У.бр.74/2008-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 септември 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 98 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У. бр. 74/2008 од 9 јули 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 98 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008), затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека членот 98 од Законот за судовите е систематизиран во главата VII „Судска управа“, под насловот „Работа на судот во услови на штрајк“. Според став 2 на овој член, во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, јасно произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во судовите, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи, да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Врз основа на ваквата уставна определба, со Законот за судовите, со кој се утврдуваат основните начела врз основа на кои судовите ги остваруваат целите и функциите на судството, организацијата и надлежноста на судовите, изборот на судии и судии поротници, правата, обврските и имунитетот на судиите и судиите поротници, престанокот и разрешувањето од судиската функција, работите од областа на правосудната управа, работите од областа на судската управа, судскиот информатички систем, судската стручна служба, средствата за работа и работите на судската полиција, се уредува и работата на судот во услови на штрајк (Глава VII „Судска управа“). Согласно член 98 став 1 од овој закон, за време на штрајк на службениците во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок. Согласно став 2 на истиот член, во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.

Според Судот, утврдувањето на видот и обемот на работите кои се извршуваат во судот во услови на штрајк, е во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работа на судот заради заштита од штетни последици од поголеми размери, како на заедницата во целина, така и на одделни субјекти, при што, со тоа не се задира во правото на штрајк на службениците, туку се уредува начинот на остварување на ова право.

Според тоа, определбата дека за време на штрајк треба да се извршуваат итни и неодложни работи во судот, утврдени со закон, не значи ограничување на правото на штрајк на службениците во судот, затоа што правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право чие остварување може да го доведе во прашање остварувањето на другите со Устав гарантирани слободи и права на граѓаните, чие остварување е, исто така, грижа на државата.

Меѓутоа, определбата дека за време на штрајк се извршуваат и работите кои според природата на работата се нужни, без поблиско законско дефинирање на истите, според Судот, остава простор за арбитрерност од страна на судот при определувањето на овие работи, што Уставот не го дозволува, затоа што условите под кои се реализира правото на штрајк можат да се уредат со закон и со колективен договор, но не и со подзаконски акт.

Поради наведеното, Судот оцени дека членот 98 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот за судовите не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 38 и член 51 и од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.74/2008
10 септември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски