У.бр.83/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стрезо Стрезовски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, а кои се повредени со Решение на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година.

Според наводите на барањето, кои се воопштени, непрецизни и недефинирани за кои слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот станува збор, подносителот на барањето бара Уставниот суд да ги заштити неговите „слободи и права како човек и граѓанин“ кои му биле повредени со Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година. Ова од причина што, според барателот, Судот не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 53 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012) „врз основа на мислењето дека тој добивал топлина со поминување на цевки и со топли ѕидови“.

Понатаму во барањето се наведува дека Уставниот суд немал надлежност да утврдува дали „тој“ (подносителот на барањето) добивал топлина со „поминување на цевки“ и со „топли ѕидови“. Со ваквата одлука на Уставниот суд, според барањето, биле повредени член 98 став 2 од Уставот, член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и правните норми прифатени кај сите „цивилизирани народи“.

Во барањето, најнапред, барателот дава хронологија на настаните на постапката пред Регулаторната комисија за енергетика, а потоа дава свое видување и коментар на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, поради што во целост барањето Ви се доставува заради изворно запознавање со неговата содржина, но во ниту еден момент подносителот на барањето не наведува ниту една повреда на слободите и правата кои Уставниот суд ги штити согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативи поднесени од Стрезо Стрезовски, Петар Баришиќ и Стамен Филипов, сите од Скопје, како и од Либерално Демократската Партија, под точка 2 од истото, не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за снабдување со топлинска енергија ,во целина и посебно на повеќе членови од истиот акт,а меѓу другото,и на членот 53 став 2.

Имено, Судот утврдил дека според член 53 став 1 од Правилата, во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според став 2 на истиот член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија. Согласно став 3 на овој член, доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

Со член 53 од Правилата се уредува исклучувањето од дистрибутивниот систем по барање на потрошувачите во колективни објекти. Така, во ставот 1 на овој член, се пропишува дека во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според ставот 2 на овој член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија, а согласно ставот 3 на овој член, доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

Во однос на прашањата за оценување на уставноста и законитоста на ставот 2 на оваа одредба, кои се покренуваат со иницијативите, Судот го имаше предвид следното:

Според член 28 став 2 точка 2 од Законот за енергетика, со Правилата за снабдување на топлинска енергија поблиску се уредуваат начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи.

Пазарот на топлинска енергија е уреден со главата IX од Законот (член 111 до член 121).

Според член 120 став 1 од Законот, потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за дистрибуција во подрачјето на кое е воспоставен систем за топлинска енергија имаат право на слободен избор од кој снабдувач ќе бидат снабдувани. Според став 2 на истиот член, снабдувачот со топлинска енергија, врз основа на отчитувањата на мерните уреди и отчитувањата на уредите за локално распределување од членот 119 став 4 на овој закон, врши фактурирање и наплата на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите по цена која се состои од просечната цена на топлинската енергија од членот 116 ставот 7 на овој закон за пресметковниот период определен во согласност со правилникот од членот 113 став 5 на овој закон, тарифата за користење на дистрибутивниот систем и надоместокот за снабдување со топлинска енергија.

Од анализата на наведената и останатите законски одредби, произлегува дека законодавецот пропишал право на слободен избор на потрошувачот од кој снабдувач ќе бидат снабдувани со топлинска енергија, врз база на склучен договор, што значи и право на потрошувачот да одбие да склучи договор, односно право да се исклучи од дистрибутивниот систем за снабдување со топлинска енергија. Во таа смисла. со Правилата е предвидена можност сите потрошувачи од исто мерно место, кои се лоцирани во ист објект на колективно домување, да се исклучат од топлификациониот систем за цела грејна сезона или за повеќе грејни сезони и истите, доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија, нема да бидат задолжени за надоместок на топлинска енергија (член 53 став 3).

Со Правилата е предвидена можност и поединечен потрошувач во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, по свое барање, да се исклучи од дистрибутнивниот систем, меѓутоа, во тој случај, се бара претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи во тој колективен објект (член 53 став 1). Исто така, се предвидува вака исклучените потрошувачи да плаќаат одреден надоместок за користење на топлинска енергија (член 53 став 2). Со иницијативата се поставува прашање дали овие исклучени корисници се оптоварени со обврска да плаќаат за услуга која не ја користат.

Во одговор на ова прашање, Судот ја имаше предвид спецификата на колективните објекти за домување, на која се укажува од страна на Регулаторната комисија за енергетика, во одговорот на наводите во иницијативите.

Имено, во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинсктата енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од прилкучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник

Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се овозможувало и поттикнувало монополското однесување и монополската положба на снабдувачот на топлинска енергија, спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, овозможувајќи му да наплаќа за услуги што воопшто не ги испорачува.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснива барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на цитираната уставна норма јасно произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои децидно и таксативно се набројани во истата, а кои конкретно се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Меѓутоа, според Судот, од содржината на барањето за заштита на слободите и правата воопшто не произлегува, односно не може да се утврди за каков вид на повреда се работи,односно дали се работи за повреда на слобода или некое право предвидено во цитираната уставна норма и истовремено не се наведени причините поради кои се бара некаква заштита.

Оттука, јасно произлегува дека во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Но, истовремено, според Судот не постојат основи за одлучување по барањето и во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, каде е предвидено дека, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Членот 51 од Деловникот на Уставниот суд предвидува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд. Меѓутоа,во конкретниов случај дискутабилно е дали во случајов актот на кој се повикува подносителот на барањето со кој се повредени правата на барателот,а тоа е Одлука на Уставниот суд која има дејство erga omnes, односно општо дејство и се однесува за сите граѓани, може да има третман на поединечен акт и со истата да е повредено некое право или слобода на поединец.

Според Судот, Одлуката на Уставниот суд не се однесува само на барателот и не претставува поединечен акт во смисла на член 51 од Деловникот и истата не може да претставува акт со кој би можело да се прифати повреда на некое право или слобода во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, поради што сметаме дека во конкретниов случај Уставниот суд нема надлежност во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, да одлучува по поднесеното барање.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.83/2013
11 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски