У.бр.88/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ тарифните ставови 1, 2, 3, 4, 6, 12 и 13 од Тарифата за висината на надоместокот за користење на услугите на Централниот регистар на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.103/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Слободан Димитров, адвокат од Битола, со решение У.бр.88/2002 од 23 април 2003 година, поведе постапка за оценување законитоста на Тарифата, означена во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за централниот регистар.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Тарифата се предвидува надоместоците за користење на услугите на Централниот регистар на Република Македонија да се наплаќаат според оспорената Тарифа.

Притоа, како прв вид на услуга од Централниот регистар е предвиден Заложниот регистар, односно износот од 2000,00 денари за конечен упис на пријавата.

Во овој вид на услуги се предвидени и услугите за конечен упис на пријавата, за привремен упис на пријавата, за продолжување на уписот, промени во уписот, издавање на соодветни исправи, бришење на уписот и сл. За секој вид од овие услуги е предвидена наплата на определен износ во денари.

Како втор вид на услуга во Тарифата, е предвиден Регистарот на права врз недвижности кој во себе опфаќа издавање и информација на физичко и правно лице, со посебен надомест за секое од овие лица.

Како трет вид на услуга во Тарифата е предвиден Регистарот на годишни сметки.

Во овој вид на услуги спаѓаат и оспорените тарифни стапки под број 12 и и број 13 кои предвидуваат плаќање на надомест од 1.200,00 денари за прием, издавање на потврда за поднесена годишна сметка, внесување во регистарот на годишни сметки и обработка на годишните сметки за мали, средни и големи субјекти.

Како четврт, а воедно и последен, вид на услуга е предвиден Регистарот на правни лица, кој во себе опфаќа давање потврда на правно лице – тековна сосотјба; давање на податоци од регистар на правни лица на дискета – тековна состојба; давање на потврда на правно лице – историјат; давање на податоци од регистар на правни лица на дискета – историјат и давање на податоци од регистар на правни лица.

Според ставот 2 на овој член од Тарифата за дејствата кои не се наброени во ставот 1 од овој член, ќе се наплатува паушален износ од 500,00 денари.

Членот 2 од Тарифата предвидува дека со денот на применувањето на оваа Тарифа, престанува да се применува Тарифата за висината на надоместокот на трошоците при користењето на услугите од Заложниот регистар.

Последниот член од Тарифата (односно членот 3) предвидува истата да почне да се применува од наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Согласно членот 15 од Законот за централен регистар (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2001), надоместокот околу користењето на податоци од Цен тралниот регистар, се утврдува со тарифа која ја донесува Владата на Република Македонија на предлог на управниот одбор на Централниот регистар.

Од оваа законска одредба произлегува дека законодавецот со упатна норма ја овластува Владата со тарифа да го утврди надоместокот за користењето на податоците од Централниот регистар.

Согласно членот 2 од Законот, Централниот регистар се основа како централна, информативна база на правни и друг вид релевантни податоци, кои согласно овој или друг закон се внесуваат во него.

Главата IV од овој Закон го уредува Делокругот на работа на Централниот регистар во кој спаѓаат: внесувањето на податоци, чувањето на податоци и користењето на податоци.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека Владата е овластена да ја донесе Тарифата за висината на надоместокот за користење на услугите од Централниот регистар на Република Македонија, односно дека таа (тарифата) е во функција на операционализација на законот.

Што се однесува до прашањето за внесувањето на податоците во Централниот регистар, што спаѓа во доменот на делокругот на неговата работа, Судот утврди дека е несогласно со закон да се наплаќа надомест за пружање на овој вид услуги.

Имено, според Судот, државата го создала Централниот регистар со цел да се создаде евиденција на недвижностите, а Регистарот, како таков, всушност претставува депо на податоци.

Со други зборови, според Судот Централниот регистар не е агенција на Владата на Република Македонија, туку е самостоен орган со својство на правно лице, а Владата може надоместокот околу користењето на податоци од Централниот регистар, да го утврдува со Тарифа.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека е несогласно со закон да се наплатува од правните и физичките лица за внесување на податоци што спроед законот е предвидено како нивна обврска и дека таа обврска треба да падне на товар на оној што ја создал, односно оној во чиј делокруг на работа таа спаѓа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.88/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов