во барањето се наведува дека во постапка пред надлежни органи со Пресуда на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година, одбиено било тужбеното барање на тужителот Развигор Јосифов против тужениот Јавно претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” Скопје, ШС “Бор” Кавадарци од Кавадарци, за утврдување на преземање на долг, која пресуда била потврдена со Пресуда ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје.
Барателот смета дека со погоре наведените судски одлуки, судовите сториле негова дискриминација по основ на социјална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот и ги прекршиле одредбите од членовите 8 алинеја 3, 9, 50 и 118 од Уставот и членовите 6, 13 и 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права, и бара овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на пресудата ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје со која е потврдена пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година и истите како противуставни и противзаконити, да бидат поништени. Ова од причини што судовите при оцената на доказите и одлучувањето, доказот-барањето бр. 03-726 од 19.08.2002 година, го примениле на негова штета, како тужител, а во корист на тужениот кое било јавно претпријатие во државна сопственост.
Во конкретниот случај, барателот Развигор Јосифов, смета дека судовите во Република Македонија го дискриминирале во однос на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” Скопје, ШС “Бор”, по основ на социјална припадност, на начин што при оцената на доказот-барањето 03-726 од 19.08.2002 година го примениле на негова штета, па со тоа го изгубил спорот. Според Развигор Јосифов судовите требало наведеното барање да го сметаат како договор за преземање на долг, иако таков договор помеѓу него и преземачот на долгот Луса М од Кавадарци, формално не бил склучен, но според Развигор Јосифов судовите требало сепак барањето да го прифатат како договор за преземање на долг бидејќи законот не ја пропишувал формата на договорот кој требал да биде склучен помеѓу должникот и преземачот, ниту пак пропишувал строга задолжителност на согласноста на доверителот за договорот за преземање на долг помеѓу преземачот и должникот, да биде во писмена форма од доверителот. Според барателот, помеѓу него и фирмата Луса М постоела согласност за преземање на долг, фирмата дала изјава дека се согласува, а одговорното лице во јавното претпријатие извршило префактурирање и компензација, па според барателот Развигор Јосивоф сето тоа било согласно со Законот за облигационите односи и погрешно судовите утврдиле дека во конкретниот случај не биле исполнети условите за преземање на долг поради тоа што немало изречна писмена согласност од јавното претпријатие за преземање на долгот (според барателот тоа не било неопходно).
Во барањето наведува и дека судовите не биле воедначени во одлучувањето по исти или слични тужбени барања, односно во некои предмети водени помеѓу други субјекти, судовите прифатиле неформален усмен договор, а не писмена согласност од доверител за преземање на долг. Приговара и на одлуката на кривичниот суд во Кавадарци К.бр.176/2005, потврдена со пресуда Кж.бр. 272/07 на Апелациониот суд Скопје, дека огласувајќи го за виновно одговорното лице во јавното претпријатие требале да ги поништат фактурите кои биле фактурирани кон правното лице Луса-М од Кавадарци, бидејќи така се постапувало во вакви случаи и биле поништувани правните работи кои биле резултат на кривично дело.
Со оглед дека барателот Развигор Јосифов не успел во споровите и надлежните судови одлучиле на негова штета, односно во корист на јавното претпријатие, а не обратно, тој смета дека тие сториле негова дискриминација по основ на социјална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот и ги прекршиле одредбите од членовите 8 алинеја 3, 9, 50 и 118 од Уставот и членовите 6, 13 и 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и бара овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на пресудата ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје со која е потврдена пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година и истите како противуставни и противзаконити, да бидат поништени. Со барањето предлага, овој суд да донесе решение за запирање на извршување врз недвижност согласно договор за хипотека, нотарски акт ОДУ. бр. 152/2002 од 21.06.2002 година.
3. Од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува дека барателот Развигор Јосифов од Кавадарци пред Основниот суд Кавадарци во својство на тужител против тужениот Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” Скопје, ШС “Бор” Кавадарци од Кавадарци водел спор во кој сакал да докаже дека тој не е во должничка обврска спрема тужениот туку друго правно лице, односно правното лице Луса-М од Кавадарци, но со Пресуда П.бр.166/10 од 30.06.2011 година, Основниот суд во Кавадарци го одбил неговото тужбено барање како неосновано, а по повод поднесена жалба од Развигор Јосифов, Апелациониот суд Скопје, со пресуда ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година, ја одбил жалбата како неоснована, а првостепената пресуда ја потврдил.
Постапувајќи по тужбата од Развигор Јосифов, првостепениот суд во Кавадарци утврдил фактичка состојба од која произлегувало дека Развигор Јосифов од Кавадарци во својство на купувач, на 05.06.2002 година со Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” Скопје, ШС “Бор” Кавадарци од Кавадарци во својство на продавач, склучил договор за регулирање на права и обврски околу купопродажба на техничка маса-трупци број 539 од 05.06.2002 година, а како гаранција за навремено плаќање на обврските, со нотарски акт ОДУ бр. 152/2002 од 21.06.2002 година бил заснован залог според кој Развигор Јосифов имал својство на должник, Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми”, својство на доверител, а хипотекарен должник бил таткото на Развигор Јосифов, Блажо Јосифов на чиј недвижниот имот-куќа било засновано заложното право кое било прибележано и во катастарската евиденција.
По склучувањето на договорот, Развигор Јосифов до Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” поднел барање број 03-726 од 19.08.2002 година со кое барал сите фактури кои се фактурирани за испорачани трупци на име Развигор Јосифов да се префактуираат на фирмата Луса-М од Кавадарци и натамошната испорака да продолжела на таа фирма. Постапувајќи по тоа барање, одговорно лице од Јавното претпријатие “Македонски шуми”, веќе фактурираната и испорачана стока на Развигор Јосифов ја префактурирал на правното лице Луса-М од Кавадарци, основано со решение Трег.бр. 3252/02 на 25.06.2002 година. Основач и овластено лице за застапување била сопругата на Развигор Јосифов, Елизабета Јосифова, а според подоцнежната состојба од Централниот регистар од 06.12.2010 година, основач и управител била ќерката на Развигор Јосифов, Василка Јосифова.
Во книговодствената евиденција на Јавното претпријатие “Македонски шуми”, биле споени двата картони за добавувачите Развигор Јосифов и фирмата Луса-М, со долг од вкупен износ од 1.734.429,50 денари. Со компензација број 53 помеѓу Луса-М-Кавадарци и Јавното претпријатие “Македонски шуми”, на 25.03.2003 година, било извршено плаќање на дел од долгот спрема “Македонски шуми”, на износ од 976.811 денари.
Во 2003 година, Развигор Јосифов водел спор спрема Јавното претпријатие “Македонски шуми” под П.бр. 630-03, за утврдување дека тој немал долг спрема Јавното претпријатие “Македонски шуми” по основ на договор за продажба на трупци број 339 од 05.06.2002 година и дека не постоело побарување на Јавното претпријатие “Македонски шуми” спрема Развигор Јосифов кое е обезбедено со засновано заложно право хипотека на недвижен имот врз основа на нотарски акт ОДУ бр. 152/2002 од 21.06.2002 година, како и да се утврдело дека побарувањето што Јавното претпријатие “Македонски шуми” го има од фирмата Луса-М, не било обезбедено со заложно право хипотека, врз основа на истиот нотарски акт, која парница Развигор Јосифов ја изгубил и била донесена правосилна пресуда со која погоре наведеното тужбено барање, било одбиено како неосновано. По правосилното завршување на парницата под П.бр. 630-03 во 2008 година, повторно било извршено префактурирање кај Јавното претпријатие “Македонски шуми” и долгот од правното лице Луса-М, било префактуриран на име на Развигор Јосифов.
Развигор Јосифов повторно водел спор пред Основниот суд во Кавадарци, во кој сакал повторно да докаже дека тој не е во должничка обврска спрема тужениот јавното претпријатие, туку правното лице Луса-М од Кавадарци, но со Пресуда П.бр.166/10 од 30.06.2011 година, Основниот суд во Кавадарци, го одбил неговото тужбено барање како неосновано. Против оваа одлука, Развигор Јосифов вложил жалба до Апелациониот суд во Скопје, побивајќи ја првостепената пресуда поради погрешно утврдена фактичка состојба, со наводи дека погршно првостепениот суд како решителен факт и доказ го зел барањето поднесено од Развигор Јосифов под број 03-726 од 19.08.2002 година и целосно му поклонил верба на неговата содржина, иако во него имало дополнително допишан текст.
По наоѓање на Апелациониот суд Скопје, ваквиот жалбен навод бил неоснован, а тоа од причини што самиот тужител Развигор Јосифов тоа барање го посочил како релевантен доказ и тужбеното барање го засновал на тој доказ, барајќи судот да утврдел дека тоа барање претставувало договор за преземање на долг. Второстепениот суд, ги ценел жалбените наводи, меѓутоа истите ги одбил како неосновани, со образложение дека правилно првостепениот суд оценил дека во конкретниот случај и покрај извршеното префактирирање и делумно извршеното плаќање на долгот со компензација од страна на фирмата Луса-М, не можело да стане збор за преземање на долг, со образложение дека од сите изведени докази не можело да се заклучи дека Јавното претпријатие “Македонски шуми” дал изречна согласност фирмата Луса-М да го преземе долгот на Развигор Јосифов.
Имено, околноста за извршеното плаќање со компензација, не можела да се прифати како претпоставка дека Јавното претпријатие “Македонски шуми” дал согласност за преземање на долгот, преќутно без изречна согласност, заради тоа што претходно долгот на Развигор Јосифов бил обезбеден со хипотека, која хипотека не преминала на новиот должник Луса-М од Кавадарци. Дека Јавното претпријатие “Македонски шуми”, не дал согласност произлегувало и од списите по кривичниот предмет К.бр. 176/05 на Основниот суд Кавадарци, каде со пресуда на Основниот суд Кавадарци К.бр. 176/05 од 18.04.2007 година, потврдена со пресуда на Апелациониот суд Скопје Кж.бр. 2027 од 18.10.2007 година, одговорното лице кај Јавното претпријатие “Македонски шуми”, кое извршило префактурирање без да биде воспоставенао заложно право врз фирмата Луса-М, кривично било гонето, огласено за виновно и осудено за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и осуден на условна казна затвор во траење од една година.
Жалбените наводи дека првостепениот суд при одлучувањето не го зел во предвид вештачењето на вештото лице Сашо Георгиевски под Св.бр. 80/2005 од 11.03.2005 година, извршено во кривичниот предмет К.бр.176/05, ниту вештачењето на дипломиран економист Катерина Најдановска во предметот П.бр. 630/03, во кое било утврдено дека во моментот на префактурирањето правното лице Луса-М, било солвентно, второстепениот суд оценил дека се неосновани од причини што утврдил дека првостепениот суд извршил грижлива и целосна анализа на сите докази и фактичката состојба ја утврдил ценејќи ги доказите посебно и во една севкупност при што ги имал во предвид сите вештачења, како и вештачењето извршено по конкретниот предмет П.бр. 166/10 од страна на вештото лице дипломиран економист Снежана Поповска од чие вештачење и појаснувањето кое таа го дала на рочиштето, судот констатирал дека писмена согласност од Јавното претпријатие “Македонски шуми” за преземање на долг немало. Фактот што во вештачењето на кое се повикувал Развигор Јосифов било утврдено дека во моментот на префактурирањето правното лице Луса-М било солвентно, не бил релевантен, при состојба кога во кривична постапка било утврдено дека тоа префактурирање било извршено без основ, поради што и одговорното лице во Јавното претпријатие “Македонски шуми” кое го извршило префактурирањето, со правосилна пресуда било огласено за виновно и осудено за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Исто така, неоснован бил жалбениот навод од Развигор Јосифов за погрешна примена на материјалното право, односно дека погрешно првостепениот суд го применил членот 434 од Законот за облигационите односи, односно не го применил ставот 3 од наведениот член и погрешно првостепениот суд прифатил дека во случајот не станувало збор за договор за преземање на долг, меѓутоа по наоѓање на второстепениот суд, ваквиот жалбен навод бил неоснован бидејќи второстепениот суд утврдил дека правилно првостепениот суд при донесувањето на својата одлука по правната работа, го применил и оценил наведениот член од Законот, бидејќи од изведените докази не можело да се извлече заклучок дека по повод барањето на Развигор Јосифов од 19.08.2002 година, Јавното претпријатие “Македонски шуми” дало изречна согласност фирмата Луса-М да го преземе долгот од Развигор Јосифов, при состојба кога долгот на Развигор Јосифов бил обезбеден со хипотека, а која хипотека не преминала на новиот должник-фирмата Луса-М од Кавадарци.
Оттука, не можело да се прифати дека Јавното претпријатие “Македонски шуми”, дал согласност за преземање на долгот, преќутно без изречна согласност, бидејќи префактурирање од име на Развигор Јосифов на име на правното лице Луса-М која ги примила фактурите и со извршена компензација била раздолжена за дел од долгот, не значело преземање на долгот, заради тоа што така прифатило одговорното лице во Јавното претпријатие “Македонски шуми”, кое за овие дејствија кривично одговарало за злоупотреба на службената положба и овластување. Од тие причини, кривично правното дејствие на тоа лице, судот оценил дека не можело да има правно дејство спрема Јавното претпријатие “Македонски шуми”, па оттука не можело да се смета дека Јавното претпријатие “Македонски шуми” дал согласност за преземање на долгот во состојба кога одговорното лице за преземените дејствија било кривично гонето и правосилно осудено.
Од погоре наведените причини Апелациониот суд Скопје, со пресуда ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2012 година, ја одбил жалбата на Развигор Јосифов како неоснована, а првостепената пресуда П.бр. 166/10 од 30.06.2011 ја потврдил.
Незадоволен од овие пресуди, Развигор Јосифов, на 15.06.2012 година, до овој суд, поднесува барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, со кое бара овој суд да утврди дека судовите во Република Македонија во конкретниот случај сториле дискриминација по основ на социјална припадност и ги прекршиле одредбите од членовите 8 алинеја 3, 9, 50 и 118 од Уставот и членовите 6, 13 и 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права, со барање овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на пресудата ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје со која е потврдена пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година и истите како противуставни и противзаконити, овој суд да ги поништи.
Барателот Развигор Јосифов, кон барањето приложува и се повикува на пресуди од водени постапки помеѓу трети лица пред надлежни судови, нагласувајќи дека правилно судовите одлучиле дека во тие спорови станувало збор за преземање на долг, наспроти неговиот случај, каде неправилно одлучиле по неговото барање. Се повикува и на одлука на Уставниот суд У.бр. 84/2009 од 10.02.2010 година, со која била утврдена дискриминација по основ на политичко дејствување, бидејќи надлежните органи, одбиле да прифатат и да ценат понуден доказ.
4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Развигор Јосифов во барањето наведува дека во граѓански спор пред Основниот суд Кавадарци и Апелациониот суд Скопје, во кој во својство на тужител тој барал да се утврди дека тој не е во должничка обврска спрема Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” Скопје, ШС “Бор” Кавадарци од Кавадарци, туку друго правно лице, судовите неправилно го ценеле и примениле доказот-барањето 03-726 од 19.08.2002 година, па со цитираните одлуки одлучиле на негова штета, односно го изгубил спорот кој го водел против јавното претпријатие. Тој смета дека ваквиот исход од постапката произлегувал поради тоа што тој како тужител бил физичко лице, а тужениот јавно претпријатие во државна сопственост, односно дека негативното одлучување било резултат на дискриминаторскиот однос на судовите спрема него како физичко лице во однос на јавното претпријатие кое било во државна сопственост. Наведува и дека со тоа судовите ги прекршиле одредбите од членовите 8 алинеја 3, 9, 50 и 118 од Уставот и членот 6-право на правична судска постапка, членот 13-право на реална жалба и членот 14-забрана за дискриминација од Конвенцијата за заштита на човековите права, и бара овој суд да ја преиспита уставноста и законитоста на пресудата ГЖ.бр. 5130/11 од 11.04.2011 година на Апелациониот суд Скопје со која е потврдена пресудата на Основниот суд Кавадарци П.бр.166/10 од 30.06.2011 година и истите како противуставни и противзаконити, овој суд да ги поништи.
Тргнувајќи од податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободи и права а согласно цитираната деловничка одредба од членот 52 од Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за мериторно впуштање и одлучување на овој суд по барањето за заштита на слободи и права.
Вo барањето, Развигор Јосифов како акти со кои смета дека се повредени неговите слободи и права, посочува одлуки на судови од кои тој не е задоволен. Понатаму, барателот смета дека дискриминацијата му била сторена со неправилна оцена на доказ и неправилна примена на одредба од закон, а сето тоа, поради неговиот статус како тужител-физичко лице, наспрема тужениот кое е јавно претпријатие во државна сопственост.
Меѓутоа, од содржината на барањето произлегува дека подносителот го користи основот “забрана на дискриминација по основ на социјална припадност” само како повод и правно оправдување на своето барање, без при тоа воопшто да даде било какво образложение на истото. Имено, барателот воопшто не наведува причини, факти и елементи кои би упатиле на потреба од анализа на евентуална дискриминација, односно елементи и докази за евентуално фаворизирање на тужениот со статус на јавно претпријатие во државна сопственост во однос на него како тужител со статус на физичко лице, односно елементи и докази од кои би можело да се утврди дека тој бил нееднакво третиран во однос на јавното претпријатие во судската постапка, па тоа резултирало со негативен исход на неговото барање и на негова штата, релевантни факти и докази во барањето, не се приложени, а аргументот за различниот социјален статус на странките во судската постапка, не претставува дискриминација по автоматизам.
Изразот дикриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаеви, што во секој случај треба да се докаже. Меѓутоа во конкретниот случај, од барањето не произлегуваат ниту факти ниту докази дека барателот, заради неговиот статус на странка-физичко лице, бил нееднакво третиран пред судовите бидејќи тужената страна била јавно претпријатие во државна сопственост. Оттука, околноста што барателот како физичко лице во постапките пред судовите не успеал во спорот, наспрема другата страна која успеала во спорот, а била јавно претпријатие во државна сопственост, според Судот, тоа не е аргумент за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната судска постапка и повреда на правото на правична судска постапка и право на ефикасен правен лек.
Имено, од содржината на барањето, произлегува дека тој не е задоволен од тоа како надлежните судови го ценеле и примениле доказот-барањето 03-726 од 19.08.2002 година, во граѓанскиот спор, односно не е задоволен што одлуките се на негова штета, а во корист на јавното претпријатие, а не обратно. Со овие наводи барателот всушност смета дека не бил еднакво третиран во однос на јавното претпријатие, а нееднаквоста ја извлекува од неуспехот во спорот, па со тоа било повредено неговото право на правична судска постапка и право на ефикасен правен лек.
Актите од кои барателот смета дека е дискриминиран по основ на социјална припадност, се епилог на водена судска постапка по конкретно барање во конкретна постапка, пред надлежни судови. Во случајов исходот на одлуките на судовите, произлегувал од оцената на сите приложени и прибавени докази, секој посебно и сите во целина заедно, така што неспорно од приложените судски списи произлегува, а и самиот барател тоа не го спори, дека доказот-барањето 03-726 од 19.08.2002 година, бил прифатен во доказната постапка, што значи на барателот не му било ускратено правото да прилага докази и да го докажува своето право, туку напротив приложениот доказ бил изведен во доказната постапка и ценет од страна на надлежните судови, но околноста дека барателот не успеал во спорот заради тоа што одреден доказ бил ценет на начин како што судовите сметале за потребно и правилно, тоа не прашање од уставна надлежност, па во оваа насока, несоодветно барателот се повикува на Одлуката на Уставниот суд по предметот 84/2009 од 10.02.2010 година, со која била утврдена дискриминација по основ на политичко дејствување, бидејќи надлежните органи, одбиле да прифатат и да ценат понуден доказ, што не е случај во судкиот спор кој го водел барателот.
Тргнувајќи од погоре наведеното, според Судот, во конкретниот случај, барателот само декларативно се повикува на заштита на слободи и права користејќи го основот “забрана за дискриминација по основ на социјална припадност”, само како повод и правно оправдување на своето барање, кое всушност е барање Судот да постапи на начин кој ги надминува неговите уставни надлежности. Поднесеното барање, во суштина претставува барање Уставниот суд, да се впушти во преоценување на доказ кои го извеле и ценеле судките органи во конкретна судска постапка, како и да се впушти во оцена на законитоста на конкретни акти судовите од кои барателот не е задоволен, што излегува надвор од рамките на надлежностите на Уставниот суд.
5. Имајќи го предвид претходно наведеното, во отсуство на аргументи, релевантни факти и докази за процесно постапување по барањето, Судот оцени дека во случајов барателот само формално се повикува на заштита на слободи и права, со цел да предизвика поинаков судски исход кој би бил во интерес на барателот, за што Уставниот суд не е надлежен арбитер од аспект на повисок инстанционен суд да одлучува за законитоста на конкретни акти на надлежни органи, да одлучува од аспект на воедначена судска пракса, односно не е надлежен да врши контрола на законитоста на работењето на органите, што претставува цел на подносителот на барањето, па од овие причини, во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки за овој суд да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.
6. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.88/2012
10 октомври 2012 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски