Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 септември 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 22 став 1 точка 4 во делот: „или по кој било основ е казнет за дискриминација“ од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 82/2010 од 7 јули 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 1 точка 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Собранието на Република Македонија го разрешува членот на Комисијата пред истекот на мандатот по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1).
Со Законот за спречување и заштита од дискриминација се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори (став 1). Според став 2 на овој член, за заштита од дискриминација се формира Комисија за заштита од дискриминација.
Според член 16 став 1 од Законот, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој работи во согласност со надлежностите утврдени со овој закон.
Согласно член 17 од истиот закон, Комисијата е составена од седум члена (став 1). Членовите на Комисијата ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од пет години, со право на еден повторен избор (став 2). Од редот на членовите именувани во ставот 2 на овој член Комисијата избира претседател со мандат од една година (став 3).
Според член 21 став 1 од Законот, членовите на Комисијата имаат статус на именувани лица.
Според член 22 од овој закон, Собранието на Република Македонија го разрешува членот на Комисијата пред истекот на мандатот по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ако:
1) сам го побара тоа;
2) поради смрт;
3) со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење професија дејност или должност;
4) со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација;
5) трајно ја загуби психофизичката способност за вршење на функцијата и
6) нестручно, пристрасно и несовесно ја врши функцијата.
Во однос на прашањето кое се покренува со иницијативата, за неуставноста на делот од одредбата од член 22 став 1 точка 4, според која член на Комисијата се разрешува пред истекот на мандатот ако по кој било основ е казнет за дискриминација, Судот имаше предвид дека според член 2 од Законот, заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.
Основите за дискриминација се утврдени во член 3 од овој закон. Така, според оваа одредба, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.
Според член 4 од Законот, овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единицата на локалната самоуправа, правни лица со јавно правни овластувања и правни и физички лица во областа на:
1) работата и работните односи;
2) oбразование, наука и спорт;
3) социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита;
4) правосудство и управа;
5) домување;
6) јавно информирање и медиуми;
7) пристап до добра и услуги;
8) членување и дејствување во синдикални, политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство;
9) култура и
10) други области определени со закон.
Анализата на наведените и на другите одредби во Законот укажува дека законодавецот ги утврдил основите за дискриминација, кои се јасно и прецизно наведени и кои опфаќаат широко определени сфери на општествено дејствување. Со Законот се утврдени и прекршочни одредби за лицата кои повикуваат или поттикнуваат на дискриминација, кои го повредуваат достоинството на одредени лица или создаваат заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика или кои ќе го доведат во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на било кој начин учествувало во постапката за дискриминација (член 42-45).
Според образложението на Законот, кривично правната заштита на било која форма на дискриминација е санкционирана со одредбите на Кривичниот законик и претставува казниво дело (Глава – Кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот). Така на пример, со одредбата на член 137 од Кривичниот законик (во образложението на Законот погрешно се наведува член 37 од Законот) утврдено е кривичното дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ во случај по било која основа да бидат дискриминирани граѓаните, при што за основното дело е определена казна затвор од три месеци до три години, а за квалификуван облик, доколку делото го стори службено лице во вршење на службата, се определува казна затвор од шест месеци до пет години. Со член 417 од Кривичниот законик (Глава – Кривични дела против човечноста и меѓународното право), утврдено е казниво дело „Расна и друга дискриминација“, а за сторителот на истото е пропишана казна затвор од шест месеци до пет години.
При вака утврдена правна и фактичка состојба, Судот оцени дека делот од одредбата од член 22 став 1 точка 4 од Законот, според која член на Комисијата се разрешува пред истекот на мандатот ако по кој било основ е казнет за дискриминација, не ги задоволува критериумите на јасна и прецизна одредба која обезбедува правна сигурност на граѓаните како елемент на уставниот принцип на владеењето на правото.
Од анализата на оспорената одредба од Законот произлегува дека казнетоста за дискриминација по било кој основ е основ за разрешување од функцијата член на Комисијата, без притоа јасно да се прецизира дека казнетоста треба да биде утврдена во спроведена судска постапка и со правосилна судска одлука за сторено кривично дело и без јасно определување на видот на изречената казна. Ова посебно поради тоа што Уставот, со одредбите од член 13 став 1 и член 14 став 1 ги утврдил двата принципа на казнено-правниот однос, и тоа прво, дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорениот дел од член 22 став 1 алинеја 4 од Законот, според Судот, во конкретниот случај станува збор за ограничување на правото на вршење јавна функција, по сила на одредбата на Законот, а не врз основа на правосилна судска одлука, што не е допуштено, поради што Судот оцени дека член 22 став 1 алинеја 4 во делот: „или по кој било основ е казнет за дискриминација“ од Законот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 , член 13 став 1, член 14 став 1, член 23 и член 51 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.82/2010
15 септември 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски